Македонија
(Видео) Ќе се забрануваат пластични ќеси, ќе се воведе еколошки дизајн на пакувањата

„Соочени со бројните долгогодишни предизвици во животната средина во време на пандемија, се фокусиравме на воведување политики кои ќе обезбедат подобра имплементација на еколошките стандарди и заштита на нашата околина, но и преземавме конкретни мерки за обезбедување на правото на здрава животна средина на секој граѓанин“, изјави министерот Насер Нуредини давајќи отчет за работата на Министерството за животна средина и просторно планирање во првите 100 дена од новата Влада.
Тој посочи дека до Собранието се поднесени измени на девет закони од областа на животната средина, во кои се предвидени до дваесет пати повисоки казни за загадувачите, и дополнително со новиот Закон за прекршоците е предвидено е секој што ќе ги прекрши законите од областа на животната средина или нема да работи согласно дозволите, покрај тоа што ќе мора да ја плати казната, ќе треба да ја надомести и сторената штета.
Подобрувањата на регулативата и построгите стандарди главно се фокусирани во три клучни области: рамковниот закон за животна средина, на воздухот и на отпадот.
„Со предложените измени на Законот за животна средина создадовме алатка за справување со историското загадување и жешки точки во државата преку утврдување на методологија за идентификација и систем за ремедијација на историското загадување и жешки точки, со конкретни обврски за ремедијација и со пропишување на содржината на планот со кој истата ќе се спроведува согласно светските стандарди. Дополнително, се утврдија нови надоместоци за животна средина според испуштените емисии, заради стимулирање на еколошки возила. Истовремено, изготвивме и доставивме до Собранието и измени на Законот за квалитет на амбиентниот воздух со кои се утврдија критериуми и донесување на листа на општини кои ќе мораат да изготват планови за чист воздух за своите граѓани. Дополнително, согласно ЕУ-законодавството, се пропиша обврска за донесување краткорочни акциски планови во периодите кога имаме високи концентрации на загадување во одредени општини, кои ќе мора да бидат одобрени од Министерството за животна средина и просторно планирање и да содржат конкретни задолжителни мерки кои се однесуваат на транспортот, индустријата, ранливите групи, работното време и така натаму. Доколку општините не ги спроведат овие мерки, Владата ќе може да предвиди стапување на сила на вакви рестрикции не само како препораки, туку како наредби“, потенцираше Нуредини.
Започнати се и нови активности чии резултати во претстојниот период ќе бидат видливи за јавноста. Меѓу нив се законските решенија за кои веќе се изработени нацрт-верзии и за кои ќе следи процес на јавна консултација: нов Закон за природа, Закон за контрола на индустриски емисии и Закон за инспекција во животната средина. Како мошне важен исчекор на Министерството, во поставувањето на повисоки еколошки стандарди во државата, според Нуредини, е изработката на сетот на шест нови закони за управување со отпадот, со кои комплетно ќе се имплементираат принципите на циркуларна економија во управувањето со отпадот. Предлог-законите се веќе во владина постапката и во најкус можен рок ќе бидат испратени во Собранието.
Суштинските придобивки, како што нагласи министерот за животна средина, сè што ќе се зајакнат обврските за производителите и колективните постапувачи, како и општините за да се обезбеди потребното селектирање на отпадот. Се воведува хиерархија во постапувањето со отпадот, утврдување статус на секундарните суровини и укинување на статусот на отпад за производите кои можат да се реискористат, рециклираат и преработат за да не завршуваат на депониите.
Се воведува финансиска одговорност за производителите на пакување, батерии и акумулатори, електричен и електронски отпад, како и сосема нови текови на отпад со искористени возила, отпадни масла, отпадни гуми и текстил. Предвидена е забрана за пластични ќеси, еколошки дизајн на пакувањата и можности за кауција и стимулација на повратна амбалажа.
Одговорноста за целиот финансиски циклус на отпадот од посебните текови од производство до рециклажа е на производителот, а на граѓаните останува селекцијата на отпадот. Општините заедно со колективните постапувачи имаат јасни обврски за овозможување на оваа услуга на сите граѓани.
Во делот на планските и стратешки политики, во првите сто дена, МЖСПП изработи Национален план за управување со отпад за периодот 2020-2030 и го заврши процесот на стратегиска оцена на животната средина на Планот. Исто така се изработи и нова Методологија за изработка на просторни планови во Република Северна Македонија, како подготвителна активност и почната е изработка на новиот современ и дигитализиран Просторен план на РСМ, со јасна визија за влијанијата на климатските промени за наредните 20 години.
Сериозен прогрес е постигнат и од аспект на климатските заложби, па така, покрај изработката на првата работна верзија на нацрт-законот за климатска акција кој наскоро ќе започне да се разгледува во пошироки консултации во работни групи, доставен до Владата е и Трет двогодишен извештај за климатски промени и Ревидиран Национален утврден придонес кон Договорот од Париз со зголемена амбиција при што како држава ќе се обврземе за до 51% редукција на стакленичките гасови до 2030 година. Со изработка на овие плански документи РСМ е далеку понапред од соседните држави, па дури и од некои држави членки на ЕУ.
„Исклучително сум горд што како Влада, на наша иницијатива, во првите сто дена прогласивме ново заштитено подрачје во државата. Осоговските Планини станаа заштитен предел со што на национално ниво процентот на заштитените подрачја се зголеми за 1,9 %, и обележавме значаен придонес во исполнување на Аичи целите на Конвенцијата за биолошка разновидност и препораките на ЕУ Директивите за живеалишта и птици“, рече Нуредини.
Покрај тоа, беше изготвен е нацрт-закон за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, и комплетиран процесот на консултација со јавноста. И покрај предизвиците поради пандемијата, експертскиот тим и секторите на Министерството направија напор преку сите електронски канали за комуникација, медиумски презентации, отворени телефони и низа теренски активности и состаноци, да обезбедат учество на јавноста во креирањето на предлогот. Во тек е разгледување на пристигнатите коментари од голем број различни засегнати страни и теренски активности и дополнителни средби за усогласување и добивање финален, усогласен предлог-закон кој ќе ги обезбеди барањата пред сè од локалното население.
Во информирањето за работата во првите 100 дена, министерот Нуредини реферираше и за активностите што се преземени во однос на трендот на намалување на водостојот на Преспанското Езеро, што веќе, за жал, достигнува алармантни размери, потенцирајќи дека централната и локалната власт, заедно со стручната јавност со ова прашање се занимава од почетокот на годината на национално и меѓународно ниво.
„Во првите сто дена од новиот мандат јас остварив и директни средби и телефонски разговори со ресорните министри и високи претставници на Албанија и Грција заради започнување на работата на трилатералниот Преспа парк комитет и работните групи. Но, она за што сум посебно благодарен и горд е тоа што Експертската работна група за спас на Преспанското Езеро, со претставници од надлежните институции, академијата и невладиниот сектор ја заврши нашата домашна задача. Со исклучителен и студиозен напор Експертската работа група пристапи кон изработката на итен акционен план со мерки и приоритетни активности поради намалувањето на нивото на водата во Преспанско Езеро, прдружен со финансиска конструкција за имплементација на краткорочните и среднорочните документи. Планот е во владина процедура на усвојување, и сите документи се достапни за јавноста на нашата веб-страница. Искрено се надевам дека имплементацијата ќе почне во најкус можен рок, и дека ќе успееме да ги намалиме антропогените притисоци врз оваа клучна жешка точка на биодиверзитетот, која ги трпи последиците од климатските промени, природните циклусни осцилации, но и често пати неодговорното однесување на човекот кон природата“, рече Нуредини.
„Со силна верба дека со поставување повисоки еколошки стандарди и дека со заеднички сили во поддршката, примената и контролата на исполнување на истите ќе успееме да ја зазелениме нашата држава и да обезбедиме здрави животни услови за сите нас. Потребно е многу мало невнимание за деградирање на животната средина, а многу време и посветеност за нејзино враќање во живот.Апелирам за вклученост и придонес на сите во борбата со загадувачите, во заложбите на институциите и во остварувањето на целите за одржлив развој. Зелениот развој е возможен, само бара одговорност од сите“, порача Нуредини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Демократски сојуз: Езерото Треска е на скопјани

Демократскиот сојуз бара Советот на Град Скопје и градоначалникот на Скопје да ги преземат сите законски мерки за да спречат Езерото Треска да се одземе од граѓаните на Скопје. Од партијата велат дека езерото е градено со самопридонес на граѓаните на Скопје и никој друг нема право да располага со него.
„Воедно ја повикуваме и Владата да ги активира државните институции за да спречат уништување на езерото и претворање на истото во градилиште и профит на урбаната мафија. Независно какви сè постапки се спроведени, граѓаните на Скопје на референдум одлучија да се гради, за тоа платија и никој друг на смее локацијата да ја пренамени и да ги лиши граѓаните од рекреативен центар толку потребен на сите“, соопшти ДС.
Македонија
Нови интерактивни табли во битолските основни и средни училишта

Во текот на вчерашниот и денешниот ден, во дел од основните и средните училишта во општина Битола комплетно беа поставени нови 10 интерактивни табли, за осовременување на наставниот процес.
Со средства од Општина Битола во вредност од над 630.000 денари ,интерактивни табли заедно со проектори, добија основните училишта „Александар Турунџев“, „Елпида Караманди“, „Крсте Петков Мисирков“, „Стив Наумов“, „Трифун Пановски“ и „Кирил и Методиј“, како и средните општински училишта „Ѓорѓи Наумов“, „Д-р Јован Калаузи“ и „Јане Сандански“.
Со овие интерактивни табли значително се подобруваат условите за квалитетна настава, се унапредува квалитетот, практичноста и видеокомуникацијата.
Македонија
Фити: Реформите не смеат да се одложуваат

Реформата на основното образование треба да почне со радикално преиспитување на наставните содржини по одделни предмети и од нив треба да се исфрли сè што е несуштинско и да се фокусираат на битните, трајните работи, рече академик Таки Фити по денешната дебата на членовите на Одделението за општествени науки на МАНУ и на Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ со претставници на МОН, Бирото за развој на образованието и на работната група што ја изготви концепцијата за основно образование.
„Не можеме да ги отфрлиме фактите. Учениците мора да знаат факти, бидејќи науката се гради со факти, но тоа не е куп на факти, туку факти коишто се меѓу себе поврзани, причинско-последичните врски, критичко размислување во логична и конзистентна целина. Без тоа не можеме. Поврзување на работите, односно имплементирање на она што во тие национални стандарди, како што ги вика стратегијата, е означено како претприемништво. Но, не претприeмништвото како предмет, претприемништвото како филозофија на размислување и на однесување. Гледање на можности, откривање можности, искористување можности. Од најмали нозе тоа треба да се прави“, рече академик Фити.
Фити посочи дека сите се согласиле дека реформите во основното образование се императив.
„Реформите не смеат да се одложуваат затоа што многу лошо стоиме и во поглед на длабочината на знаењата и во поглед на опсегот, значи и во поглед на квантитетот и квалитетот на знаења на нашите основци, споредени со оние на нивните врсници во високоразвиените земји, членки на ОЕЦД, и тука постојат факти, постојат меѓународни мерења коишто тоа апсолутно го потврдуваат и тој јаз има тенденција да се проширува. Затоа со реформи треба веднаш да се почне“, посочи академик Фити.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија1 месец
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира
- Македонија1 месец
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот