Македонија
„Влен“: Групи блиски до ДУИ и Артан Груби ги организираа инцидентите на Денот на албанското знаме

Коалицијата „Влен“ ја отфрла интерпелацијата на Блерим Беџети, Муса Џафери, Садула Дураку, Артан Груби и пратениците на ДУИ и Европскиот фронт како неодговорен однос кон граѓаните и нивната иднина.
Според „Влен“, ова е класичен предвидлив чекор на ДУИ кој следува после оркестрираното и организирано нарушување на мирното славање на 28 ноември од страна групи блиски до ДУИ и Артан Груби.
„Креираа проблеми и сега вината ја префрлуваат на друг. ДУИ ги организираше проблемите и инцидентите. Креираат проблем, ги изложуваат граѓаните на ризик, ги оставаат на немилост, бегаат од нив и на крај се обидуваат да користат политички поени. Блерим Беџети, мирниот и послушен министер на Груевски кој беше Министер за правда кога се случи случајот Монструм и ништо не превземе да се расчисти, туку ги остави луѓето да страдаат. Министерот кој доделуваше тендери на своите кабинетски вработени и заедно со Сашо Мијалков беше главен кадровик во правосудството, беше фатен со оружје и наркотични средства во дискотека, бизнис партнерот на Данела Арсовска, најмалку има право да поднесува интерпелација против вицепремиерот Изет Меџити и против заменик министерот Астрит Исени“, велат од „Влен“.
Додаваат дека интерпелацијата треба да ја поднесе ДУИ против лицата блиски до Артан Груби кои ги организирале инцидентите и ја нарушиле свечената и убава прослава на денот на албанското знаме.
„Не можете да се нарекувате Европски фронт, а да се обидувате да ја дестабилизирате државата и со тоа да ја одалечувате од европската перспектива, само затоа што се плашите од последиците на својот криминал. Оваа интерпелација е политички маневар без основа“, велат од „Влен“.
Коалицијата понатаму наведува дека граѓаните заслужуваат одговорна политика, а не враќање кон минатиот хаос.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Герасимовски: Граѓаните со големи пофалби за новоизградената градинка Пролет

Вчера, во рамки на караванот „Се гледаме во маало“, градоначалникот Горан Герасимовски се сретна со жителите на населбата Пролет, каде пред само еден месец беше отворена најубавата и најмодерната градинка „Пролет“ во Македонија.
Жителите на оваа населба упатија големи пофалби за новоизградената градинка, прва и единствена во Пролет која претставува вистински пример за современа детска заштита. Изградена според највисоки светски стандарди, со целосно нова, безбедна и инклузивна средина, таа денес е гордост на целата општина, велат од Центар.
„Овие маалски средби ни се многу важни, тие се можност директно да го слушнеме мислењето на граѓаните, нивните идеи, предлози и предизвици. Затоа и го правиме овој караван, затоа што општината не треба да чека граѓаните да дојдат кај нас, туку ние треба да одиме кај нив и да работиме исклучиво во нивен интерес“, изјави Герасимовски.
Средбата се одржа на маалско игралиште кое беше опремено од градоначалникот Герасимовски, каде што децата безгрижно растат, учат и се дружат. Центарци го поздравија континуираниот развој на Центар, во изминатиот период беа реконструирани 20 улици, подобрени беа условите во сите градинки и основни општiски училишта, а есенва ќе биде пуштена во употреба и реконструираната спортска сала „Работнички“, уште еден капитален проект во интерес на граѓаните, соопшти Општината.
Македонија
Оставки од Тошковски и Јанев и кривична одговорност, бара СДСМ

Последната акција на ОЈО ГОК потврди сè. СДСМ ја говореше вистината за Кочани од првиот ден.
Уапсените полициски службеници вчера се лица кои СДСМ ги објави во серијалот „Вистината за Кочани“ како директно одговорни за дозволување на нелегалното работење на „Пулс“, велат од опозициската партија.
„Благодарение на објавените факти и притисокот, конечно се постапува. Но, останува фактот дека четири месеци директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, министерот Панче Тошковски и целиот врв на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваа да ги заштитат и да ја прикријат одговорноста.
Тие бранеа и криеја свои функционери, ја лажеа јавноста и вршеа притисоци врз Обвинителството за да не се постапува против нивните кадри кои се докажано директно одговрни за пожарот во кој изгореа 62 деца“.
Според СДСМ, Александар Јанев, како прв човек на БЈБ, има директна одговорност за своите подредени. Тој, како што велат, ги поставил, тој давал наредби и затоа додаваат дека мора да понесе оставка и да следи кривична одговорност.
„Истото важи и за Панче Тошковски, кој целиот период ја штитеше структурата во полицијата и тврдеше дека нема вина.
Христијан Мицкоски, пак, со недели ја користеше трагедијата за политички напади, обвинувајќи ги сите, освен оние што ги поставил на функција. Ги лажеше родителите, ја манипулираше јавноста и се обидуваше да ја задуши вистината.
Без одговорност за Јанев, Тошковски и Мицкоски, нема целосна правда. А правда за Кочани мора да има“, потенцираат од СДСМ.
Македонија
МНР со апел до македонските граѓани: Воздржете се од било какви патувања кон Израел и Иран

Во врска со информациите за влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран да ги следат националните портали за итни случаи и строго да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции.
Воедно, Министерството апелира до сите наши државјани да се воздржат од било какви патувања кон земјите од овој регион, до подобрување на безбедносната состојба.
Согласно добиените информации од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, во моментов воздушниот простор над Израел и Иран е затворен, како и аеродромите во Тел Авив и Техеран, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај.
Министерството за надворешни работи ги потсетува нашите државјани дека при евентуална потреба од помош можаат да се обратат на следните контакти:
📍 Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546
Е-пошта: [email protected]
📍 Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]
Во рамките на Министерството е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и ќе ја информира јавноста за сите новини навремено, се додава во соопштението на Министерството.