Македонија
Владата ќе ја одржи редовната 117. седница
Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 117. седница со повеќе точки од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
Владата ќе ја разгледа и ќе ја стави на усвојување и Националната стратегија за вработување 2021-2027 година со вклучен Акциски план за вработување.
На дневниот ред на оваа седница, меѓу другото, е Информацијата за напредок во имплементацијата на Вториот проект за подобрување на општинските услуги заклучно со септември 2021 година.
На предлог на Министерството за надворешни работи, денеска пред министрите ќе се најде и предлог-законот за ратификација на договорите меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Албанија за воспоставување заеднички гранични премини, како и предлог-законот за ратификација на Меморандумот за разбирање за олеснување на патниот транспорт на стоки во регионот на Организацијата за црноморска економска соработка.
За донесените одлуки и заклучоци од владината седница, со почеток во 12:00 часот, јавноста ќе биде известена преку соопштение веднаш штом ќе биде завршена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска-Давкова со 8 прашања, како граѓаните да се решат дали и за кого ќе гласаат на изборите
Во својот говор на синоќешниот митинг во Крива Паланка професорката Горданa Силјановска -Давкова порача дека оваа власт не креира рационални политики, оти да креираше рационални политики, почнувајќи од образованието, здравството, социјалната заштита, меѓународната политика, граѓаните немаше да се чувствуваат понижени.
– Се наоѓате пред многу важен момент, да донесете клучна одлука. Како да го направите изборот? Прашајте се, прво, дали подобро живеете? Дали ви е подобра економијата? Дали ви е подобро здравството? Дали ви е подобра социјалната заштита? Дали се чувствувате посигурни? Дали вие сте горди на оваа власт? Дали мислите дека власта е горда на вас? Дали мислите дека се горди на Македонија ако се плашат да го изговорат тоа име? Дали мислите дека се горди на сите кои гинеле за Македонија ако постапуваат, не според државните и националните интереси, туку според личните и олигархиските интереси?, рече Силјановска-Давкова и додаде „дека часовникот го отчукува заминувањето на оваа делигитимирана власт и дека набрзо ќе го отчука времето на промените врзани со новата власт, како на претседателско ниво, така и на парламентарно.
Македонија
УХМР: Времето викендот променливо облачно со локален дожд
Периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд продолжува и за време на викендот. Синоптичарите за денеска најавуваат променливо време со сончеви периоди. Попладне во источните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен, а во западните делови од западен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7, а максималната од 13 до 20 степени.
Во Скопје слично време со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во недела и во вторник на повеќе места ќе има врнежи, кои повремено ќе бидат пообилни и поројни проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Поради спуштање на постудена воздушна маса во недела на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и ќе се формира нова снежна покривка.
Македонија
Ковачевски: Со ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе ја пропуштиме нашата шанса и ќе заглавиме во изолација
Со ВМРО повторно ќе ја пропуштиме нашата шанса, а Мицкоски за тоа ќе ја обвинува ЕУ бидејќи тој не е човек кој презема одговорност за ништо, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на митингот на Коалицијата за европска иднина вечерва во Охрид.
-Сега повторно слушаме како ВМРО ДПМНЕ сее страв дека со членството во ЕУ ќе сме ја изгубеле државата. Мицкоски и Силјановска ветуваат некакви алтернативни решенија за членство во ЕУ. Но, верувајте почитувани Охриѓани, тоа е само продавање магла. Такво нешто не постои нигде освен во нивните глави. ВМРО ДПМНЕ на чело со Мицкоски е истото ВМРО ДПМНЕ кое на чело со Груевски 11 години ја зароби државата внатре, а ја изолираше надвор. Тие нема да успеат да ја придвижат државата кон ЕУ. Спремни се Македонија уште 100 години да не влезе во ЕУ. Ние заедно нема да дозволиме да си поигруваат со нашата иднина и иднината на нашите деца, рече Ковачевски.
Вчера, токму тука во Охрид, Мицкоски зборуваше за некакво македонско единство и за мораториуми. За жал, се повеќе и повеќе луѓе сфаќаат дека единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ. Исто како што го блокираше изминативе две години, тој е спремен да го одложува членството во ЕУ уште 11 години, исто како што правеше неговиот ментор Груевски. Не би ме чудело да е спремен и засекогаш да спушти рампа на патот на Македонија кон ЕУ, додаде Ковачевски.
-Наместо национално единство за мораториум, на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ и за јуриш кон европската идеја. Тоа е вистинскиот пат за промени и токму тоа е одлуката што вие треба да ја донесете на овие избори. Едната опција се Мицкоски, Силјановска и ДПМНЕ со мораториум за ЕУ, а другата опција се СДСМ и Стево Пендаровски кои нема да се откажат од нашата европска иднина, рече вечерва претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.