Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев и СДСМ се откажаа од Гоце Делчев и сите негови соборци
На денот кога бележиме 117 години од смртта на Гоце Делчев, Заев и СДСМ го негираат неговиот македонски идентитет, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„На денот кога бележиме 117 години од смртта на Гоце Делчев, Заев и СДСМ го негираат неговиот македонски идентитет. Заев сè уште молчи во однос на бугарскиот документ со кој ние го губиме јазикот и се откажуваме од нашите корени. Заев и СДСМ се откажаа од Гоце Делчев и сите негови соборци и продолжувачи на неговата идеја. Заев и СДСМ се откажаа од државата Македонија“, наведува опозицијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека македонскиот јазик кој е официјално признаен јазик од страна на ОН, сега со помош на Заев е оспорен и е предмет на договарање.
„Заев ѝ даде на Бугарија алатка во рацете за да не запре на секој чекор кон ЕУ, доколку не се откажеме од нашиот јазик и нашите корени. СДСМ систематски ја урива Македонија. Разнебитувањето на државата мора да запре“, додава ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
