Македонија
Владата: Платите во образованието веќе се зголемени 21 отсто, барањата треба да бидат реални

Владата соопшти дека платите во образование се зголемени 21 процент, односно од 3.200 до 6.400 денари, во периодот од 2017 до 2022 година.
Од таму велат дека приоритет им е да има континуиран раст на платите на наставниците и воспитувачите и на негувателите.
„Со последните зголемувања, наставник/чка во основно образование сега зема плата од 24.786 денари плус минат труд, што е зголемување за 3.267 денари плус минат труд, за разлика од 2016 година кога неговата/нејзината плата изнесувала 21.521 денар. Кај наставниците во средно образование платата сега изнесува 25.642 денара и е зголемена за 4.353 денари плус минат труд.
Изминатиот период од 2017 до 2022 година, со воведувањето на новата методологија за пресметка, беше постигнато најголемото зголемување на платите на вработените во градинките. Во 2017 година негувател/ка во градинка земаше 14.493 денари. Во 2022 просечно исплатена плата за февруари на негувател/ка е 19.560 денари плус минат труд. Разликата е 5.067 денари повеќе на сметката на овие вработени плус додатокот за минат труд. Платата на воспитувач/ка во градинка во 2017 година изнесувала 19.200 денари, а во 2022 година 25.642 денара плус додатокот за минат труд. Зголемувањето овде е 6.442 денари плус минат труд.
Растот за платите за вработените во образование и во градинките е во времето на оваа Влада и колективниот договор потпишан 2019 година во јуни. Дебатата за новиот колективен договор е шанса за трајно решавање на континуираниот раст на платите“, велат од Владата.
Од таму додаваат дека Владата е отворена за дијалог за постигнување систем за раст на платите кој нема да биде условен и предизвикуван од штрајкови и незадоволства.
„Заедно да најдеме модел за раст, кој освен со договорот за минималната плата, ќе се врзе и за порастот на просечната плата и со порастот на трошоците за живот. Го охрабруваме синдикатот, кој покажа интерес за новиот пристап, да го продолжи дијалогот и да учествува и да ја преземе одговорноста за трајно решение за раст на платите. Барањата треба да бидат реални и да произлегуваат од чувството што го налага моментот. Во услови на исклучителна светска економска криза, која не заобиколи ниту една земја, па ниту нашата, Владата во заеднички дијалог со репрезентативните синдикати продолжува да обезбедува системски решенија со кои ќе го продолжи зголемувањето на платите за вработените во училиштата и градинките“, се наведува во владиното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ангел Димитров: Проблемот е што македонските историчари се трудат да не прифатат заедничка историја

Бугарија не треба да дозволи притисок. Бугарската страна мора да покаже доверба во својот став, во своите аргументи и без разлика дали некој ги прифаќа, ние мора да ги браниме. Затоа не смееме да дозволиме притисок.
Ова го изјавил Ангел Димитров, претседател на Мешовитата бугарско-македонска историска комисија, пренесуваат медиумите во Бугарија.
„Ако сме навистина сигурни во нашата позиција, мора да ја браниме. Со познавање на длабината на проблемите и предвидување на последиците, за разлика од позицијата на народот кој конјуктурно гледа на работите. И ова е прашање на достоинство“, вели Димитров.
За заедничкото чествување на светите браќа Кирил и Методиј, Димитров потсети дека уште во 1999 година во Рим заедно биле двајцата премиери Иван Костов и Љубчо Георгиевски, а потоа и заедничко поклонение на премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев.
„Но, по 2018 година нема заедничко чествување. Двете делегации се таму, но не го прават тоа заедно. Има само средби, но секоја земја поединечно ја изразува својата почит“, додава Димитров.
Тој кажал дека бугарската страна во Комисијата дала предлог за заедничка прослава, но, како што објаснува, „она што успеавме да го постигнеме, и ова беше еден од ретките успеси кога зборуваме за светите браќа, да се нагласи улогата на бугарската држава и владетелите – принцот Борис и цар Симеон Први – за создавање и развој на културата создадена од браќата светители“, вели Димитров за БНТ.
Коментирајќи ја работата на заедничката комисија, тој смета дека нема значителен напредок.
„За да одговориме на желбата за нов почеток, побарана од премиерот Кирил Петков, договоривме со колегите од Скопје да одржиме три средби од февруари до мај. По малиот напредок во однос на царот Самуил, нешто што дури и не заслужува посебно внимание, нема ништо ново. Напредокот повторно е запрен“, рече Димитров.
Тој нагласува дека проблемот е што македонските историчари се трудат да не прифатат заедничка историја.
„Кога не прифаќате постоење историски феномен, тогаш се создава отпор против спроведувањето на самиот Договор за пријателство и добрососедство. Во обидот да не се зборува за заедничка туку споделена историја, што е нешто поинакво, тогаш се бега од желбата да направат сериозна критичка анализа на сопственото минато“, вели Димитров.
„Работата на комисијата е важна, барем да се зборува за минатото. Тоа е катализатор за решавање на политичките прашања, политичарите ќе ја донесат одлуката, но не и историчарите. Мора да се сретнеме со нашите колеги, не можеме да очекуваме само Бугарија да направи некои гестови и чекори. Проблемите се во РСМ. Катарзата мора да се одвива во РСМ бидејќи сè уште нема критичка анализа на сопственото минато“, вели Ангел Димитров, во изјава за бугарските медиуми.
Македонија
Следните денови повремено нестабилно време со пороен дожд и грмежи

Во следните денови претежно во попладневните часови повремено ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, засилен ветер и услови за појава на град.
Повремено нестабилноста ќе се појавува и во вечерните часови.
Во овој период дневните температури ќе бидат над просекот за овој период од годината и ќе се одржува доста топло време.
Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
Ковачевски: Нови потенцијали за соработка со Ватикан во области од взаемен интерес

Во рамките на посетата на Светата Столица, како дел од програмата за одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски, заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи имаа средба со државниот секретар на Светата Столица Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите Пол Ричард Галагер.
На средбата беше истакнато дека дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Ватикан од воспоставувањето на дипломатските односи бележат континуиран развој со високо ниво на меѓусебна доверба, разбирање и пријателство.
Круна на силната динамика на взаемните пријателски односи, беше речено на средбата, беше монументалната посета на Папата Франциск на Република Северна Македонија во мај 2019 година, настан од исклучително значење не само за унапредување на билатералните односи, туку и за регионот.
Соговорниците на состанокот истакнаа дека духовните врски преку цивилизациското наследство на Мајка Тереза и Светите Кирил и Методиј, се преточуваат и во пријателски политички односи со Ватикан кои во последните години се потврдени и низ зголемената динамика на билатералните средби на највисоко ниво.
На средбата стана збор и за подготовките на двете страни за потпишување на договор, односно конкордат меѓу Северна Македонија и Светата Столица за регулирање на статусот на Католичката црква во нашата земја со што ќе се отворат нови потенцијали за соработка во повеќе области од взаемен интерес.
Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, чествувањето во текот на денот продолжи со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре. Програмата по повод чествувањето на Светите браќа Кирил Методиј попладнето продолжува со концерт на светски познатиот тенор Благој Нацоски.