Македонија
Владата ја усвои новата Стратегија за вработување, која предвидува невработеноста да падне на 11 отсто

Владата ја донесе Националната стратегија за вработување 2021-2027 година со вклучен акциски план.
Во согласност со трендовите на закрепнувањето на економијата и на пазарот на трудот, спроведувањето на Стратегијата е предвидено во две фази, од кои првата е, пред сè, фокусирана на ублажување на негативните последици на пандемијата врз вработувањето и воведување на потребните реформи за почеток на втората фаза (од 2024 до 2027 година) на политиките, која е попрогресивна и насочена кон приближување до Стратегијата за вработување на Европската Унија.
Според проекциите за вработеноста, стапката на учество на вработените во вкупното население до 2027 година ќе се зголеми на 60 проценти, а стапката на невработеност ќе опадне на 11 проценти за работоспособното население.
Националната стратегија за вработување е придружена и со гаранцијата за млади, чиј план за спроведување ќе се преформулира во 2022 година за да се земе предвид постигнатиот напредок, влијанието на пандемијата врз вработувањето на младите и приспособувањата воведени во Програмата за поддршка на младите на ЕУ, со што се очекува значително поголемо вработување на младите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Стефанова очекува тројцата бизнисмени од „Империја“ да бидат осудени: Да им се одзеде имотната корист

Обвинителката Лиле Стефанова е децидна дека ќе докаже оти тројцата бизнисмени кои не се спогодија за „Империја“, се виновни за делата кои ги сториле. Таа пред судот посочи дека за предметот имало обемна истрага во која се собрани голем број докази. Стефанова му посочи на судот дека очекува осудителна пресуда. Таа побара судот да им ја одзеде и имотната корист.
„Обвинителниот акт против обвинетите Цветан Панделески, Зоранчо Митревски и Јованче Тасковски, за кривичните дела кои се наведени е резултат на една обемна и долготрајна истрага. Во оваа постапка, предмет на истражување беа повеќе осомничени лица, повеќе кривични дела сторени во подолг временски период, а дел од обвинетите кои беа предметот во таа истрага го завршија предметот со внесување на пресуди врз основа на спогодби. За обвинетите кои се предмет на ова обвинение, по завршување на истрагата, иако дел беа под истрага и за други кривични дела, Јавното обвинителство собра доволно докази за да очекува осудителна пресуда за дејствијата кои се опишани во диспозитивот на обвинението“, кажа обвинителката Стефанова.
Таа во детали раскажуваше кои од фирмите на обвинетите, колку приход добиле, со како што рече, сторувањето на кривичните дела.
„Пред судот ќе изведам повеќе материјални и вербални докази од кои судот со сигурност ќе ја утврди фактичката состојба од обвинителниот акт. Преку материјалните докази и исказите на сведоците, ќе се утврди дека, обвинетите Цветан Панделески и Зоранчо Митревски заедно со осудениот Ванче Мијалчев, ги искористиле своите ингеренции во АД Бетон Штип, па прибавиле значителна имотна корист за правни лица на кои тие биле сопственици“, додаде Стефанова.
Обвинителката тврди дека ќе докаже и како Панделески и Митровски, ги префрлале парите за кои знаеле дека се од сторени кривични дела.
„Обвинетите постапувале по веќе создаден план за стекнување на противправен имот. Иако знаеле дека градежно земјиште е лоцирано во Центар, кое било во сопственост на правно лице, немало одобрение за градба, нема проценка на уделот, земјиштето веќе било дадено под хипотека за кредит од Стопанска банка АД Битола, ги искористиле своите овластувања и на седница на одборот на директори, потпишале записник со предлог одлука за добивање на зделка со заинтересирана страна, да се откупат уделите на правното лице Омега Билдинг, кое како единствен имот го имал ова земјиште“, посочи Стефанова.
Во вториот дел на обвинителниот акт се опфатени берзанскиот брокер Јованче Тасковски, заедно со Цветан Панделевски.
„Наликува на сложена измама од највоск вид за која судот сигурно ќе го убедиме, при што успеале да измамат долгогодишен стопанственик и да заработат милионски суми. Ќе докажеме дека Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и обвинетите Јованче Тасковски, заедно со Цветан Панделевски со намера да прибават противпривна имотна корист, со лажно прикажување на факти, како соизвршители, ја довеле во заблуда оштетената Кираца Трајковска, да презема дејствија со кои си нанела значителна имотна штета на себе и правното лице, а притоа, биле искористени и поголем број акционери на правното лице ‘Ферпшед’. Од доказите кои ќе ги изведеме, судот ќе се увери дека обвинетите знаејќи дека акциите од‘Ферпшед’ кои ги поседувала Трајковска и правното лице, се заложени да се земе кредит од Комерцијална банка и Еуростандард банка, истите не се во можност да ги сервисираат своите обврски. Јордан Камчев со претходен договор со Цветан Панделевски, имале цел акциите на Кираца и правното лице, да бидат продадени Штеријо Наков. Знаејќи дека Кирацата Трајковска нема да се согласи со таквата продажба, ја довеле во заблуда дека ќе и помогнат за исплата на кредитот, а таа да помогне на правно лице од странство“, кажа Стефанова.
Објаснуваше и што направил обвинетиот брокер Тасковски.
„Обвинетиот Јованче Тасковски ги оневозможил акционерите слободно да тргуваат со акциите. И затоа нагло пораснала цената на слободните акции на Фершпед. За да ги земат акциите по помала цена од таа на берзата, создале план, по кој постапиле и акциите кои ги имала Кираца Трајковска и правното лице, ги запишале како основачки влог на ново правно лице, а притоа, Панделевски продолжил да купува акции од Фершпед. Па во неработен ден, во просториите на брокерската куќа во присуство на Тасковски, Јосифовиќ и нотарот Сашо Писаровски, Кираца Трајковска добила документација за потпишување, со која се основа ново правно лице. За управител го поставиле Ненад Јосифовиќ, а со документацијата дале да потпише и документација за отуѓување на правното лице. Следниот ден, правното лице бил пренесен на правното лице ‘Син фајненс ДООЕЛ’, правен следбеник на друга фирма. Правното лице било користено на неговата сметка да биде пренесена имотната корист“, додаде таа.
Македонија
За извозот да не ги поскапи јајцата, Бектеши ќе обврзе прво да се обезбедат јајца за дома

Забрана на извозот на јајца ќе донесе санкции за државата, па затоа не се разгледува како опција, но за да се спечи скок на цените, министерот за економија Крешник Бектеши вели дека ќе ги обврзат производителите одреден процент да одвојат за домашниот пазар, доколку сакаат да имаат извоз. За ограничувањето со проценти, министерот вели дека Владата ќе одлучи утре, истовремено со замрзнувањето на цените на јајцата и оризот.
„Се зголемува извозот на јајца. Зголемена е побарувачката од други држави со поголеми цени од нашиот пазар. Ако донесеме одлука за забрана на извозот тоа ќе биде спротивно на договорите ЦЕФТА и ЕУ и ќе имаме санкции. За да ги зачуваме цените утре нема да донесеме само одлука за замрзнување на цените туку ќе го обврземе производството за да се обезбеди домашниот пазар. Процентуално ќе се прави извозот. Ќе се ограничи колку може како производство да излезе надвор од Македонија“, вели министерот Бектеши.
На утрешната седница Владата ќе ги замрзне цените на јајцата и на оризот. Министерот Бектеши уверува дека нема да се дозволи цените да скокнат поради Велигден и Рамазан Бајрам.
Цените на брашното и шеќерот, пак, ќе се следат. Владата очекува да се намалуваат, но доколку трговците не го направат тоа, ќе има замрзнување на цените и за брашното и шеќерот.
Македонија
Ковачевски на одбележување на 78-годишнината од основањето на Црвениот крст: Хуманоста да ја покажуваме на дело

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, присуствуваше и се обрати на одбележувањето на Денот на основањето на Црвениот Крст на Република Северна Македонија, кој годинава одбележува 78 години од постоењето.
Во рамките на одбележувањето на годишнината на Црвениот крст на Република Северна Македонија, се одржа и донаторска акција за собирање на помош за настраданите подрачја од катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија.
На настанот присуствуваа и министри во Владата на Република Северна Македонија, пратеници, претставници на дипломатскиот кор, претставници на меѓународни организации, претставници на локалната самоуправа, претставници на компании, како и поддржувачи на Црвениот крст.
Целта на денешната донаторска акција беше да се обезбедат вкупно 1 милион евра, што и се постигна, со што се заокружи хуманитарната помош за Турција и Сирија, за чии настрадани подрачја досега се обезбедени над 960.000 евра, а доставена е и хуманитарна помош во материјални добра во вкупна вредност од над 91.000 евра.
„Седумдесет и осум години хуманитарност, солидарност, пожртвуваност, издржливост, ублажување на страдањето на луѓето и пружање рака секаде и секому. А, со истото несебично залагање за овие трајни вредности, посакувам Црвениот крст да продолжи уште многу, многу години“, порача премиерот Ковачевски, во неговото обраќање за време на одбележувањето на седумдесет и осум годишнината од основањето на Црвениот Крст на Република Северна Македонија.
Тој потсети на досегашната помош за настраданите подрачја, нагласувајќи дека Владата издвоила близу 100.000 евра помош за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција, при што, повеќе институции биле задолжени за испраќање тимови со соодветна опрема, на кои им изрази благодарност.
Зборувајќи за општата поддршка на Црвениот Крст на Република Северна Македонија, премиерот, исто така, потенцираше дека Владата донела одлука и за одобрување на буџетски средства за 2022 година, во износ од над 243.000 евра, како финансиска помош за делување при итни состојби.
Додека, годинава, како што нагласи премиерот, Владата, донела одлука за финансирање на Годишната програма на Црвениот Крст на Република Северна Македонија, за која е предвиден износ од над 130.000 евра, како и средства за обезбедување на трошоци за проектни активности, кои не се покриени од страна на донатори, во висина од близу 98.000 евра и средства во висина од над 32.000 евра за реализација на Проект за одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за летен распуст 2023 година.
Премиерот Ковачевски упати повик до сите граѓани да се вклучат во денешната донаторска хуманитарна акција за помош на настраданите подрачја од земјотресите во Турција и Сирија.
„Мисијата на Црвениот крст на нашата држава е да работи на спречување и ублажување на човековото страдање, заштита на животот и здравјето, унапредување на социјалната состојба, обезбедување почит и достоинство за човековото битие, а особено во случај на несреќи и катастрофи, како и да го промовира меѓународното хуманитарно право и хуманите вредности, како и да поттикнува доброволно ангажирање и постојано подготвување за давање помош, како и универзално чувство за солидарност и хуманост.
Ваквите заложби се нагласени во визијата на оваа хуманитарна организација, каде се вели дека таа делува, поттикнува и промовира хумани вредности за навремено да одговори на современите хуманитарни предизвици.
Последен таков предизвик беа земјотресите во Турција и Сирија, кои беа и повик до сите нас повторно да ја покажеме нашата солидарност и хуманост. Тоа го направија и граѓаните, компаниите, Црвениот крст, како и Владата на Република Северна Македонија“, рече премиерот, порачувајќи дека преку ваквите донаторски акции ја покажуваме солидарноста на дело.
Генералниот секретар на Црвениот Крст на Република Северна Македонија, Саит Саити истакна:
„Денес несомнено работата на Црвениот Крст е порелевантна и попотребна од кога било, затоа што светот денес потсетува на брод кој плови по немирно море, со многу нееднаквости, експлоатирање, омаловажување, застрашување, војни, природни катастрофи и миграции на луѓе како резултат на економски, политички, социјални и климатски состојби. Основна причина која ги означува сите овие состојби е недостаток на хуманост и почит“, рече генералниот секретар на Црвениот Крст, Саит Саити, во обраќањето на годишнината од основањето на организацијата.
Потенцирајќи ја соработката со институциите, корпоративниот сектор, партнерите и донаторите во земјава и странство, Саити се заблагодари на сите оние кои се вложиле и ја поддржале организацијата.
„Хуманоста и солидарноста продолжуваат да бидат наша водилка и инспирација во обид да направиме позитивна разлика во животот на луѓето“, додаде Саити.
Амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок изрази благодарност за помошта на Република Северна Македонија за Турција.
„Обединети во едно срце, јавните институции, невладиниот сектор, бизнис заедницата, образовните институции, млади и возразни, сите помагаа за настраданите од погодените региони. Не може да ги вратиме назад изгубените животи…Но, со сета можна сила ќе работиме за закрепнување на раните на оваа природна катастрофа. Одново ќе ги изградиме разурнатите градови и училишта.
Вие ја споделивте нашата голема тага.
Вие, во Вашата моќна солидарност, воедно ја споделувате и надежта на турскиот народ за обновата на погодените региони. Турскиот народ со благодарност ќе се сеќева на Вашата љубов и солидарност“, порача амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок, во своето обраќање на годишнината од основањето на Црвениот Крст, во рамките на кој настан се организираше и донаторска акција за погодените подрачја во Турција и Сирија.