Македонија
ВМРО-ДПМНЕ за „криминални парцели“: Лицето кое се спомнува никогаш не било во работен однос во партијата

И вака оркестрирано обвинителство од СДСМ не можеше да најде ништо спорно кај претседателот Мицкоски, лицето кое се спомнува никогаш не било во работен однос во партијата, реагира ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата на владејачката партија дека во случајот „криминални парцели” вмешани се соработници на Мицкоски.
„Со новите кривични пријави на органите на прогон излезе на површина и виделина дека и вака оркестрираното обвинителство не можеше да најде ништо спорно кај лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, наспроти невистините диригирани од центрите под контрола на СДС.
Да потсетиме, СДСМ е партија која е осуден за клевета и лажни вести.
СДСМ според пресудата на Основниот суд треба да му се извини на претседателот Мицкоски за тоа што шири лажни вести и невистини.
Доколку имаше и најмал сомнеж, партиските обвинители и инспектори кои работат исклучиво по нарачка на СДС ќе направеа голем скандал од случајот. Наспроти тоа се докажа дека со месеци наназад центрите на СДСМ ја лажеа јавноста за што не е прв пат, исто како што нема да биде прв пат потребата да се извинуваат поради тоа.
Посоченото лице во случајот никогаш немал работен однос во ВМРО ДПМНЕ, а другото претставува фабрикувана и злонамерна лага од СДСМ да се одвлече вниманието од инфлацијата, поскапените производи, сиромаштијата, неуспесите на владата.
За разлика од СДСМ јасно кажуваме дека секој кој се огрешил прес законот треба да одговара низ законита и транспарентна постапка“, наведе ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Димитров: Со францускиот предлог Албанија е слободна да си оди напред, а Северна Македонија е таа што е изолирана

Поранешниот министер за надворешни работи од СДСМ и еден од потписниците на Преспанскиот договор – Никола Димитров на Фејсбук детално образложува зошто смета дека „не“ е одговорот за францускиот предлог.
„Бугарија и досега и со и без предлогот ќе можела да не’ блокира.
Едвард Џозев: „Ќе ви ја кажам разликата. Ова е многу важно прашање и ќе бидам многу јасен во одговорот. Кога Бугарија сега блокира, вака, тие се изолирани. Изолирана е. Во ЕУ. Можат да продолжат да блокираат, ама се изолирани.
Со францускиот предлог – тие веќе не се изолирани, Албанија е слободна да си оди напред, а Северна Македонија е таа што е изолирана и Бугарија ќе си продолжи да блокира. Што е подобро за вас? Да ве блокираат изолирани или неизолирани? Одговорот е многу јасен.”
Немам што да додадам кон одговорот на Едвард.
▪︎ Да донесеме дома документ каде ќе се обврземе дека ако Бугарија или било која друга земја членка повторно го оспорува македонскиот јазик и идентитет ќе ги прекинеме преговорите.
Бугарија преку Собранието и болдирано: “… ништо во пристапниот процес на Северна Македонија кон ЕУ не може да се толкува како признавање на постоењето на “македонскиот јазик” (во наводници) од страна на Бугарија.”
Во воведната изјава на ЕУ, значи на ЕУ како европска позиција ќе стои ОВА: “Во однос на преводот на европското законодавство на македонски, ЕУ ги забележи унилатералните декларации на Бугарија и на Северна Македонија за македонскиот јазик.”
Е сега, дали овие реченици можеби ги разбирате како откажување од негирањето на македонскиот јазик?
Па Бугарија и СЕГА го негира постоењето на македонскиот јазик и ни го пишува во наводници. Па токму согласно тезата на Пендаровски, треба и сега да ги прекинеме преговорите, односно воопшто да не ги почнуваме под овие длабоко антиевропски услови.
▪︎ Предлогот е нов бидејќи така кажал Макрон
Ова беше клучниот аргумент зошто и тој го смета предлогот за нов. Оти така кажал Макрон (кој не кажа баш така). Подобро би било чесно да се анализираат корекциите во текстот, бидејќи веќе ги имаме.
Имено, се работи за две “разлики” во текстот: 1) иако првата политичка меѓувладина конференција ќе почне да ги отвара преговорите (претходно не беше така) фазата на отворање ќе заврши по внесувањето на Бугарите во Уставот (како и претходно); 2) зборовите “билатерални протоколи” по член 12 сега се “годишни извештаи и мерки за ефективна имплементација” по член 12 (една иста работа сега има поинаков назив, бидејќи токму протоколите од член 12 содржат годишни извештаи и мерки).
▪︎Најголемата мана на предлогот е што ќе дојдеме до нова блокада но сега домашна, бидејќи нема 2/3 мнозинство за промена на Уставот.
Дали можеби ќе беше помудро да обезбедиме услови за 2/3 мнозинство, ако веќе преземаме таква обврска, преку вклучување на опозицијата и обид да се обезбедат условите за нивна поддршка?
Можеби тоа ќе беше барање Софија да го повлече негирањето на македонскиот јазик, односно да го прифати мнозинскиот македонски народ ако веќе бара измени на Преамбулата и влегување во сила на амандманот на крајот на процесот.
Вака свесно правиме непоправливи концесии, знаејќи дека ќе запреме веднаш на следниот чекор.
▪︎Нема обврска за историските прашања и тие не влијаат на пристапниот процес.
Од предлог рамката, точки 55 и 56 ЦРНО НА БЕЛО:
„ЕК редовно ќе го информира Советот за напредокот на Северна Македонија во сите области во текот на преговорите, а посебно при презентирање на нацрт заедничките позиции на ЕУ. Комисијата ќе посвети посебно внимание на заложбите на Северна Македонија за добрососедски односи и регионална соработка како што е наведено во параграфот 5 (ќе погодите, овој параграф ги содржи двата договара и другиот назив на билатералните протоколи) и ќе ја информира меѓувладината конференција за нивна имплементација.
Советот ќе ја земе предвид оваа проценка при одлучувањето за следните чекори во преговорите за односните поглавја или кластери.“
Што значи сето ова? Софија е незадоволна од работата на комисијата на историчарите. Затоа и бара протоколи. Бидејќи сега работата на комисијата (и многу други барања на Бугарија, споменици и слично) е директно поврзана со напредокот во преговорите, дали и како ќе се движиме кон ЕУ апсолутно ќе зависи од прашањето дали Софија е задоволна од работата на историчарите.
Може ли да се договориме на минимум пристојност во оваа јавна дебата и демек консултации да не манипулираме барем за пишани работи?
▪︎ Подобро да не’ оценува Европската комисија и сите земји членки, одколку само Бугарија.
Бугарија не си ги прикрива намерите. Како дополнителна точка кога го усвои предлогот, бугарското Собрание порача: “Да се гарантира дека добрососедските односи остануваат хоризонтален критериум преку целиот пристапен процес на Северна Македонија и за нивната имплементација ќе известува Европската комисија (прво) до Советот (читај до земјите членки и пред се’ Бугарија) пред секоја меѓувладина конференција (каде седиме и ние).
Со други зборови, Бугарија нема никаква намера да го разлабави менгемето. Напротив. Сака да го види извештајот прво таа. А која земја членка ќе се интересира повеќе од Бугарија што се случува во комисијата на историчарите, Ирска?
Да се тврди дека надградувањето на бугарските барања во европски некако ни одговара е наивно и крајно неодговорно. Инаку, надлежниот еврокомесар за извештаите е Оливер Вархеји.
И конечно:
▪︎ Добрососедските односи отсекогаш биле дел од Копенхашките критериуми.
Ова е елементарно незнаење. Добрососедските односи се дел од друг процес, Процесот за стабилизација и асоцијација. Токму затоа, во португалскиот предлог овие прашања беа ставени во тој процес, а не во пристапниот и меѓувладините конференции“.
Македонија
(Видео) Ковачевски: Сметам дека сите пратеници треба да го прифатат менувањето на Уставот

Премиерот Димитар Ковачевски за трите предлози на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не одговори конкретно дали ги отфрла, но посочи дека не е загрозен идентитетот и јазикот.
„Во однос на тезите кои беа поставени, тие не задираат во третманот на македонскиот јазик ниту идентитетот. Тоа е мултилатерален документ кој е усогласен. Во однос на уставните измени, сите партии имаа свои изјави во изминатиот период, други ги менуваат. Нашиот Устав предвидува дека граѓани кои се самоопределуваат на друг начин, можат да се дел од Уставот. Сметам дека сите пратеници треба да го прифатат менувањето на Уставот” – кажа Ковачевски.
Дел од коалиционите партнери имаат позитивно мислење, а дел размислуваат, кажа Ковачевски за францускиот предлог.
„Јас сметам дека сите политички партии сериозно пристапуваат кон ова прашање и дека ќе донесат вистинска одлука. Тоа е одговорност”, кажа Ковачевски на прашања од новинарите.
Според него, Владата се држи до државните интереси, се штител идентитетот и не е направено ништо без да се почитуваат црвените линии.
„Сите сме свесни за чувствителноста за ова прашање. Лесно е да отфрлиме. Но потребно е рационално размислување со ладна глава. Од ова прашање не смееме да правиме дневна политика. Ова е стратешко прашање” – посочи Ковачевски.
Кристијан Ландов
Македонија
(Видео) Мицкоски: Му понудив на Ковачевски да го отфрли предлогот, а јас да се повлечам од барање предвремени избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски понудил три решенија за францускиот предлог. Тој не добил никаков одговор на барањата од премиерот Димитар Ковачевски.
Според Мицкоски, барањата се разумни. Останува на ставот кој го дели со партијата дека предлогот во ваква форма треба да се одбие.
„Ковачевски го презентираше тоа што секој ден го гледавме во јавноста. На сметка на тоа јас дадов свое гледише на текстот и ги извлекувам заклучоците: овие два документи не се прифатливи за мене и ВМРО-ДПМНЕ, му понудив на Ковачевски да излезе и да го отфрли предлогот, а јас да се повлечам од барање предвремени избори и да ги надминеме заедно предизвиците кои ги имаме пред нас зимава, последица на кризата. Само треба да го одбие ова. Ова не е преговарачка рамка со која ние не обезбедуваме европска иднина туку се бугаризираме. Третата работа која ја понудив, ако смета дека ова е така, дека идентитетот е обезбеден, да бидат избришани членот 11 и членот 14 од Протоколот, а потоа во преговарачката рамка каде имаме принципи врз кои се водат преговорите да ги избришат членовите каде се годишните прегледи и делот каде се повикуваат на протоколот на првата меѓувладина конфенреција. Нека ги избришат ако ова обезбедува европска иднина”, кажа Мицкоски.
Според него, предлогот е да се направи чекор назад и да се застане во одбрана на македонскиот идентитет.
Кристијан Ландов