Македонија
ВМРО-ДПМНЕ испрати допис до Собранието: Парите за референдумска кампања се погрешна одлука
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го послушаат повикот на лидерот Христијан Мицкоски да не користат владини пари за кампања поврзана со референдумот – ова било договорено на денешната партиска координација, која траеше во текот на речиси целиот ден. Иако неофицијално, во партијата имало и поинакви мислења, сепак оттаму одлучиле дека финансирањето кампања од власта со буџетски средства е погрешна одлука. Токму тоа и го навеле во дописот кој доцна попладнево координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, го испратил до претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Средствата за рекламирање, како што пишува во образложението, треба да се наменат за реализација на проекти од областа на образованието, за земјоделците и за опремување на војниците.
„Ги повикуваме Владата и нејзините пратеници да се откажат од средствата за себерекламирање под превезот на референдум и тие да ги насочат кон конкретни проекти во реалниот сектор. Информирањето за различните видувања да биде предмет на бројни медиумски соочувања во претстојниот период“, стои во дописот од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата сè уште јавно не излегоа со став дали ќе учествуваат на референдумот или ќе го бојкотираат. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, тоа го најави за 10 септември.
Од Собранието во понеделникот информираа дека досега пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ДПА, Алијансата на Албанците, Беса, како и двајца независни пратеници до претседателот на Собранието, Талат Џафери, испратиле допис со кој го информираат дека нивните пратеници ќе земат активно учество во јавната кампања за референдумот на државно ниво, кој ќе се одржи на 30 септември.
Како независни се декларирале Амди Бајрам од Сојузот на Ромите и Јусуф Асани од Партијата на Турците, а пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ испратил допис до Собранието дека како поединец ќе учествува во кампањата со бојкотирачки став, бидејќи е против референдумското прашање.
Пратениците нема да добиваат пари, туку Собранието ќе закупи медиумски простор, и истиот, според изјаснувањето, ќе биде пропорционално поделен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Идниот премиер на Унгарија најавува длабоки реформи на медиумите кои беа под контрола на Орбан“, велат од СДСМ
„Идната влада на Тиса, предводена од Петер Маѓар, најави длабока реформа на медиумите и враќање на Унгарија на европскиот пат. Македонија е веќе во медиумски мрак поради медиумите на Орбан кои контролираат 40% од медиумскиот простор, со кои директно управува криминалната организација ВМРО“, велат од СДСМ.
„Лажни вести, измислени афери, деноноќни црни кампањи против СДСМ и јавен лнч врз претседателот Венко Филипче станаа секојдневна реалност во Македонија.
Од нашата прва најава дека Орбан ќе падне, кога граѓаните почнаа да сфаќаат дека истите тие медиуми секојдневно ги обмануваат, а ВМРО со својот дефокус ги одвлекува вниманието од клучните теми – следеа жестоки црни кампањи против СДСМ.
Поради најава за историските промени во Унгарија, ВМРО панично ја засили кампањата против СДСМ и Венко Филипче: најпрво преку своите медиуми и таканаречени новинари (соработници на странски служби), потоа преку поединци од СДСМ (некои уценети, некои купени), а потоа и преку безброј измислени афери како „д-р Жан“, спинување со „Дака“ – човекот од американската црна листа со руски врски, па преку лажни приказни за Дубаи, Африка, Сен Мориц и други измислици.
Со голема надеж очекуваме дека оваа промена во Унгарија ќе донесе нормализација на односите со ЕУ, почитување на владеењето на правото и конструктивна соработка во регионот.
Се надеваме дека медиумите ќе се ослободат од политичка контрола и дека најпосле и кај нас ќе дојде до слободно, релевантно и објективно известување“, соопштува СДСМ.
Македонија
До четврток времето ќе биде променливо облачно со услови за локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во текот на ноќта во јужните и во западните делови ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец со брзина над 60 km/h.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 17 до 22 степени.
Во Скопје, претпладне сончево, а попладне променливо облачно. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 21 степени.
Времето во наредните денови
До четврток времето ќе биде променливо облачно со услови за локални врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во четврток во источните делови кога ќе има и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува југоисточен ветер кој утре долж Повардарието ќе достигнува брзина над 60 km/h. Во петок ќе биде претежно облачно, а во сабота сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Во недела претпладне сончево, попладне со услови за дожд претежно во западните делови. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер.
Македонија
Израелската амбасадорка ја поздрави реакцијата на властите по обидот за палење на синагогата
Израелската амбасадорка во земјава, Вивијан Аисен, ја поздрави реакцијата на македонските власти по обидот за опожарување на објект на Еврејската заедница и синагогата во Скопје.
„Ви благодарам, министре. Брзите и решителни акции на македонските власти за истрага и повикување на одговорност на одговорните за овој гнасен антисемитски чин се од суштинско значење за спречување на потенцијални идни инциденти“, напиша Аисен на „Икс“.
Thank you, Minister. The swift and decisive actions of the Macedonian authorities to investigate and hold accountable those responsible for this despicable antisemitic act are essential to preventing potential future incidents. https://t.co/WSwTrDr9IU
— Vivian Aisen 🇮🇱 (@VivianAisen) April 13, 2026
Претходно, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го осуди обидот за палење, оценувајќи го како „апсолутно неприфатлив“.
„Нема место за вакви дела во Македонија“, порача Муцунски, додавајќи дека е во тек истрага и дека сторителите ќе сносат одговорност.
Од Министерство за внатрешни работи информираа дека на улицата „Апостол Гусларот“ биле пронајдени канистер за гориво и траги од горење во двор од верски објект, по што полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Еврејска заедница во Македонија го осуди инцидентот, оценувајќи го како напад врз темелните вредности на општеството и предупреди на зголемен говор на омраза и нетолеранција.
Од заедницата апелираа за целосно расветлување на случајот и обединета осуда од институциите, верските лидери и граѓаните.
