Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Дали ЈО од Струмица сака да забошоти истрага за убиство затоа што трагите водат до структури блиски до власта?!

Дали ЈО од Струмица сакало да ја забошоти истрагата за убиството на младото момче од Ново Село затоа што трагите водат до структури блиски до власта?! Со денови власта молчи и повторно се обидува да забошоти убиство, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека според информациите кои излегоа во медиумите, дури ЈО кој излегол на терен, извесен Златко Иванов, констатирал дека обдукцијата врз телото на убиеното момче била вршена нереално, односно било манипулирано со трагите од насилство. Но случајот тука завршил. Зошто и дали некој наредил во Судска медицина да биде изготвен таков извештај со цел случајот да се затвори како несреќа?
Целиот случај е воден со големи пропусти. И индицира дека буквално се внимавало да не се дојде до некого.
Ова е втор случај во кој власта се обидува да прикрива убиство, како што беше случајот со убиството на ракометарот Тот. Премногу е, протест за промени на 18 јуни во 20 часот пред влада, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кај „Треска“, место 12.500, ќе има над 33.000 жители, Уставен одби да го преиспита планот

Згасна и последната надеж на жителите на Центар за спречување на бетонизацијата на местото на поранешната фабрика „Треска“ оти Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на важечкиот урбанистички план, кој предвидува изградба на згради – наполитанки и има низа неусогласености со Генералниот урбанистички план за Скопје. Граѓаните и експертите имаа низа забелешки за планот, но без оглед на тоа, неговата реализација почна и веќе се изведуваат првите згради.
Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, кои заедно со адвокатката Сузана Јошевска ја поведоа иницијативата пред Уставен суд, сега велат дека случајот на „Треска“ покажа оти Устав се менува, но ДУП никако.
„’Треска’ тресна на Уставен! Уставниот суд, без расправа и повикување експерти, ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на планот за Буњаковец, во кој спаѓа и просторот на ‘Треска’. За жал, се потврди правилото ‘Устав може да се смени, ама ДУП никако’. На здравје нека се во Буњаковец:
⚫ над 1 милион квадратни метри изградена бруто-површина за домување наместо 400.000, што ги дозволува ГУП;
⚫️ над 60 % изграденост за домување наместо 22 % колку што дозволува ГУП;
⚫️ над 33.000 жители наместо 12.500 колку што дозволува ГУП;
⚫️ над 9.300 просечен број на семејства наместо 3.400 колку што дозволува ГУП;
⚫️ 0,36 квадратни метри зеленило на жител или ич;
⚫️ густина на изграденост со планираните висини со кои не се обезбедува минимален стандард за нормално хумано живеење или доволна аерација и минимални 2 часа осончаност;
⚫️ уште подолги листи за чекање за запишување во градинка, училишта…
На здравје нека се ‘наполитанките’“, реагираат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.
Иницијативата за преиспитување на планот беше поднесена во јули годинава кога веќе беше извесно дека некои од зградите ќе се изградат, а целта беше да се запрат оние објекти што сè уште немаат одобренија за градење, а се предвидени во планот.
Македонија
Фирма во Македонија рекламирала чаеви користејќи лажно имиња на тројца лекари

Скопското Обвинителство до надлежниот суд поднесе предлог за издавање казнен налог против едно физичко лице и фирма, кои се обвинети за злоупотреба на лични податоци, односно рекламирале чаеви притоа лажно користејќи имиња на лекари.
Обвинетиот 34-годишник, како одговорно лице во фирмата, во периодот од ноември 2022 до април 2023 година, спротивно на условите утврдени во член 10 и член 96 од Законот за заштита на личните податоци, без согласност на тројцата оштетени лекари, ги користел нивните лични податоци – фотографија, име и презиме за онлајн-продажба на два производа, објави Обвинителството.
Личните податоци на секој од оштетените лекари биле злоупотребени како тие со својот професионален авторитет да ги рекламираат и препорачуваат чаевите „паразол“ (Parazol) и „хипертеа“ (Hypertea), кои на територијата на државава ги увезувало и дистрибуирало обвинетото правно лице.
„Лажните интервјуа и објавите преземани и споделувани на повеќе веб-страници и социјални мрежи, со здравствени тврдења и лажни медицински препораки за овие производи што оштетените никогаш не ги дале, обвинетиот ги искористил за незаконита обработка на личните податоци и директен маркетинг“, наведоа од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител му предложи на судот да ги огласи за виновни и одговорното лице да го казни со единствена парична казна од 70 дневни глоби со висина на дневната глоба од 30 евра во денарска противвредност, а правното лице да го казни со единствена казна од 300.000 денари. Во согласност со предлогот на Обвинителството, обвинетите по пресудата ќе треба да ги надоместат трошоците на постапката, а секој од оштетените лекари ќе има можност во граѓанска постапка да си го оствари своето имотно-правно побарување за нанесената штета со злоупотребата на личните податоци.
Скопје
Арсовска избрана за претседател на Форумот на градоначалниците, што се одржа во Обединетите нации

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, е избрана за претседател на Форумот на градоначалниците, што се одржа во Обединетите нации во Женева, Швајцарија.
За потпретседатели на Арсовска се избрани градоначалниците Рикардо Рио од Брага, Португалија, и Сузан Aиткин, од Глазгов, Велика Британија.
„Годинава првпат како официјално тело во рамките на Обединетите нации, исклучителна чест претставува фактот што Арсовска беше избрана како претседател и ја доби довербата преку директно гласање на Форумот, на кој учествува по еден градоначалник од секоја држава од Пан-европскиот Регион, Северна Америка, Африка, Азија, Латинска Америка и од Блискиот Исток“, велат од Град Скопје.
Арсовска заедно со својот тим ќе учествува директно во формирањето на програмата на Комитетот за урбан развој, домување и управување со земјиштето на Обединетите нации и преку усвојување декларации ќе учествуваат во креирање на меѓународните политики за локалните власти.
„По изборот на Скопје за европска престолнина на културата 2028, ова претставува уште еден огромен успех на меѓународна сцена за градот. Како на домашен така и на меѓународен план, Град Скопје продолжува да работи на остварување на заложбите и програмските определби за остварување на проектите што се дел од програмата ‘За модерно Скопје’“, додаваат од прес-службата на Градот.