Македонија
„Владата на ДПМНЕ со иста фирма склучи ист мегаломански тендер како и владата на СДСМ – 380.000 евра кампања за придобивките од ЕУ“, велат од партијата Левица
„Историјата се повторува, овојпат како фарса. Владата на ДПМНЕ реши да потроши над 23,3 милиони денари (околу 380.000 евра) за 45-дневна кампања со која на граѓаните ќе им објаснува колку е добро да бидеме дел од Европската Унија“, велат од партијата Левица.
„Истата оваа услуга пред неполни две години ја купи и владата на СДСМ – со исто времетраење, иста фирма, слична цена: 355.000 евра. Тогаш медиумите блиски до актуелната партија на власт критикуваа за вредноста на договорот, како и за сомнителноста и мистериозноста на компанијата „Вертиго-НМЕ ДОО“, која ја спроведуваше и сега повторно ќе ја спроведува кампањата.
Скандалот е уште поголем доколку се види тендерската документација. За оваа кампања стигнале две понуди: едната вредна 9.211.203 денари, а другата 19.799.919 денари без ДДВ. Владата на ДПМНЕ ја избра втората, односно двојно поскапата!
А додека властите се натпреваруваат кој ќе потроши повеќе за европски спотови, народот тоне во сиромаштија и преку СМС пораки лечи деца или собира донации за повредените од трагедијата во Кочани. Власта упорно троши милиони од народната каса за да продава пропаганда наместо да вложува во реалните потреби на народот и да овозможи нормални услови за живот кои нема да го тераат секој млад човек да си замине од државата.
Со вакви криминални тендери и расфрлање со јавни пари, единствената европска перспектива е дека уште долго ќе ја гледаме ЕУ на скапи билборди и телевизиски спотови“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши со амбасадорот на Саудиска Арабија: Потребна е поблиска економска соработка меѓу двете земји
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со Фаисал Гази Исмаил Хифзи, нерезидентен амбасадор на Кралството Саудиска Арабија за Република Северна Македонија.
Претседателот Гаши потенцираше дека особено ја цени улогата на парламентарната дипломатија, клучен механизам за продлабочување на билатералните односи и затоа ја реафирмираше потребата од поблиска соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и парламентот (Шура) на Кралството Саудиска Арабија. Тој истакна дека во Собранието во неколку последователни мандати се формира Пратеничка група за соработка со парламентите од земјите на Блискиот Исток и Арапскиот Залив.
Амбасадорот Фаисал Гази Исмаил Хифзи истакна дека во иднина очекува акцентот на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Кралството Саудиска Арабија да биде ставен на зајакнување на економската соработка со потпишување на повеќе билатерални договори во областа на инвестициите, слободната трговија и цивилната воздушна пловидба.
Двајцата соговорници искажаа големо задоволство од средбата и истакнаа дека пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнуваат и унапредуваат доколку се олесни визната политика меѓу двете држави.
Македонија
Николоски со катарскиот амбасадор: Можно воспоставување авиолинија Скопје–Доха и продлабочување на економската соработка
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со Рашид Бин Саед Ал-Кајари вршител на должност амбасадор на Катар.
Билатералната соработка е на добро ниво, потенцираа двајцата соговорници и ја истакнаа можноста за зајакнување на економските и трговски односи меѓу двете земји.
На средбата вицепремиерот Николоски истакана дека Владата има амбициозна програма во делот на инфраструктурата, исто така во туризмот и авиосообраќајот. Во таа насока, Македонија води одлични политики во делот на ависообраќајот и ја потенцира можност за воспоставување на авиолинија меѓу Македонија и Катар (Скопје и Доха).
Исто така на средбата се разговараше и за зголемување на соработката во транспортниот сектор, туризмот и инвестициите. Притоа вицепремиерот Николоски истакна дека Македонија е во фаза на реализација на крупни капитални проекти и повика на сите заинтересирани компании од Катар да се пријават на меѓународните јавни повици.
„Соработката меѓу Македонија и Катар е многу важна за развој на економијата, туризмот и секако за поврзување на граѓаните од двете земји. За нас е посебно значајно да се воспостави директна линија меѓу двете земји, пред се поради одржување на бизнис релациите. Имаме добра соработка со Катар, но сметаме дека постои голема можност оваа соработка да се зголеми преку размена на искуства, нови инвестиции итн.“ – истакна по средбата вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Македонија
СДСМ: Во процес се консултации и обновување за создавање силен и одговорен тим
Додека државата тоне во скандали, додека заради корупција се губат стотици милиони евра од ЕУ, а граѓаните имаат се помалку пари, ВМРО-ДПМНЕ измислува приказни за СДСМ, за да го одвлече вниманието од сопствените проблеми. Ваква е реакцијата на СДСМ, откако претходно денес Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ праша дали е точна информацијата дека никој не сака да му се нафати на Филипче да му биде во раководството.
„Очигледно е дека кога во Владата владеат криминал и неспособност единственото што им останува е да зборуваат за Венко Филипче и за СДСМ. Ова се очајнички обиди на ВМРО-ДПМНЕ да го сокријат фактот дека за една година власт, не реализираа ништо што им го ветија на граѓаните. Државата пука по сите шавови, инфлацијата расте, економијата тоне, инвеститорите си заминуваат. Последниот скандал со суспензија на средствата од ИПАРД програмата е уште еден доказ за вистинската слика од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, држава заробена од партиски и лични интереси, корупција и неспособни кадри“, се вели во реакцијата.
Им порачуваат да си ја гледаат својата Влада која, како што велат, се распаѓа пред очи на јавноста.
„Уплашени се од секојдневните скандали кои допрва ќе излегуваат во јавноста. Ваквите спинови во паника се јасен индикатор колку не им оди работата. СДСМ е единствена политичка сила која секој ден ја разобличува криминалната власт“, додаваат.
Партијата нагласува и дека во нејзините редови се спроведува сериозен процес на консултации и обновување, насочен кон создавање силен и одговорен тим кој ќе ја води партијата во новата фаза.

