Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Имаме најголема доверба меѓу граѓаните, затоа Ковачевски бега од избори

ВМРО-ДПМНЕ ужива најголема доверба помеѓу граѓаните, затоа администраторот на владата водена од ДУИ, Ковачевски, бега од избори, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Според анкетите ВМРО-ДПМНЕ води со 22.5% пред СДСМ со 17.9%. Довербата на граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ константно расте, додека за СДСМ паѓа.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски има најголема поддршка кај граѓаните споредено со сите политичари во Македонија.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски ја ужива довербата на 17.7% од граѓаните, наспроти Димитар Ковачевски кој го поддржуваат само 5.5%.
Ковачевски ги знае анкетите и тенденциите на јавноста, дека поддршката за СДСМ е во константен пад и затоа бега од избори.
Ковачевски нема легитимитет, а нема ниту СДСМ, затоа треба да има нови предвремени парламентарни избори час поскоро.
ВМРО-ДПМНЕ во таа насока идната недела ќе предложи до собранието измени на Изборниот законик, што ќе значи укинување на техничката влада пред избори, со цел да се скратат роковите и да можеме да одиме што побргу на избори, од 45 до 60 дена како што е уставно пропишано. Воедно ВМРО ДПМНЕ е подготвено да разговара и за барањето за една изборна единица“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Посебен сообраќаен режим во Скопје поради посетата на делегацијата на СПЦ

Поради официјална посета на делегација на Српската православна црква, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на Град Скопје, при што за сообраќај ќе бидат затворени булеварот Партизански одреди од крстосницата со улицата Аминта Трети до крстосницата со булеварот ВМРО и улицата Св. Климент Охридски од крстосницата со булеварот Илинден до крстосницата со улицата Димитрие Чуповски во Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
СПЦ и МПЦ со нова заедничка литургија денеска во Скопје

Архиепископот Стефан и патријархот Порфириј, денеска ќе одржат нова заедничка литургија во Соборниот храм, по повод 24 Мај – денот на сесловенските просветлители Кирил и Методиј.
Поглаварот на Српската православна црква вчера во попладневните часови пристигна во Скопје. Во делегацијата на СПЦ се и Митрополитот црногорски и приморски Јоаникије, Епископот сремски Василиј, Епископот бачки Иринеј, зворничко-тузланскиот Фотие и крушевачкиот Давид. Делегацијата на СПЦ беше пречекана од Архиепископот г.г. Стефан и Митрополитот Тимотеј.
Со литургијата што минатата недела се одржа во Белград, се надмина 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.
СПЦ вчера го заврши мајскиот Сабор, но во соопштението немаше детали за автокефалност на МПЦ.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 32 степени

Времето денеска ќе биде сончево и доста топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Попладне ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 15, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степени.
Во Скопје, сончево и топло од пладневните часови во делови од котлината ќе има појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилување на ветерот.
Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Во следните денови ќе се задржи топло со максимални температури малку над просекот за овој период од годината. Во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, со грмежи и засилен ветер и со услови за појава на град, понекаде и во форма на невреме.