Македонија
(Видео) Шукова: Преку БРТ-системот јавниот превоз во Скопје ќе го решиме до средината на 2028
Јавниот превоз во Скопје е една од клучните слабости на Градот. ДПМНЕ и Арсовска ветуваа нови еколошки автобуси, бесплатен јавен превоз и ред во јавниот сообраќај. Денес, нема нови автобуси, а постојните се стари, нечисти, доцнат премногу, а некогаш и не доаѓаат воопшто. Дел од приградските линии се укинати или нередовни. Градскиот јавен транспорт е крајно небезбеден и во колапс, вели Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Скопје и потпретседателка на СДСМ.
Шукова додава дека решавањето на јавниот превоз не смее да доцни ни ден повеќе.
Тоа, како што додава, е услов за квалитетн живот на сите кои живеат во Скопје.
„И на тие што се возат и на тие што не се возат. На сите ни треба помалку метеж, добро поврзани општини, побрз, безбеден и одржлив јавен транспорт, транспорт кој не ги труе граѓаните на Скопје.
Решението за ова постои а јас, заедно со Градот ќе го реализирам. Како Градоначалничка на Скопје, итно ќе започнам со реализација на проектот БРТ, кој ќе обезбеди нова модерна мрежа на урбаниот транспорт во Скопје, преку коридори кои се резервирани само за автобуси. Проектот вклучува и набавка на нови еколошки автобуси и ревитализација на две депоа за автобусите“.
За ова, како што рече, одамна се обезбедени 40 милиони евра од Европската банка за обнова и развој.
„Нема веќе чекање и одлагање! Со силна одлучност, заради потребата на секој граѓанин на Скопје, гарантирам дека до средината на 2028 година, скопјани, од Ѓорче Петров, преку Центар до Ново Лисиче во Аеродром ќе се возат со првата линија на БРТ системот за само половина час, брзо и навреме – без доцнења, без гужви, безбедно. БРТ обезбедува линија од 13 км во една насока, со 21 автобуска постројка и 2 терминали, со 29 автобуси, за неверојатен број од 65.000 патници на ден“.
Шукова нагласи дека ќе се работи и на втората линија север – југ, но и на набавка на нови еколошки автобуси за останатите сообраќајни линии низ Скопје, со што, истакна таа, постојните стари и неефикасни автобуси ќе бидат целосно заменети.
Потенцира дела БРТ е решението позади кое стои и кое драстично ќе ја подобри состојбата со автобускиот превоз во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Градоначалничката на Кисела Вода почнува со приемни денови за граѓаните
Во насока на транспарентно и отчетно работење и со цел директна комуникација со жителите, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, од оваа сабота започнува со приемни денови за граѓаните.
Како што информира општината, на овој начин се воспоставува отворен и непосреден контакт со жителите, што ќе овозможи поефикасно решавање на нивните проблеми и унапредување на квалитетот на живот во општината.
Приемните денови ќе се одржуваат во просториите на Општина Кисела Вода. Заинтересираните граѓани можат да ја закажат средбата секој работен ден, од понеделник до петок, во периодот од 08:00 до 16:00 часот, на телефонскиот број 02/2785-401.
По пријавувањето, граѓаните ќе бидат дополнително известени за точното време на нивната средба.
Македонија
Алиу: Ќе се интензивираат процесите на дигитализација и во сегментот на фармацевтските услуги
Министерот за здравство, Азир Алиу, денес одржа работна средба со претседателката на Фармацевтската комора, Весна Ставрова и претседателката на Здружението на приватни аптеки, Џоана Андоноска.
На средбата, министерот ја потенцираше дигитализацијата како еден од главните приоритети во сите сегменти на здравствениот систем, вклучувајќи ја и фармацијата.
– Нашата заложба е континуирано унапредување на условите и воведување нови методи во јавните здравствени установи, како и нови услуги во аптеките. Исто така, посветено работиме на дигитализацијата во здравството и еден од приоритетите во следниот период ќе биде интензивирање на овие процеси и во сегментот на фармацевтските услуги и развој на институционалната поддршка за зајакнување на професионалната комуникација меѓу фармацевтите и матичните лекари – порача министерот Азир Алиу .
Активно се работи и на проширувањето на позитивната листа од тимовите на Министерството за здравство, комисијата за позитивна листа која ги разгледува и оценува апликациите од фармацевтските компании, како и Фондот за здравствено осигурување. Неодамна беше промовиран и нов модул за електронско поднесување барање за лек на позитивна листа, со кој ја започнавме дигитализацијата на постапката за ставање нов лек на позитивната листа.
Македонија
Гаши со амбасадорот на Саудиска Арабија: Потребна е поблиска економска соработка меѓу двете земји
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со Фаисал Гази Исмаил Хифзи, нерезидентен амбасадор на Кралството Саудиска Арабија за Република Северна Македонија.
Претседателот Гаши потенцираше дека особено ја цени улогата на парламентарната дипломатија, клучен механизам за продлабочување на билатералните односи и затоа ја реафирмираше потребата од поблиска соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и парламентот (Шура) на Кралството Саудиска Арабија. Тој истакна дека во Собранието во неколку последователни мандати се формира Пратеничка група за соработка со парламентите од земјите на Блискиот Исток и Арапскиот Залив.
Амбасадорот Фаисал Гази Исмаил Хифзи истакна дека во иднина очекува акцентот на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Кралството Саудиска Арабија да биде ставен на зајакнување на економската соработка со потпишување на повеќе билатерални договори во областа на инвестициите, слободната трговија и цивилната воздушна пловидба.
Двајцата соговорници искажаа големо задоволство од средбата и истакнаа дека пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнуваат и унапредуваат доколку се олесни визната политика меѓу двете држави.

