Македонија
Вкупно 22 лица досега побарале асистенција за напуштање на Израел и враќање во Македонија

Вкупно 22 лица досега побарале асистенција за напуштање на територијата на Израел и враќање во Македонија. Станува збор за државјани на Македонија, како и членови на нивните потесни семејства, информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Оттаму додаваат дека во тек се активности за нивна скорешна евакуација и трансфер до безбедна локација, од каде што дополнително ќе се организира нивно враќање во земјата.
-Напоменуваме дека дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив е во постојана комуникација со нашите државјани, а Министерството за надворешни работи и надворешна трговија активно работи на обезбедување на сите неопходни услови за нивно безбедно враќање, стои во соопштението на МНРиНТ.
Претходно, МНР информира дека согласно влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите државјани на Македонија кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран, доколку им е потребна конзуларна помош, веднаш да стапат во контакт со надлежните институции преку дежурните (СОС) телефонски броеви.
Воедно, оттаму апелираа до сите државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба.
За помош и асистенција, граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив – Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546 Е-пошта: [email protected].
Понатаму, Министерство за надворешни работи и надворешна трговија Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736, Е-пошта: [email protected].
Оттаму додаваат дека во рамки на Министерството е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција.
-На крај, уште еднаш ги повикуваме нашите државјани кои се наоѓаат во погодените региони, доколку им е потребна конзуларна помош, без одложување да се обратат на наведените СОС контакти, стои во соопштението на МНРиНТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Зголемени температури во следните неколку дена – да се почитуваат општите препораки за заштита на здравјето

Министерството за здравство ја информира јавноста дека, согласно најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во периодот од 20 до 24 јули 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат и до 41°C.
По тој повод, Министерството за здравство потсетува за почитување на општите препораки за заштита на населението од високи температури:
-Престојувајте во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
-Внесувајте доволно течности, избегнувајќи алкохол и засладени пијалоци.
-Носете лесна, светла облека и користете заштита за глава и очи.
-Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот.
-Посветете внимание на деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури.
-Во случај на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс – веднаш побарајте медицинска помош.
-Одложете активности на отворено во најтоплиот дел од денот.
-Обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C) на работното место и во домот.
Министерството внимателно ја следи состојбата на дневна основа и ќе постапува согласно проценките и потребите.
Македонија
„Информациите дека наводно Мицкоски барал бугарски пасош се производ на бугарската пропаганда против Македонија и нејзините платени слуги во самата држава“, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Информациите дека наводно Христијан Мицкоски барал бугарски пасош се производ на бугарската пропаганда против Македонија и нејзините платени слуги во самата држава. Ваквите удари и лаги се резултат на едноставната вистина – единствената и најсилна пречка за негирачките барања на Бугарија кон Македонија се ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Сликата е кристално јасна: од една страна е Венко Филипче, кој без никакви гаранции за македонскиот идентитет и јазик, се залага Бугарите да бидат внесени во Уставот; од друга страна е Христијан Мицкоски, кој ги стопира максималистичките барања и го брани националниот идентитет и македонскиот јазик.
Затоа бугарската пропагандна машинерија со сите сили ги активира своите инсталации и соработници во обид да нанесат штета на македонските позиции.
Јавноста треба со голема претпазливост да ги прима сите информации што ги пласираат овие структури во медиумите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Министерот Муцунски се обрати на бизнис форум во Лондон: Забрзан економски раст и развој преку нови странски инвестиции

Во рамки на посетата на Лондон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се обрати на бизнис форум на кој учествуваа повеќе од 50 британски компании. На форумот, министерот Муцунски говореше за напорите и активностите на Владата за унапредување на бизнис-климата, можностите за инвестирање во нашата држава и потенцијалите за зголемување на трговската и економската соработка.
Во таа прилика тој ги покани британските компании да ги истражат можностите кои ги нудат македонскиот пазар и економија и изрази подготвеност, на ниво на Влада и Министерство, да им биде обезбедена сета неопходна поддршка за реализација на нивните инвестиции планови и цели.
За време на работниот престој во Лондон, министерот Муцунски го посети и училиштето за источноевропски јазици во рамките на University College London, каде што се изучува и се зборува македонскиот јазик. Притоа беше реализирана донација од учебници и литература, кои ќе помогнат во совладувањето на нашиот мајчин јазик.
Токму промоцијата на македонскиот јазик и создавањето услови за негово изучување се едни од најважните приоритети на Министерството, на кои активно се работи во изминатиот период.
За време на посетата, министерот Муцунски оствари и средба со членовите на Парламентарната група во британскиот Парламент за соработка со Република Северна Македонија. На средбата се разговараше за унапредување на билатералните односи, зајакнување на парламентарната соработка, како и за значењето на двата парламенти во унапредувањето на политичките односи помеѓу двете земји.
Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка и интерес за нашата земја, како и за придонесот во зајакнувањето на пријателството помеѓу двете држави.