Македонија
Владата повторно им остава време на трговците да ги покачат цените, нема ефекти од кошничката, вели СДСМ
„Политиките на владата на Мицкоски со договарање цени за т.н. „новогодишна кошничка“ нема да имаат посакуван ефект и нема реално да ги намалат високите цени. На дел од производите кои се објавија во оваа кошничка во изминатите донови цените им се зголемија, особено на млечните производи. Таков простор за покачување на цените имаат трговците и наредните денови до 15 декември. Така да ако потоа се намалат на истото ниво тоа не значи повеќе пари за граѓаните, туку класична манипулација а ефектот за џебот на народот е нула“, велат од СДСМ.
„Понатаму, на граѓаните им се потребни мерки за трајно намалување на трошоците а не само на краток период.
Дополнитено, мерката има системски пропуст, власта нема механизам ниту за контрола ниту за казнување доколку не се почитува договореното.
Уште една мерка со ефект од 0,1% како претходна не е никакво решение во услови кога цените растат и понатаму, вредноста на месечните трошоци на граѓаните се зголемуваат.
На граѓаните им се потребни издржани и добро осмислени мерки кои ќе имаат вистински резултат и ќе доведат до реално намалување на цените.
Вистинска мерка којашто ќе донесе реално и долгорочно намалување на цените на производите е решението на СДСМ за укинување на ДДВ на храната.
Со укинување на ДДВ на храната најмногу добиваат граѓаните, веднаш и реално ќе се намалат цените на 250 производи.
Трговците целосно ќе ја почитуваат мерката а граѓаните реално ќе заштедат над 2.000 денари месечно.
Укинувањето на ДДВ на храната е мерка на долг рок, ќе трае и ефектите граѓаните ќе ги чувствуваат цела година што им е реално потребно“, соопшти СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Слаба видливост на превојот Ѓавато
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, соопшти ЈП Македонија пат.
Според извештајот од 18 часот, намалена видливост поради магла до 100 метри има на планинскиот превој Ѓавато.
Јавното претпријатие информира дека на одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци е можна појава на поситни одрони и апелира на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодување на брзината кон условите на патот.
Македонија
Медведев: На светот не му треба златното доба на Америка, туку развојот на човештвото
Како одговор на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за „златната ера“ на САД, заменик-претседателот на рускиот совет за безбедност Дмитриј Медведев денеска оцени дека современиот свет не го интересира „златното доба на Америка“, туку развојот на целото човештво.
Коментирајќи ја денешната видео-конференција меѓу рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг во позадина на инаугурацијата на Трамп, Медведев истакна дека тоа е најдобар доказ за мултиполарноста на современиот свет и стратешкото партнерство меѓу Русија и Кина, пренесува РИА Новости.
„И уште еднаш на сите им стана очигледно дека современиот свет не е заинтересиран за златното доба на Америка, како што театрално рече вчера Доналд Трамп, туку за развојот и просперитетот на целото човештво“, напиша Медведев на својот канал на Телеграм.
Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден во суштина го започна конфликтот меѓу колективниот Запад и Русија, кој за малку ќе се претвори во нуклеарен конфликт со учество на НАТО, изјави претходно Медведев на својот канал Телеграм.
Македонија
Димитриевски-Рокас: Реформите во администрацијата и правосудството покажуваат дека Владата е на вистинскиот пат
Претседателот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска во просториите на партијата, оствари средба со амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Н.Е. Михалис Рокас, а на која присуствуваше и потпреседателот на Движењето, Павле Арсоски.
На средбата стана збор за актуелните политички состојби во државата и процесот на нејзината евроинтеграција.
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски во разговорот со амбасадорот Рокас, ги актуелизираше веќе познатите ставови на ЗНАМ во врска со уставните измени, односно нивната одложена примена, а со цел оневозможување на понатамошни блокади на патот на Македонија кон ЕУ.
Димитриевски при тоа рече дека градењето на добрите односи со сите соседи е од клучна важност за нашата држава. Тој потенцираше дека во иднина не смееме да се доведеме во ситуација билатералните проблеми да се решаваат во рамките на европските процеси и да не кочат на нашиот европски пат.
Амбасадорот Рокас многу позитивно ја оцени работата на Владата. Тој, исто така, позитивно ги оцени и реформите што се спроведуваат во јавната администрација и правосудството, како ресори со кои раководат кадри на Движењето ЗНАМ.
Неговата екселенција, амбасадорот Михалис Рокас во разговорот со Димитриевски потенцираше дека напорите на Владата на Република Северна Македонија во борбата против корупцијата и криминалот се од особено значење и за поздравување. Тој рече дека активностите што се преземаат на тоа поле покажуваат дека земјата е на вистинскиот пат и има намера да ги имплементира европските вредности.
На средбата се разговараше и за Коридорите 8 и 10, кои се од особена важност за развојот на економијата на земјата и капиталните инвестиции. Претседателот на ЗНАМ, Димитриевски рече дека од македонска страна се очекува овие инвестиции да бидат и финансиски поддржани од нашите партнери во Европската Унија и НАТО, бидејќи се од стратешка важност за сите.