Македонија
Владина делегација со положување цвеќе на гробот на Гоце Делчев ја одбележа 120-годишнината од неговото загинување
Владина делегација составена од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, и заменик-министерот за образование и наука, Агим Нухиу, со положување цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје ја одбележаа 120-годишнината од загинувањето на идеологот и синонимот за народна борба за слобода.
Пред саркофагот на великанот се поклонија и му оддадоа почит и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, и делегациите на Собранието, на Министерството за одбрана, на Армијата, на Сојузот на борците, на Македонската академија на науките и уметностите, на Град Скопје, на политичките партии, на дипломатскиот кор, како и други почитувачи на делото на Гоце Делчев.
Со пригодна богослужба за помен на мртвите чиноначествуваше архиепископот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г. Стефан.
Визионерот Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од турската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер. Тој ја застапуваше каузата за искрена борба за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи, во која доброволно ќе се здружат сите угнетени народи и ќе ја продолжат сестраната борба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
