Македонија
Владата одлучи: Се укинуваат носењето заштитна маска на отворено и другите ограничувања

Владата ги прифати измените и дополнувањата на рестриктивните мерки во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести, утврдени како предлози на 39-тата седница на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување внесување и ширење на Ковид-19, соопштија владините служби.
Почнувајќи од, 1 јуни, утврдени се следните измени и дополнувања:
Се укинува носењето заштитна маска на отворено и се препорачува да се носи кога лицата се во поголема група. Останува задолжителното носење заштитна маска во јавен превоз, такси-превоз и во сите затворени простори.
Се дозволува присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено, и тоа до 30 % од вкупниот капацитет на посетители.
Се укинува забраната за групирање на јавен простор.
Се дозволува организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор (летни тераси) до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 % од капацитетот на просторот и до максимум 6 лица на маса.
Се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од 4 лица на 6 лица со обезбедување дистанца помеѓу лицата на масата.
Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина и продолжува да важи забраната за движење од 24 до 4 часот до 15.6.2021 година.
На оваа седница Владата го донесе протоколот за организирање свадби/прослави и веселби.
Владата денеска го прифати барањето на Одбојкарската федерација на Македонија претстојниот финален турнир од Европската сребрена лига за мажи, кој на 5 и 6 јуни ќе се одржи во спортската сала „Парк“ во Струмица и на кој ќе учествуваат националните селекции на Северна Македонија, Данска, Хрватска и на Унгарија, да се организира со присуство на публика со исполнет капацитет не повеќе од 30 % и со дистанца од 1,5 метар меѓу секој гледач, информираат од таму.
На денешната седница Владата го усвои записникот од тринаесеттата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и го утврди предлогот на одлуката за изменување на одлуката за одобрување продолжување на рокот за постоење кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради заштита на јавното здравје во услови на постоење пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест Ковид-19, со која му се предлага на Собранието на Република Северна Македонија да одобри продолжување на рокот за постоење на кризната состојба до 31 декември 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски на средба со шефот на ОБСЕ Вал: Владата не е реформска и не решава проблеми

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски денеска оствари средба со Шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија Килијан Вал.
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба и евроинтегративниот процес на државата.
Претседателот Мицкоски информираше за предизвиците со кои се соочува Македонија на политички и економски план, како и дека треба поголема подготвеност и енергичност во решавање на проблемите која што не се гледа кај актуелната власт.
Македонија оваа година претседава со ОБСЕ и таа треба да биде пример, а владата треба да оддаде поголема посветеност на безбедносните прашања, особено затоа што во изминатиот период видовме големо занемарување во тој поглед.
Претседателот Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е активно посветена, но не гледа суштински реформи и сериозен пристап од страна на власта, па така државата е на врвот на листата на корупција, бизнис климата е нарушена, има партизација на јавната администрација и голема недоверба на судството, а не се споделуваат ниту европските вредности од страна на власта.
Соговорниците се согласија да се продолжи со натамошна соработка.
Македонија
Средба Џафери – Гир

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, потпретседателите Горан Мисовски и Хусни Исмаили и координаторите на пратеничките групи застапени во Собранието, Јован Митрески, Никола Мицевски, Арбер Адеми и Сурија Рашиди одржаа работна средба со амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.
На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во Собранието, парламентарниот дијалог, работата на ЕУ-агендата и динамиката на усвојувањето на законите, вклучувањето на Собранието во скрининг-процесот и напредокот на дијалогот „Жан Моне“, а соговорниците се осврнаа и на уставните измени.
Заеднички беше оценето дека градењето доверба и добрата соработка меѓу партиите во Собранието не е важна само за успешна реализација на реформите врзани со евроинтеграцијата, туку дека и оваа соработка е важна бидејќи ја обликува политичката култура во земјата.
Беше договорено вакви средби да се одржуваат на редовна основа со цел да се разгледа одблиску напредокот на државата на патот кон Европската Унија.
Македонија
Муцунски на работна средба со претставници на Стејт департментот: Потврдени одличните билатерални односи помеѓу Македонија и САД

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, од вчера престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави. Во рамките на посетата тој оствари работна средба со високи претставници на Стејт департментот.
„Во рамките на средбата со Стивен Џи, директор во Директоратот за јужноцентрална Европа, и Бенсон Сивек, офицер, кој е одговорен за Македонија, ги потврдивме одличните билатерални односи помеѓу нашата држава и САД, кои неопходно е во иднина да продолжат да се надградуваат во духот на стратешкото партнерство помеѓу двете земји“, напиша Муцунски во својата фејсбук-објава.
Муцунски во својата објава потенцира дека на средбата ја нагласил заложбата на ВМРО-ДПМНЕ за итни и темелни реформи во правосудниот систем, но и забрзан економски развој како одговор на тешката економска состојба во државата и високото ниво на криминал и корупција.
Во следните неколку дена тој ќе оствари средби со членови на Конгресот, високи претставници на меѓународните организации и ќе присуствува на националниот молитвен појадок, кој ќе се одржи утре во Вашингтон.