Македонија
Владата го повикува СОНК да го прифати покачувањето на платите од 10 отсто, учениците треба да се вратат во училиштата

Владата на Република Северна Македонија на денешната 40-та седница ја разгледа и усвои информацијата за состојбите во основните и средните училишта предизвикана од штрајкот на вработените, а во согласност со одлуката на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).
Со заклучоците по оваа точка, Владата ги задолжи Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии со ребалансот на буџетот да предвидат средства за покачување на платите во основното, средното образование и детската заштита во висина од 10 %.
Владата формира работна група во која се вклучени заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции – Фатмир Битиќи, министерот за финансии – Фатмир Бесими, министерот за образование и наука – Јетон Шакири, министерката за труд и социјална политика – Јована Тренчевска и министерот за информатичко општество и администрација – Адмирим Алити, да почнат процес за преговори за колективен договор со репрезентативниот синдикат и за методологија за континуиран раст на платите во јавниот сектор.
Во заклучоците по оваа точка е вклучено и задолжувањето за Министерството за информатичко општество и администрација да почне процес за подготовка на закон за платите во јавниот сектор.
Владата воедно ги задолжи Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да ги преземат сите чекори за одржување настава во основното и средното образование и згрижувањето на децата во градинките во согласност со уставно загарантираното право за образование и за предучилишна грижа на децата и во согласност со законски утврдените одредби за одвивање настава во услови на штрајк.
Владата ги задолжи Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да обезбедат исплата на платите во согласност со законските одредби во услови на штрајк.
Владата ги задолжи Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да достават информација до Владата за одговорот на СОНК во врска со овие заклучоци, како и да побара писмено известување врз основа на кој правен акт е прекината наставата во основните и средните училишта и врз основа на кој законски акт персоналот на предучилишните установи одбиваат да ги примат децата.
Владата ги повикува раководителите на образовните институции, наставниците и воспитувачите во претшколските установи да продолжат со наставата, учениците да се вратат во училиштата, а родителите да продолжат да ги носат децата во градинките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Спасовски во посета на реконструираните спортски терени во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Сашо Тасевски денеска ги посетија реконструираните спортски терени во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“.
Како што информираат од ресорното министерство, станува збор за ново игралиште за мал фудбал со вештачка трева, големото фудбалско игралиште, како и систем за наводнување на игралиштето, наменети за потребите на припадниците на Единицата за брзо распоредување при МВР, донација од страна на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
„Градежните и реконструкциски активности на спортските терени опфаќаат обновување на тревната површина на фудбалскиот стадион, реконструкција на водоводна мрежа на фудбалскиот стадион со црева и прскалки за наводнување и одржување на тревната површина, фудбалскиот стадион, поставување на 4 столбови со 16 рефлектори на фудбалскиот стадион, реконструкција на водоводна мрежа за малите фудбалски игралишта, поставување на вештачка трева со силикатна подлога на игралиштето за мал фудбал, поставување на фудбалски мрежи за головите на големото и малото фудбалско игралиште, како и донирање на фудбалски топки и делови од спортска опрема наменети за работните и спортски активности на припадниците на оваа Единица“, се наведува во соопштението на МВР.
Македонија
СДСМ: Арсовска спротивно на законoт поставилa Генерален секретар на Град Скопје

Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ го именувале за секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, актуелен советник во општина Чаир од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, обвинуваат од СДСМ.
„Ова освен што е неетички, туку е и спротивно на член 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.
Надлежните ограни се веќе известени и овој случај мора да има разрешница“, реагираат од партијата.
Според СДСМ, Арсовска одново докажува дека освен груба партизација на Град Скопје ништо друго и не прави.
„Одамна е јасно дека Арсовска е најнеуспешниот градоначалник на Град Скопје“, се наведува во реакцијата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Што зборувал Џафери со контроверзните Чеченци кои се верни следбеници на Путин?

Собранискиот спикер Талат Џафери влегува од скандал во скандал, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„После примитивизмот и пцуењето на вработени во Собранието, дојде нов скандал за негови врски и средби со лица од Чеченија кои се верни следбеници на Владимир Путин“, посочуваат од опозициската партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека додека Џафери и владата на СДСМ и ДУИ имаат полна уста за прозападна ориентација, остваруваат контакти со контроверзни ликови блиски до режимот во Кремљ.
„Џефери на 10. јули 2021 година имал средби со Абдул-Вајед Нијазов поранешен пратеник во Думата и основач на здружението “Муслиманите во поддршка на Претседателот Путин”. Како е возможно ваков лик да остварува средби со високи државни функционери на земја-членка на НАТО. Зарем и во други земји-членки вакви лица блиски до Кремљ слободно се шетаат во нивните парламенти“, прашуваат од партијата од каде се во дилема и за тоа што разговарал Џафери со Чеченците.
„Според информациите во странски медиуми, гостите од Чеченија биле во посета на општина Тетово и со тогашните локални власти разговарале за изградба на споменик на Ахмат Кадиров, по кого се нарекуваат и чеченските единици кои сега ги спроведуваат најбруталните акции во Украина“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.