Македонија
ВЛЕН: Груби, сенката на Ахмети, лоша копија на Груевски, кој зборуваше со полна уста за ОНА, на првиот судир со правдата побегна
Веќе разбиениот европски фронт на чело со нон-грата партијата ДУИ, исполнет со луѓе од црни листи, немаaт кредибилитет да зборуваат за прашања кои ги засегаат Албанците. Тие се разобличени и изложени пред очите на Албанскиот народ, велат од ВЛЕН.
„Сенката на Али Ахмети, Артан Груби – оваа лоша копија на Груевски, кој зборуваше со полна уста за ОНА, на првиот судир со правдата побегна. Дојди и соочи се, Артан! Албанците не се научени да бегаат. Албанците, кога се во право, се соочуваат со крената глава и не се плашат. Не ги посрамотувај Албанците, не ги користи како штит за твоите криминални дела“, му порачуваат на Груби од коалицијата.
Коалицијата ВЛЕН, како што беше истакнато на прес-конференција, одамна предупредува дека нон-грата партијата ДУИ е партија заробена од криминални структури, предводени од Артан Груби. ДУИ, според ВЛЕН, не може да се повикува на заштита на знамето, јазикот и Албанците – бидејќи сега е партија без кредибилитет и без сила да ги заштити Албанците.
„Не можеш секој ден да зборуваш за заштита на правата на Албанците, а во моментот кога ќе бидеш повикан да понесуваш одговорност
– да побегнеш“.
Според ВЛЕН, Артан Груби, Прпарим Бајрами и нивната клика се вистинското лице на криминалот и корупцијата.
Потенцираат дека правната држава се консолидира и никој нема да избега од правдата.
Оценуваат дека ќе се открие целосната вистина за злоупотребите во Државната лотарија.
„Тие што украле и го прекршиле законот ќе одговараат. Коалицијата ВЛЕН е цврсто решена да донесе транспарентност, одговорност и да ги заштити интересите на граѓаните. Ние нема да застанеме пред политиките на манипулација и страв, бидејќи иднината на Албанците не смее да остане заложник на криминалот и корупцијата.
ВЛЕН стои цврсто за посветла иднина за сите Албанци. Никој не е над законот“, е нагласено од страна на ВЛЕН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ спроведе засилени контоли кај операторите со храна во близина на училиштата
Во рамки на 445 инспекциски контроли спроведени во последните десетина дена, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече 15 забрани за вршење на дејност на оператори со храна, додека 696 килограми небезбедна храна од непознати добавувачи беа запленети и уништени, соопшти АХВ.
Контролите биле насочени особено кон објектите во непосредна близина на основни и средни училишта, од каде учениците најчесто купуваат храна.
Инспекциските проверки откриле дека 19 оператори ставале во промет небезбедна храна, кај 30 се утврдиле незадоволителни хигиенски услови, а од вкупно контролираните, 26 оператори не биле регистрирани во АХВ.
„16 оператри немале имплементирано процедури за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, а дури 32 немале спроведено задолжителен здравствено-саниратен преглед на вработените лица. Тројца оператори немале спроведено задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите, а 7 од контролираните објекти не ги задоволувале техничките услови за вршење на дејноста. Несоодветно означена храна со контролите била затекната кај седуммина оператори со храна“, стои во соопштението на АХВ.
За утврдените неправилности, АХВ изрече парични казни за 77 оператори во вкупна вредност од 36.470 евра. Издадени се 103 решенија за отстранување на недоследностите и 23 опомени.
Македонија
Денеска сончево, од утре голема промена на времето
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб, а во западните делови умерен ветер од југозападен правец. Минималните температури ќе бидат во интервал од -3 до 5, а максималните од 16 до 20 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 16 степени.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека утре облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.

