Македонија
Владата на Република Северна Македонија: Лицата со попреченост се ослободени од партиципација за студирање

На иницијатива на Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Владата на Република Северна Македонија донесе уредба за правата на лицата со попреченост и други лица да бидат ослободени од партиципација за студирање.
Со оваа уредба Владата овозможи сите лица со попреченост запишани на прв, втор и на трет циклус студии на јавните високообразовни установи да бидат ослободени од партиципација.
Оваа уредба им овозможува на лицата со попреченост да ги остварат сопствените потенцијали и личен развој на еднаква основа со сите други граѓани да бидат вклучени во високообразовните процеси, а за образовните институции е поттик да ги приспособат условите и програмите за образование за овие наши сограѓани.
На тој начин лицата со попреченост развиваат компетенции во согласност со сопствените преференции и стануваат конкурентни на пазарот на трудот.
Со оваа уредба, освен сите лица со попреченост, од партиципација за студирање се ослободуваат и лицата со статус на деца без родители и родителска грижа, невработените родители на деца и лицата со статус воени инвалиди.
За остварување на ова право, подносителот доставува барање со наод и мислење од Службата за функционална процена на деца и млади при ЈЗУ Здравствен дом – Скопје по основите на Меѓународната класификација на функционалноста (МКФ) како нов модел произлезен од реформата што ја спроведе Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, со која се исклучува досегашниот медицински модел на категоризирање наспроти процената на функционалните можности и капацитети на лицата со попреченост.
Во согласност со чл. 24 од Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, сите лица со попреченост имаат право на образование без исклучување и дискриминација, со цел за максимален развој на човековиот потенцијал.
До донесувањето на оваа уредба право на ослободување на партиципација имаа само некои категории лица со попреченост, што практично ги ставаше другите во подредена позиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Поради неспособноста на Арсовска Град Скопје остана без печатачи

За само шест месеци се покажа целосната неспособност на Данела Арсовска како градоначалник на Град Скопје, реагира СДСМ.
Од партијата велат дека заради таквата неспособност градската администрација вчера остана без печатачи со што се отежнуваат условите за работа на вработените, а граѓаните можат да останат без потребните документи.
„Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ немаат капацитет да менаџираат ниту со канцелариска опрема во Град Скопје, а не пак да реализираат капитален проект за градот и граѓаните.
Првите шест месеци од мандатот Арсовска ги помина во неработење и партизација на адмиинистрацијата.
Нејзиниот пример го следат речиси сите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ.
Кадрите на Христијан Мицкоски се докажано најслаби градоначалници досега. За шест месеци не реализираа ниту еден проект за граѓаните туку работат исклучиво за лични и партиски интереси.
Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се пример дека во оваа партија предводена од Мицкоски нема никаква промена“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пациенти болни од рак оставени без терапија, владата и министерот загрозуваат десетици животи

90 пациенти на кои им е потребна биолошка терапија за колоректален, оваријален и цервикален карцином цел месец не можат да ја примат потребната терапија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Пациентите немаат примено терапија затоа што МЗ не распишало тендер за набавка на лековите.
Под ризик се и пациентите со рак на бели дробови, бубрег и дојка, за кои во наредните неколку месеци ќе се исцрпи потребната терапија.
Министерството за здравство да не си игра со животите на луѓето и веднаш да распише оглас за набавка на сите потребни терапии.
Дали власта сфаќа дека нивната неспособност убива луѓе?
Неспособноста и во здравството е една од причините зошто мора да има избори. Народот не смее да пати и страда заради криминогеноста и неспособноста на СДСМ и нивните коалициони партнери“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Герасимовски: Со враќање на полициските редари се зголемува безбедноста во секое маало во Центар

Во соработка со Министерството за внатрешни работи, во секое маало во Општина Центар се враќаат полициските редари-позорникари. Оваа информација пред граѓаните во населбата Пролет ја сподели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој во присуство на двајца полициски службеници и инспектор за превенција на криминалитет при СВР Скопје, рече дека со овие маалски патроли, кои се враќаат најпрво во Општина Центар, ќе се зголеми безбедноста и спокојот на граѓаните.
„Враќањето на позорникарите во маалата беше барање но и реална потреба за граѓаните и мило ми е што со МВР успеавме да го реализираме. Отсега секое маало во Општина Центар ќе биде покриено со 1 до 2-ца позорникари кои ќе патролираат и ќе ги заштитуваат граѓаните. Доколку ги сретнете низ вашето маало запознајте се и побарајте совети како да го заштитите вашиот дом од кражби, кои се сѐ почести во летниот период. Во минатото маалските полицајци беа симбол на безбедноста во едно маало, а родителите беа сигурни да ги пуштаат децата на улица безгрижно да играат. Се надевам дека оваа сигурност повторно ќе ни се врати, затоа што полицајците позорникари ќе бидат нашите пријатели – заштитници “, рече Герасимовски пред граѓаните.
Полициските службеници пред граѓаните споделија основни совети за подигнување на безбедноста на домовите, при што ги поттикнаа доколку приметат нешто сомнително, да го пријават на телефонскиот број 192.
Инаку, маалскиот-полицаец треба да превенира и да обезбеди безгрижна детска игра надвор и безбедно враќање на тинејџерите дома. Тој го заштитува животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, спречува извршување на казниви дела и загрозување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, укажува потребна помош и заштита на граѓаните и врши набљудување на подрачјето и безбедносната состојба во населбата.