Македонија
„Влен“: Законот за бранителите нема да помине без вклучување на припадниците на ОНА

Се’ додека сме дел од владата, законот за бранителите нема да помине без вклучување на поранешните припадници на ОНА, велат од коалицијата „Влен“.
Според нив, секој обид за еднострано донесување на овој закон е неприфатлив и е во спротивност со принципите на правда и еднаквост.
„Во континуираните напори за извртување на фактите и создавање забуна во јавноста, СДСМ продолжува со неоснованите дезинформации. Нема прекршување на Деловникот на Собранието од страна на нашата пратеничка, Имарлие Салиу-Фетаи. Потсетуваме дека Салиу-Фетаи не е претседателка на Комисијата за социјални работи, млади и демографија. Таа едноставно водеше точка од дневниот ред на Комисијата, за што доби овластување од претседателот на Собранието, согласно член 126, став 3 од Деловникот на Собранието. Така, Салиу-Фетаи постапила целосно почитувајќи ги законските процедури и нема основа за тврдењата на СДСМ“, велат од „Влен“.
Според нив, преку овие постапки СДСМ и Оливер Спасовски се обидуваат да го оттргнат вниманието на јавното мислење.
„Законот кој денеска го изгласа Комисијата се однесува на зголемување на пензиите, директно подобрување на животот на граѓаните. Реакцијата на СДСМ и Спасовски е отворен обид да се блокира ова покачување и да се избегне расправата за конкретни поволности за пензионерите. Коалицијата ВЛЕН нема да дозволи оваа измамничка стратегија да ги прикрие вистинските проблеми со кои се соочува државата и нејзините граѓани“, велат од „Влен“.
Се додаваа дека остануваат посветени на транспарентноста, почитувањето на законите и заштитата на интересите на албанските граѓани и на сите граѓани на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поддршка од министерот за правда за Пандов чијашто куќа беше запалена: „Случајот бара одлучна акција“

Министерот за правда Игор Филков најостро го осудува палењето на куќата на директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов и бара одлучна акција во која ќе се утврдат причините и најстрого казнат можните сторители.
„Најостро го осудувам палењето на куќата на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов. Му давам целосна поддршка во неговата истрајност и борба против криминалот и корупцијата. Овој случај како и неколкуте други случаи поврзани со лицата вработени во УИС и затворите, бараат одлучна акција во која ќе се утврдат причините и најстрого ќе се казнат можните сторители“, вели Филков.
Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, претходно, на социјалните мрежи објави дека му бил запален домот. Нема да не запрат и нема да не поколебаат, напиша тој.
Македонија
Кирков: Вработените во ЗОО последно земале февруарска плата

До Стефан Кирков, којшто е член на Советот на Град Скопје, пристигнала молба од вработените во скопската Зоолошка градина и барање за реакција и помош. Го известиле дека последна плата која ја земале е фебруарската плата и одтогаш немаат никакво примање.
„Веќе сме мај, а овие вработени се оставени без примања и навистина сум запрепастен до каде ќе се оди со непрофесионалноста во ова раководство на Градот и кадрите кој ги поставува?! Вработените од утре ќе бидат и без здравствено осигурување !!! Поминаа празници како 8ми Март, Рамазан Бајрам , Велигден на праг е и 1ви Мај а вработените се оставени и заборавени замислете да им се исплати плата !!! Цели фамилии страдаат од нечија непрофесионалност!“, напиша Кирков на социјалните мрежи.
Тој ги проѕва Град Скопје , Данела Арсовска и Зоран Попов сигнализирајќи и дека состојбата може да доведе до протести.
Македонија
Реконструкција на водоводна мрежа и проширување на мостот на Маркова Река, најави Општина Аеродром

Општина Аеродром најави дека во наредниот период започнува со целосна реконструкција на водоводната мрежа на улица 2 во Долно Лисиче, а исто така се започнува и реализација на проектот за проширување на мостот на Маркова Река што ги поврзува Долно и Горно Лисиче.
Тендерските постапки и за двата проекта се во финална фаза и се очекува наскоро, по нивното комплетирање да се почне со реализација на терен.
„Водоводната мрежа на улица 2 во Долно Лисиче за првпат од нејзината изградба добива целосна реконструкција при што старите и дотраени цевки ќе бидат заменети со нови и пошироки инсталации во должина од околу 1 300 метри. Со ова конечно се става крај на повеќедеценискиот проблем со водоснабдувањето што го имаат жителите во овој дел од Аеродром“, соопштија од Општината.
Наредниот период Општина Аеродром започнува и со реконструкција и проширување на мостот на Маркова Река, меѓу Горно и Долно Лисиче.
„Мостот се наоѓа на многу фреквентна сообраќајница и токму заради зајакнување на безбедноста во сообраќајот се врши реконструкција со проширување на овој мост, со што би се добило побрз проток возилата, но она што е уште позначајно е дека ќе се зголеми и самата носивост на објектот“, се наведува во соопштението.
Реконструкцијата на водоводната мрежа и на мостот,додаваат од таму, се два капитални инфраструктурни прокета од витално значење, особено за жителите на Долно и на Горно Лисиче, и се финансиски поддржани од Владата.
Вкупната вредност на реконструкцијата на водоводната мрежа изнесува 15.457.871 денар, додека вкупната вредност на проширувањето на мостот е во висина од 12.066.494 денари.