Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски свесно лаже за монструозниот скандал на Онкологија
Колку треба да е безочен Ковачевски за вака да лаже и да манипулира за скандалот со крадењето и трговијата со цитостатици на Клиниката за онкологија, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Овој криминал не е „мултикултурен“, како што вели Ковачевски, туку е директно поврзан со кадрите што ги раководат здравството и соодветната институција, кадри кои се негов избор или производ на неговиот коалициски пазар.
„Ковачевски свесно лаже дека допрва ќе воведуваат систем за следење на лековите и терапијата, а не кажува дека ист таков систем бил воведен на Клиниката за онкологија во 2016 година и бил укинат и фрлен во подрум веднаш штом СДС ја добива власта и поставува свој кадар на Клиниката. Сега е веќе јасно зошто бил исклучен системот за следење на терапијата, за терапијата да ја снемува, пациентите да се соочуваат со недостиг или да примаат само физиолошки раствор, а ампулите, кои чинат по илјадници евра, да завршуваат на црниот пазар. Ковачевски лаже, суши“, велат од партијата на Мицкоски.
Тој, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, многу добро знае дека за состојбите на Клиниката за онкологија знаеле менаџерскиот тим и министрите што ги именувал.
„Сите тие вклучително и тој се одговорни за тоа како одредени пациенти мака мачат да ги добијат лековите, кои за нив живот значат, а за други ги имало под рака или ги добивале истите лекови, кои бесплатно ги следат, но на црн пазар. Овој монструозен скандал е многу повеќе од обична корупција, која ја практикува власта на Ковачевски. Овде се работи за крадење од болните, кои се борат за ден повеќе живот. И бог и народот ќе им судат. Одговорност и кривична, но и политичка ќе има“, потенцираат од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
УКИМ го одбележа Светскиот ден на науката за мир и развој: Доделени наградите за најдобри научници и уметник за 2024 година
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска се приклучи кон светската заедница во одбележувањето на Светскиот ден на науката за мир и развој, кој годинава се одржува под покровителство на УНЕСКО со тема: „Доверба, трансформација и иднината: Науката што ни е потребна за 2050 година“.
На свеченоста, ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, ги додели годишните Награди на Универзитетот за врвни резултати во научноистражувачката и уметничката дејност за 2024 година. Добитници на признанијата за најдобри научници и уметник се:
проф. д-р Јасмина Петреска Станоева – Природно-математички факултет (најдобар научник за природно-математички науки);
проф. д-р Христијан Ѓорески – Факултет за електротехника и информациски технологии (најдобар научник за техничко-технолошки науки);
проф. д-р Драган Мијакоски – Медицински факултет (најдобар научник за медицински науки и здравство);
вон. проф. д-р Мартин Николовски – Факултет за ветеринарна медицина (најдобар научник за ветеринарни и земјоделски науки);
проф. д-р Огнен Спасовски – Филозофски факултет (најдобар научник за општествени науки);
проф. д-р Драган Даутовски – Факултет за музички уметности (најдобар научник за хуманистички науки).
Во своето обраќање, ректорката Ангелова ја истакна улогата на науката како двигател на општествениот напредок, нагласувајќи дека денес повеќе од кога било е потребна наука што гради доверба – меѓу истражувачите и општеството, универзитетите и индустријата, знаењето и етиката.
„Вие сте инспирација за сите нас, особено за идните генерации што ќе го водат нашето општество кон поинтелигентна и поодржлива иднина. Да продолжиме сите заедно да ја негуваме довербата во науката, да ја поттикнуваме трансформацијата преку знаење, и да ја градиме иднината што ја заслужуваме – иднина во која науката е јадро на мирот, развојот и човековата благосостојба,“ изјави ректорката Ангелова.
Со оваа манифестација, УКИМ уште еднаш ја потврди својата посветеност кон развој на науката, иновациите и хуманите вредности како темели на општествениот напредок.
Скопје
Градоначалничката на Кисела Вода почнува со приемни денови за граѓаните
Во насока на транспарентно и отчетно работење и со цел директна комуникација со жителите, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, од оваа сабота започнува со приемни денови за граѓаните.
Како што информира општината, на овој начин се воспоставува отворен и непосреден контакт со жителите, што ќе овозможи поефикасно решавање на нивните проблеми и унапредување на квалитетот на живот во општината.
Приемните денови ќе се одржуваат во просториите на Општина Кисела Вода. Заинтересираните граѓани можат да ја закажат средбата секој работен ден, од понеделник до петок, во периодот од 08:00 до 16:00 часот, на телефонскиот број 02/2785-401.
По пријавувањето, граѓаните ќе бидат дополнително известени за точното време на нивната средба.
Македонија
Алиу: Ќе се интензивираат процесите на дигитализација и во сегментот на фармацевтските услуги
Министерот за здравство, Азир Алиу, денес одржа работна средба со претседателката на Фармацевтската комора, Весна Ставрова и претседателката на Здружението на приватни аптеки, Џоана Андоноска.
На средбата, министерот ја потенцираше дигитализацијата како еден од главните приоритети во сите сегменти на здравствениот систем, вклучувајќи ја и фармацијата.
– Нашата заложба е континуирано унапредување на условите и воведување нови методи во јавните здравствени установи, како и нови услуги во аптеките. Исто така, посветено работиме на дигитализацијата во здравството и еден од приоритетите во следниот период ќе биде интензивирање на овие процеси и во сегментот на фармацевтските услуги и развој на институционалната поддршка за зајакнување на професионалната комуникација меѓу фармацевтите и матичните лекари – порача министерот Азир Алиу .
Активно се работи и на проширувањето на позитивната листа од тимовите на Министерството за здравство, комисијата за позитивна листа која ги разгледува и оценува апликациите од фармацевтските компании, како и Фондот за здравствено осигурување. Неодамна беше промовиран и нов модул за електронско поднесување барање за лек на позитивна листа, со кој ја започнавме дигитализацијата на постапката за ставање нов лек на позитивната листа.

