Македонија
(Видео) Јанушев: МВР на Спасовски преку тендер набавува гуми за возила двојно поскапи отколку во салон

МВР на Оливер Спасовски склучило договор според кој за една гума за возило ќе ја плаќа и двојно поскапо отколку што секој еден граѓанин би платил кога купува иста таква гума, обвини пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
„ Вообичаено логиката кај тендерите и набавките на големо е цената што ја плаќа една институција да биде далеку помала од цената на истиот тој еден производ во малопродажба, но овде не само што цената не е помала, туку е двојно поголема.
Имено, со договорот тежок речиси 1.5 милиони евра, кој МВР го склучила со фирмата „Пнеуматик груп“ ДОО Скопје. Една гума со димензии 215/70 R 16 – 4X4 од брендот односно модел SAILUN ICE BLAZER ALPINE – EVO МВР ја плаќа 8.700,00 денари без ДДВ, додека иста таква во продажба на мало чини само 3.660 денари.
Еве и еден друг пример, гума со димензии 215/65 R16, од брендот односно модел SAVA ESKIMO HP2, МВР ќе ја плаќа 8.950,00 денари без ДДВ, додека иста таква гума секој еден граѓанин може да купи по цена од 4.065 денари“ изјави тој.
Според него, ако се тргне по логиката дека и специјализираните продавници и салони за автомобили имаат заработка при продажба на гумите за возила, тогаш се доаѓа до заклучок дека од набавката на МВР има 750.000 евра повеќе од нормалната заработувачка, односно, како што рече Јанушев, пари кои државата непотребно ќе ги плати, а ќе завршат во нечиј џеб.
„ Прашањето е каде треба да заврши разликата од 750.000 евра? МВР на Спасовски доколку работи според јавниот интерес, а не за личните интереси цени ќе го применеле член 114, став 1, алинеја 4 од Законот за јавни набавки, во кој е наведено дека понудата се одбива како неприфатлива во случај да: „Понудувачите понудиле цени и услови за извршување на договорот за јавна набавка кои се понеповолни од реалните на пазарот”.
Комисијата за јавни набавки на МВР претходно во друга постапка за истата ваква набавка, ја има поништено постапката со токму вакво образложение за повисоки цени, но за понуда поднесена од друга фирма. Во таа постапка, Комисијата има вршено истражување и анализи на цените на движењето на пазарот. Овој пат според информациите кои дојдоа до нас под притисок на помошник министерот Андријана Савеска Павловска, таква анализа не е направена“, истакна Јанушев.
Тој нагласи дека фактите и информациите кои ги презентирал се доволен повод ЈО да отвори истрага и да го испита случајот.
„ Не смее со пари на граѓаните да се плаќаат набавки двојно поскапи од пазарните цени. Ова е чист грабеж кој мора да се санкционира, а одговорните да одговараат. 4 години власт на Заев, 4 години грабежи. 4 години украден живот“, заклучи Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски на средба со шефот на ОБСЕ Вал: Владата не е реформска и не решава проблеми

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски денеска оствари средба со Шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија Килијан Вал.
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба и евроинтегративниот процес на државата.
Претседателот Мицкоски информираше за предизвиците со кои се соочува Македонија на политички и економски план, како и дека треба поголема подготвеност и енергичност во решавање на проблемите која што не се гледа кај актуелната власт.
Македонија оваа година претседава со ОБСЕ и таа треба да биде пример, а владата треба да оддаде поголема посветеност на безбедносните прашања, особено затоа што во изминатиот период видовме големо занемарување во тој поглед.
Претседателот Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е активно посветена, но не гледа суштински реформи и сериозен пристап од страна на власта, па така државата е на врвот на листата на корупција, бизнис климата е нарушена, има партизација на јавната администрација и голема недоверба на судството, а не се споделуваат ниту европските вредности од страна на власта.
Соговорниците се согласија да се продолжи со натамошна соработка.
Македонија
Средба Џафери – Гир

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, потпретседателите Горан Мисовски и Хусни Исмаили и координаторите на пратеничките групи застапени во Собранието, Јован Митрески, Никола Мицевски, Арбер Адеми и Сурија Рашиди одржаа работна средба со амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.
На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во Собранието, парламентарниот дијалог, работата на ЕУ-агендата и динамиката на усвојувањето на законите, вклучувањето на Собранието во скрининг-процесот и напредокот на дијалогот „Жан Моне“, а соговорниците се осврнаа и на уставните измени.
Заеднички беше оценето дека градењето доверба и добрата соработка меѓу партиите во Собранието не е важна само за успешна реализација на реформите врзани со евроинтеграцијата, туку дека и оваа соработка е важна бидејќи ја обликува политичката култура во земјата.
Беше договорено вакви средби да се одржуваат на редовна основа со цел да се разгледа одблиску напредокот на државата на патот кон Европската Унија.
Македонија
Муцунски на работна средба со претставници на Стејт департментот: Потврдени одличните билатерални односи помеѓу Македонија и САД

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, од вчера престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави. Во рамките на посетата тој оствари работна средба со високи претставници на Стејт департментот.
„Во рамките на средбата со Стивен Џи, директор во Директоратот за јужноцентрална Европа, и Бенсон Сивек, офицер, кој е одговорен за Македонија, ги потврдивме одличните билатерални односи помеѓу нашата држава и САД, кои неопходно е во иднина да продолжат да се надградуваат во духот на стратешкото партнерство помеѓу двете земји“, напиша Муцунски во својата фејсбук-објава.
Муцунски во својата објава потенцира дека на средбата ја нагласил заложбата на ВМРО-ДПМНЕ за итни и темелни реформи во правосудниот систем, но и забрзан економски развој како одговор на тешката економска состојба во државата и високото ниво на криминал и корупција.
Во следните неколку дена тој ќе оствари средби со членови на Конгресот, високи претставници на меѓународните организации и ќе присуствува на националниот молитвен појадок, кој ќе се одржи утре во Вашингтон.