Македонија
Вмровските пратеници пред лидерската на Мицкоски: Уставни измени? Ни под разно!

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го потврдија веќе познатиот став за уставните измени. Во објави на социјалните мрежи тие реагираат дека нема да дозволат преку уставните измени да се случи, како што велат, исполнување поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта.
Со статус на социјалните мрежи, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, порачува дека нема наметнување на бугарски диктат и нема предавство на државата.
„Уставни измени??? Ма ни под разно! Нема наметнување бугарски диктат и нема предавство на Македонија!
Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и националните интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани“, пишува Јаулески.
Додава дека Собранието не треба да се доведе во позиција за исполнување поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта, туку да служи на суверенот – граѓаните.
Ние, како што рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, нема да го дозволиме тоа.
И неговиот сопартиец Бојан Стојаноски го повтори вчерашниот став на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во пресрет на лидерската средба.
Нема промена на Уставот под бугарски диктат, напиша тој.
Според напишаното, уставните измени што ги прифаќа македонската Влада предводена од СДСМ и ДУИ се производ на диктат и под услови што не се прифатливи за македонските граѓани.
Апелираат до Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и национални интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење нтаква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани.
„Собранието не треба да се доведе во позиција за исполнување поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта, туку да служи на суверенот – граѓаните“, се додава во ставот на ВМРО-ДПМНЕ.
И Мицкоски вчера на ист став со своите сопартијци дека кога ќе отиде на лидерска средба со Ковачевски, нема да дозволи уставни измени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Џафери поднесе Предлог Деловник за работа на Собранието

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го поднесе во редовна собраниска процедура Предлог Деловникот за работа на Собранието, кој што е производ на повеќегодишна посветена работа на учесниците во процесот на Дијалогот Жан Моне кој што е заеднички процес на Европскиот Парламент со Собранието.
Во Предлог Деловникот е предвидено одредбите да почнат да се применуваат од наредниот пратенички состав што всушност придонесе многу во донесувањето на непристрасни решенија со консензус и за пратениците од власта и за пратениците во опозиција.
Предлогот е веќе доставен до пратениците во писмена и во електронска форма а ќе биде предложен за прво читање како дополнение на дневниот ред на 127. пленарната седница закажана за 3 октомври 2023 година.
Македонија
Doctor Sauer ZOO Fest во Скопје ЗОО

Оваа сабота, со почеток од 12 часот, Скопје ЗОО прославува 97 години од постоењето како најстара зоолошка градина на Балканот.
„На Doctor Sauer ZOO Fest ве очекуваат жонглери, акробати, едукативна работилница и слатки задоволства – подароци за најмалите посетители. Се гледаме во 12 на Халки-бината во Скопје ЗОО“.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре во Скопје поради велосипедската трка

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека утре (сабота), со почеток од 15 часот, поради одржување на велосипедската трка „Куп на град Скопје 2023“, ќе биде спроведен посебен сообраќаен режим на подрачјето на град Скопје.
Трасата на движење ќе почне на улицата Димитрије Чуповски кај Порта „Македонија“, право по улицата 11 Октомври кон зградата на Собранието до крстосницата со улицата Филип Втори Македонски, па лево по улицата Филип Втори Македонски до влезот на Градскиот трговски центар, потоа се поминува под Градскиот трговски центар и се доаѓа до Порта „Македонија“, каде што се продолжува право по улицата Димитрие Чуповски сè до крстосницата со улицата Даме Груев кај ТЦ „Палома Бјанка“ и назад по улицата Димитрие Чуповски сè до стартно/целната позиција.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, при што сообраќајот ќе се пренасочува на околните сообраќајници. MВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива трката.