Македонија
(Видео) Kузеска до ВМРО-ДПМНЕ: Одговорете кој ги нарача скандалозните помилувања на наркобосовите
Скандалозните помилувања на криминалци и нарко босови власта се обидува да ги заташка со апсење на веќе помилуваниот бос на кланот Барон и со класичен театар пред јавноста, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција.
СДСМ наостро ја осудува, како што ја нарече, оваа фарса на ВМРО-ДПМНЕ и претседателката Сиљановска-Давкова.
„Наместо одговорност за скандалозните помилувања, ДПМНЕ и Сиљановска се обидуваат со театрални потези да го смират гневот на јавноста и да избегнат од одговорноста. Претседателката лично ги потпиша одлуките за помилување на криминалци и членови на нарко-кланови, лица кои беа осудени за тешки кривични дела. Ако згрешиле членовите на комисијата за помилување, зошто Сиљановска не ги разреши? Таа не може да се крие зад Комисијата за помилување. Сиљановска го има последниот збор, таа ја носи одлуката и затоа мора да одговори зошто ги ослободува овие лица“, изјави Кузеска.
Рече дека СДСМ со денови барало повлекување на срамната одлука и предупредуваше дека криминалците кои ги ослободи Давкова претставуваат закана за јавната безбедност на граѓаните. Според партијата, тоа што еден од помилуваните, поврзан со нарко-кланот „Барон“ вчера беше уапсен веднаш по неговото ослободување под сомнение за обид за убиство, е обид на МВР да го покрие скандалот со помилувањата и да ја намали штетата од катастрофалната одлука.
„Власта на ВМРО-ДПМНЕ-ЗНАМ и ВЛЕН е во договор со криминални структури со што директно се загрозува безбедноста на граѓаните. Сиљановска-Давкова има обврска да излезе пред граѓаните и да ги презентира сите информации, документи и мислења, на Комисијата, на Министерството за правда, на сите кои и биле презентирани и да одговори на клучното прашање: Зошто токму овие лица, опасни криминалци беа изборот да се помилуваат? Кој го нарача ослободувањето на криминалците и нарко босовите? ВМРО-ДПМНЕ и Сиљановска – Давкова имаат обврска да излезат пред граѓаните и да одговорат на овие прашања, затоа што тоа и го должат на јавноста“, рече Кузеска.
Партијата повика на одговорност за помилувањата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанкулоска: Борбата за правда продолжува, се надевам дека ќе се утврди кој го вршел прислушкувањето
Задоволна сум од денешната одлука, но борбата за правда ќе продолжи, вели Гордана Јанкулоска поранешната министерка за внатрешни работи, во врска со пресудата на Основниот кривичен суд во случајот „Тврдина“.
Таа во објава на социјалните мрежи додава дека борбата за правда продолжува и изрази надеж дека граѓанската постапка ќе донесе разрешница за масовното прислушување.
„Календарски помина речиси една деценија, а како да поминаа три животи на некој што доживеал длабока старост. Само семејството и релативно мал круг блиски луѓе и пријатели знаат како изгледаа овие години.
Задоволна сум од денешната одлука на судот кој ги уважи нашите аргументи. Без оглед што во кривичната постапка не се утврди виновникот за масовното прислушкување, што мене како една од најголемите жртви на овој монструозен чин и на моето семејство од корен ни ги промени животите и ни нанесе ненадоместлива штета, борбата за правда прододолжува и се надевам дека ако не во кривична постапка, тогаш во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушкувањето“, пишува Јанкулоска.
Македонија
Забрани за тешки моторни возила на неколку патни правци, врнежи од снег со променлив интензитет се бележат низ целата држава
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на дежурните екипи на ЈП Македонија Пат. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат низ целата држава.
Од 11:00 часот на патниот правец Тетово – Попова Шапка, воведена е забрана за движење на тешки моторни возила и автобуси.
Активни забрани за тешки товарни возила има на патните правци:
Гостивар – Маврово – Дебар; Гостивар – Стража – Кичево; Струмица – Берово; Пресека; Ѓавато; Плетвар; Тетово – Попова Шапка (за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема)
AМСМ информира за дека се укинати забраните за тешки товарни возила на патните правци:
· Делчево – Г.П. Делчево
· Струга – Г.П. Ќафасан
Од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
„Вреди“: Срамот и деградацијата не се во нашиот двор, туку кај ДУИ, каде што манипулацијата и клеветата станаа политичка доктрина
Следејќи ја вообичаената пропаганда, ДУИ уште еднаш докажа дека е мајстор за манипулации и ниски клевети, во очајнички обид да го оттргне вниманието од сопствените неуспеси, велат од коалицијата „Вреди“.
Додаваат дека остануваат силно на страната на албанските национални интереси, секогаш бранејќи го правото на Република Косово како независна и суверена држава.
„Обидите на „Вреди“ да му се припишат непостоечки ставови се залудни и неосновани. Вреди не негира дека Иван Стоилковиќ е претставник на Србите, тој е нивен претставник и ние не се обидуваме да го претвориме во Албанец, а уште помалку да го натераме да размислува како Албанец, но разликата меѓу нас и ДУИ е дека тие самоинициатевен остана дел од Отворен Балкан, иницијатива која никогаш не ја призна Република Косово. Потсетуваме дека првата средба на премиерот Христијан Мицкоски беше со премиерот Албин Курти. За оние кои не знаат, но треба да знаат: „Вреди“ не прифаќа, ниту пак користи терминологија што го нарушува суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово“, посочуваат во реакцијата од страна на оваа коалиција.
Според нив, наместо да ги клевети другите, би било добро ДУИ да се погледне себеси во огледало и да ја разгледа нивната сомнителна позиционираност во однос на националните интереси.
„Вреди“ како што велат, останува верен на своите принципи и е посветен на искрена и чесна меѓуалбанска соработка, отфрлајќи секаква форма на компромис на штета на албанскиот народ. Албанците се свесни кој достоинствено ги застапува и кој им служи на личните и партиските интереси.
„Срамот и деградацијата не се во дворот на „Вреди“, туку таму каде манипулациите и клеветите станаа политичка доктрина“, се додава во напишаното.