Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски ја потврди коалицијата со Арсовска – СДС стои зад хаосот во Скопје, ги врзуваат тендери и матни зделки

Тајната коалиција Ковачевски – Арсовска излезе на површина. И самиот Ковачевски призна дека имал средби со Арсовска во Влада. СДС и Арсовска стојат позади целиот хаос во главниот град. Ковачевски и Арсовска заедно се виновни за грабежот над скопјани кои здружно го прават. Нивната коалиција е само за бизнис зделки и тендери во четири очи, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека Арсовска постави кадар на СДС за директор на ЈСП. Директорот на ЈСП, Стојковски, лично ја потпиша набавката од 27 милиони евра за гориво по цена од 2 евра за литро. Грабежот на Скопје е заеднички организиран од Ковачевски и Арсовска. Арсовска ги малтретира работниците и го загрозува јавниот превоз во Скопје.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека само за две недели, Арсовска се соочи со протести на вработените во ЈСП поради неисплатени плати, на приватните превозници поради неисплатен долг, како и протестите на вработените во Дрисла поради закани за отпуштање е доволен показател дека градот не функционира.
Градот никогаш не бил понечист, граѓаните за прв пат немаат јавен превоз, додека претпријатијата се пред колапс, а долговите растат, Арсовска наместо да се фати за работа и да ги реализира проектите од програмата за Модерно Скопје за кои скопјани дадоа поддршка, се среќава на тајни средби со Димитар Ковачевски и СДС.
Една година беше доволен период за скопјани да видат дека Арсовска е најнеспособната градоначалничка. Арсовска мора веднаш да си замине, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Приведени четири лица за каменувањето на македонскиот клуб во Благоевград

Има приведени за нападот со камен врз македонскиот културен клуб во Благоевград, пренесе бугарскиот медиум НОВА од свои извори.
Во притвор се двајца мажи и две жени, сите на возраст од околу 40 години. Тие се од Благоевград и засега не е јасно кои се мотивите за делото.
Според неофицијални информации, по полициската акција во Благоевград, министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев разговарал со својот колега од Македонија и ги повикал локалните органи на прогонот да ја завршат работата за дефинитивно идентификување на напаѓачите на Христијан Пендиков.
Македонија
Падна системот на Фондот за здравство, но пациентите можат да подигнуваат лекови од аптека

Падна дел од системот на Фондот за здравствено осигурување во кој ги има личните податоци на сите здравствено осигурени лица во земјава.
Испадот на системот се случил вчера и од тогаш се бара решение. За “Макфакс” од Фондот велат дека и покрај проблемите со кои се соочени, пациентите не се засегнати.
„Прегледите кај матичните лекари се одвиваат нормално, исто е и со издавањето на рецепти и со подигнување на лекови во аптеките. Во моментов има технички проблем и нефункционалност на дел од серверите на Фондот за здравство и тимови работат на дијагностицирање и отстранување на проблемот. Ќе информираме кога ќе утврдиме повеќе факти”, велат од Фондот.
Проблемот со системот е видлив и на официјалната веб-страница на Фондот на која не може да се отвори делот “мое осигурување”.
Испадите на системот на Фондот зачестија последниве две години. Минатата година беше прекината врската меѓу Фондот и системот „Мој термин“ па пациентите не можеа да си купат лек на рецепт во аптеките, а во 2021 година, поради технички проблеми на системот две недели доцнеше ислатата на матичните лекари среде најголем притисок од пациенти со коронавирус.
Македонија
Ковачевски: Ја зацврстуваме соработката со САД, ги промовираме нашите стратешки интереси и на глобален план

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, одржаа прес-конференција, на која информираа за активностите во врска со Стратешкиот дијалог меѓу Република Северна Македонија и САД.
Премиерот Ковачевски информираше дека Владата, на денешната седница го прифати текстот на Планот за активности во рамките на Стратешкиот дијалог на Македонија со САД.
„Со ова го потврдуваме силниот сигнал дека САД се наш стратешки партнер и тоа за нас како држава е од голема важност. Сега од кога било, со дијалогот ја надградуваме нашата досегашната соработка, партнерство и заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет, почитување на правото, борба со корупција и криминал и другите закани по мирот ширум светот“, изјави премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција со министерот Османи.
Премиерот потсети дека нашата држава годинава обележува 15 години како одржуваме стратешко партнерство со САД, период во кој континуирано добиваме поддршка во демократскиот и економскиот развој на земјата.
„Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан која одржа Стратешки дијалог со САД. Тоа е само надградба на досегашното долгогодишно стратешко партнерство меѓу двете земји и подигнување на билатералните односи на повисоко ниво. Владата предводена од СДСМ, постави стратегиски определби за Северна Македонија и истите ги остваруваме со инцијативи и конкретни чекори, независно дали се работи за внатрешна или надворешна политика. Тоа е единствениот начин да ја развиваме земјата, единствено така можеме да придонесеме за промоција на нашите стратешки интереси и на глобален план“, нагласи премиерот.
Ковачевски потенцираше дека целта е што побрзо членство на Македонија во Европската Унија, бидејќи, како што истакна, на граѓаните им се потребни европски институции, европски стандард, европска иднина.
„За да го оствариме тоа потребни ни се структурни реформи, за тоа ни е потребно единство, одлучност, сега не е време за партиски калкулации. Цврсто сум убеден дека местото на Северна Македонија е во кругот на земјите-членки на Европската унија, затоа треба да ги искористиме сите можности и врз основа на поставени принципи на заштита на интересите на граѓаните да го оствариме тоа“, смета премиерот.