Македонија
„Влен“ им посака добредојде на поранешните соработници на Таравари: Достоинствено застанаа со граѓаните

„Влен“ им посака добредојде и изрази благодарност до поранешните сопартијци на Арбен Таравари од Алијансата за Албанците кои по несогласувањето со неговите политики им се приклучија и најавија дека ќе продолжат да дејствуваат во рамки на владејачката коалиција.
Од „Влен“ за вицепремиерот Арбен Фетаи, ексминистерот Азир Алиу и уште десетици други велат дека избрале достоинствено да застанат таму каде што им е местото: рамо до рамо со граѓаните и дел од проектот за промени.
„Оваа нивна одлука не е само политички став, туку е чин на граѓанска одговорност, вреден придонес во процесот на длабока трансформација во кој заедно започнавме. Во време кога личните интереси и пазарењето зад затворени врати се обидуваа да ја деформираат волјата на 107.000 албански гласачи, овие претставници покажаа дека политичкиот интегритет не може да се купи или отуѓи. Пратеници, министри, директори, високи партиски функционери, раководители на ограноци, раководители на младински форуми и женски форуми, активисти од сите региони јасно и недвосмислено артикулираат дека не се со кланот и планот на Али Ахмети, туку со граѓаните, со надежта и со проектот за промени“, велат од „Влен“.
Додаваат дека вистинската Алијанса за Албанците, која се роди од потребата за фер и достоинствено претставување на Албанците, денес се наоѓа таму каде што природно припаѓа, заедно со „Влен“ и граѓаните кои веруваат во промени.
Таравари викендов почна пресметка со своите неистомисленици, откако најави соработка и со ДУИ на локалните избори, па ги разреши од партиските функции. Тие на прес-конференција јавно застанаа зад „Влен“ и порачаа дека одлуката ја донеле по разговори со голем број сограѓани и дошле до заклучок дека Албанците сакаат продолжување на промената, а не враќање на старото. На пресот беше истакнато дека денешната влада е постабилна од кога било, посветена на реформите и решена за интеграција. Алијансата за Албанците, како што додадоа, има клучна улога во овој процес, и тие нема да се откажат од таа мисија. Кусо по пресот, Таравари излезе со коментар дека се работи за група од 40 луѓе на вицепремиерот Фетаи која чувствува вознемиреност и вина. Ги нарече и анксиозни, по што најави голема победа на изборите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода дел од Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект Ф-300мм на улицата Владимир Комаров 13 во населба Аеродром, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од Пензионерски Дом, Кипер Маркет и една зграда на истата улица, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 23:55 часот до санирање на дефектот.
Дефектот ќе се работи на 17.07.2025 од 09:00 часот.
Македонија
Делови од Гази Баба, Карпош, Кисела Вода и Аеродром без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 06.30 до 12.30 часот, корисниците од булеварот Киро Глигоров, општина Гази Баба;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од улицата Козле од бр.143 до бр. 157, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од улица Бистра, од улица Живко Фирфов до улица Гутенбергова, општина Кисела Вода;
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисницитеод улица Гутенбергова, од улица Бистра до улица Волтерова, општина Кисела Вода;
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од улица Иван Цанкар (парни броеви), улица Франце Прешерн (непарни броеви) и улица Вангел Дину, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од улица Бриселска, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улица Ѓорѓи Капчев, општина Аеродром.
Македонија
Муртезани во Брисел на форум за проширувањето

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денес ќе учествува на форум на високо ниво за проширувањето со наслов „Градење инклузивна иднина во проширена ЕУ: Улогата на социјалниот дијалог, граѓанското општество и вклученоста на младите“, кој ќе се одржи во Брисел, во организација на Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК).
Муртезани ќе учествува на воведната сесија на форумот на ВИП-тркалезната маса заедно со претседателот на ЕЕСК, Оливер Ропке, министерката за европски прашања на Црна Гора, Мајда Горчевиќ, и државниот секретар за Европската Унија на Шпанија, Фернандо Сампедро.
Форумот има цел да ја истакне важноста на социјалниот дијалог и на ангажманот на граѓанските организации и младите во процесот на проширување на Европската Унија како основа за градење поправедно и посолидарно европско општество.