Македонија
Витанов: Нема реално зголемување на платите, Владата наликува на „ДПМНЕ 2“
Нема реално покачување на просечната плата во Македонија, освен номиналното. Економистот Зоран Витанов вели дека информацијата што ја соопшти министерот за финансии, Драган Тевдовски, дека просечната плата е качена на максимални 24 025 денари е позитивна, само доколку се гледа без никаква анализа. Според Витанов, јазот меѓу сиромашните и богатите е во пораст, односно Македонија влегува во ера на сериозно социјално раслојување на општеството.
„Аналитиката покажува покачување на платите во банкарскиот и финансискиот сектор, а благо намалување во трудоинтензивните сектори, како земјоделитето, текстилот и други. Имаме покачени цени на некои производи. Масата народ осиромашува, за сметка на 3-4% граѓани кои се богатат. Една влада со спроведување економска мерка како краен ефект треба да има покачување на стандардот кај сите граѓани, што не го гледаме во нашиот случај“, вели Витанов за „Макфакс“.
Тој додава дека министерот за финансии, Драган Тевдовски, е платен од парите на граѓаните за да работи, а не за да се фали. Со ваквиот начин на функционирање Витанов постоечката Влада ја нарече „ДПМНЕ 2“. Економскиот аналитичар тврди дека во наредните години и најужасната влада просечната плата би ја подигала над 30. 000 денари.
„Ако во една станбена зграда имаме 100 станари, каде на тројца им се покачиле платите за 50%, а на другите 97 станари им биде намалена за 3%, збирно земено, како статистички просек, платите на станарите се зголемиле. Но, само троца станари ќе имаат ќар, а останатите ќе останат зијан“, вели Витанов објаснувајќи ја ситуацијата во Македонија низ пример.
Скапата администрација, трговскиот дефицит и прескапиот денар се трите фактори на кои Владата треба да работи ако сака подигнување на стандардот, додава Витанов, кој вели дека оваа гарнитура има капацитет тоа да го направи.
„Владата мора да ги пренасочи трошоците од буџетот. Имаме премногу недомаќини и паразити во Владата, а нашата економија е кревка и не го дозволува тоа. Време е да ги засукаат ракавите и да покажат принципиелност кон самите себе. Владата е премногу фокусирана на виртуелни теми. Министерот Тевдовски мора да остави другите да зборуваат за него“, вели економистот Витанов.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на прес-конференција тврдеше дека е забележан пораст на примањата во текстилната индустрија, како и другите трудоинтензивни сектори, а, пак, минималната плата, според Тевдовски, имала истористи раст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.

