Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара техничка влада во февруари и избори во мај

„Техничка влада во февруари, избори во мај, СДСМ нема кредибилитет да ја води државата.
Земјата е во економска, здравствена и енергетска криза. СДСМ е главниот виновник за лошата ситуација во која се наоѓа државата и тие не можат да бидат решението.
За државата да излезе од кризата потребни се промени.
Бидејќи и СДСМ и ДУИ се декларираа дека сакаат премиер Албанец, а доколку нивните заложби се реални, а не водени од други побуди. ВМРО-ДПМНЕ го предлага Африм Гаши да ја води владата која ќе ги организира изборите, и тој ќе добие поддршка од опозицијата. Веднаш потоа да се формира техничка влада, а изборите да се закажат за мај месец.
Доколку СДСМ, и ДУИ одбијат тоа ќе покаже дека се што прават е само чист фолклор за да крадат и лажат. За под превезот на национализми да го ограбуваат сиромашниот народ и во Тетово и во Берово, и во Гостивар и во Штип.
Време е на корупцијата и криминалот да им се застане на патот, а тоа е една од најголемите причини зошто се потребни предвремени парламентарни избори во мај“.
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Граѓаните критикуваат, Касами се дообјаснува: Во објавата стои многу јасно тоа што сакавме да го кажеме

Градоначалникот и лидер на БЕСА, Билал Касами, за „Макфакс“ посочува дека во објавата на социјалните мрежи не напишал дека Тетово е „главен град“ туку „центар“ на Албанците во Македонија. И покрај инсистирањето, без негов став останаа низа прашања, меѓу кои и дали е свесен дека со објавата поттикна меѓуетнички тензии. Тој не кажа ниту дали смета дека истата треба да ја избрише, за да спречи лавина негативни реакции.
„Не се работи за никаков ‘главен град’, туку за ‘центар’ на Албанците во Северна Македонија. Во објавата стои многу јасно тоа што сакавме да го кажеме. Тоа е реалноста, а тие што сакаат да ја злоупотребат, се обидуваат да и дадат друга насока“, вели Касами за „Макфакс“.
Сепак, тетовскиот градоначалник реши да не одговори каква порака испраќа со објавата, ниту дали ги прочитал коментарите под неа. Граѓаните го потсетија и дека градот со кој раководи е најзагаден.
„Ало дечко, Тетово такво какво што е никакво а се тоа е поради твојата неспособност. Не е достојно да се спореди ни со селата околу Тирана“, се вели во еден од коментарите.
Во друг коментар се вели: „Ловиш поени во матно не доликува на еден градоначалник во мултиетнички град“.
„Тоа пред огледало да си го кажуваш и пак нема никогаѓ да биде вистина! Да, главен град на загаден воздух, гнасни улици, 20 метра недовршени асфалти, кучиња, град без паркови, мафија итн. На тоа си ти градоначалник и ништо друго“, му порача друг жител.
Под објавата има педесетина коментари, а во јавноста и реакции од ЛДП и СДСМ.
Македонија
СДСМ: Касами очигледно нема ориентација во просторот

Градоначалникот на Тетово Касами очигледно нема ориентација во просторот, велат од ОО СДСМ Тетово, по објавата на градоначалникот на Тетово, Билал Касами на социјалните мрежи.
„Недостојно е за еден градоначалник кој својата плата ја зема од парите на тетовчани кој се и Македонци и Албанци и Турци и Срби, Роми и останати, да споделува вакви ставови фаворизирајќи една етничка група. Да го потсетиме градоначалникот Касами дека на таа функција дојде благодарение на поддршката која му ја даде ВМРО-ДПМНЕ, односно со помош на македонските гласови.
Очекуваме и неговиот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ да излезе со осуда на ваквите ставови на нивниот градоначалник“, велат од СДСМ.
Македонија
Бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ избришан од регистарот

Бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ е избришан од Централниот регистар со одлука на Министерството за правда.
Клубот имаше рок да се преименува, во согласност со измените во Законот за здруженија и фондации.
Со законот се забранува основање на организации што во нивното име, програма, цели и дејности поттикнува и повикува на воена агресија, разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, геноцид, екстерминација, ширење и поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх.
Претходно, Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употреба на името Иван Михајлов. Од тука образложија дека името на бугарскиот клуб претставува провокација за националните чувства на македонскиот со оглед на тоа што се работи за личност блиска со фашистичка идеологија, кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ, а истовремено предизвикува нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество.
Бугарскиот клуб веќе најави дека правдата ќе ја бара во Меѓународниот суд за човекови права.