Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски е на линија со бугарските фашизоидни тенденции

СДСМ и Ковачевски се единствени што не го осудија промовирањето на фашизам од страна на Бугарија, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што наведуваат од опозициската партија, премиерот не го осудил отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ и е на линија со бугарските фашизоидни тенденции.
„Добрососедство не се шири со провокации, туку со добра волја и искрени намери. Доколку Петков е за добрососедство тој ќе отвори македонски културни центри во Бугарија. Ковачевски да го повика Петков и на почитување на македонското малцинство во Бугарија. Ковачевски мора да се придржува и до Декларацијата од Собранието, која е гарант на македонската нација, историја и јазик“, се наведува во партиската реакција во која се инсистира премиерот да побара и писмени гаранции за нашиот идентитет, јазик и историја од ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Притвор за наставникот од Струмица, осомничен за полов напад на ученичка

Судот му одреди притвор од 30 дена на наставникот од Струмица, кој е осомничен за полов напад на дете, кое не наполнило 14 години.
Основното јавно обвинителство Струмица донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 40-годишник осомничен за кривично дело – Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член 188 став 1 од Кривичниот законик, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 12 години.
Осомничениот, наставник во основно училиште во струмичко, во периодот од октомври 2020 година до мај 2022 година, преку социјална мрежа испраќал пораки со експлицитна сексуална содржина на ученичка која немала наполнето 14 години. Искористувајќи прилика кога останале сами во спортската сала на училиштето, тој во два наврати извршил и други полови дејствија, допирајќи ја и бакнувајќи ја оштетената.
Македонија
Петровска: НАТО членството е придобивка, но и поголема одговорност кон колективната безбедност

Денеска во Домот на Армијата беше одбележан Денот на воената служба за безбедност и разузнавање кој се совпаѓа и со јубилејот – 30 години постоење на оваа воена служба.
На свеченоста, министерката за одбрана Славјанка Петровска порача дека членството во НАТО преставува ново поглавје во историјата на оваа служба, која има проширен обем на работа и поголема одговорност.
„Членството во Алијансата е придобивка за безбедноста и стабилноста на државата, а од друга страна токму тоа ја наметнува потребата за развој на воените капацитети и способности кои ќе дадат придонес во колективната безбедност. Бројот на луѓе за чија безбедност сме одговорни се зголеми од 2 на околу 900 милиони“, рече министерката.
Петровска истакна дека одбраната со своите капацитети мора одлучно да се спротивстави на новата безбедносна реалност и тоа со брзи и ефикасни активности за заштита, превенција и одговор на овие закани.
„Прв чекор кон изградба на безбедно општество е воспоставување на еден сеопфатен пристап во справувањето со хибридните закани. Наша обврска како земја – членка на Алијансата е да инвестираме во изградба на национална отпорност на овие закани и да изградиме синхронизиран систем за нивен одговор“, рече Петровска. Додаде дека институциите мора да бидат координирани и да соработуваат и во справувањето со тероризмот, кој претставува глобална закана.
Полковникот Ивица Ампов, раководителот на воената служба се осврна на значењето на военото разузнавање во одбранбениот систем и се заблагодари на вработените во службата за својата професионалност и посветеност.
На одбележувањето на Денот на военото разузнавање присуствуваше и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, а на свеченоста беа наградени и пофалени вработени во службата за воено разузнавање. Благодарници за соработка им беа доделени на Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Бирото за јавна безбедност.
Македонија
Ковачевски: Заемната доверба со Ватикан е потврдена преку заедничкото историско, културно и религиско наследство

Посетата на Ватикан и средбата со папата е една од централните активности за време на чествувањата што секоја година во Рим ги организираме по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, изјави премиерот Димитар Ковачевски, кој ја предводи државно-црковната делегација на аудиенцијата кај папата Францискo, светиот отец на Римокатоличката црква во Ватикан.
„Овој историски настан беше потврда за високото ниво на заемна доверба, разбирање и пријателство меѓу Република Северна Македонија и Ватикан. Нашата соработка и признание од страна на Ватикан е потврдена со тоа што ликовите, како што се света Мајка Тереза и светите браќа Кирил и Методиј, кои се дел од нашето заедничко наследство, Ватикан ги прогласи за покровители на Европа. Оваа пригода сакам да ја искористам и да ги потенцирам темелните историски и културни врски меѓу Северна Македонија и Ватикан како движечка сила за унапредување на нашата соработка во повеќе области“, нагласи Ковачевски.
Појасни дека е почната иницијатива за потпишување договор, односно конкордат помеѓу Северна Македонија и Светата столица, со кој, како што најави, ќе се регулира статусот на Католичката црква во нашата земја и ќе се унапреди соработката во области од заемен интерес.
„Од огромно заедничко значење и интерес е и натамошно унапредување на институционалната соработка меѓу Националната библиотека ‘Св. Климент Охридски’ и Ватиканската библиотека за соработка и размена на искуства во реставрацијата, конзервацијата и дигитализацијата на материјалите на книжното наследство, како и за соработка меѓу Архивот на Ватикан и Државниот архив на Република Северна Македонија“, рече Ковачевски.
Информира дека средбата со папата Франциско и средбата со државниот секретар Паролин биле искористени за разговор во врска со можностите за соработка во областа на високото образование со институтите на Ватикан.
„На мое огромно задоволство, со папата Франциско се согласивме дека поддршката на најранливите наши сограѓани во време на криза е суштината на нашето дејствување и политики. Во овој контекст би сакал да потенцирам дека почитувањето на разликите како еден од столбовите на градењето на општество во кое има место за сите е пресликана во традицијата на меѓурелигиска толеранција, почитување на разните верски убедувања, како и негувањето на слободата и демократијата во Република Северна Македонија“, вели Ковачевски.