Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нашата Влада најмногу работи на намалување на невработеноста
Главен приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше и останува намалувањето на невработеноста, а во таа насока изминатите десет години се спроведоа голем број на реформи, мерки и проекти со кои се успеа да се намали невработеноста од високите 38 отсто во време на СДСМ, на најниско ниво досега од 23,4 отсто.
Како што рече на прес-конференција Владимир Атанасов од МРО-ДПМНЕ, ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 10 години отвори над 160.000 нови работни места.
„Владата го усвои Оперативниот план за вработување за 2017-та година, преку кој заедно со Македонија вработува 2 е предвидено да се отворат околу 10 илјади нови работни места. За спроведување на овој Оперативен план се предвидени 14 милиони и 200 илјади евра, или 2,6 милиони евра повеќе од претходната година. Овој оперативен план опфаќа голем спектар на можности, како што се програмата за самовработување, обуките, грантовите, поддршката за брзорастечките компании, нови работни места во микро и макро претпријатијата, практикантството и низа други инструменти со кои ќе се отворат нови работни места“, рече Атанасов.
Сите невработени лица кои се евидентирани во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа имаат пристап до сите овие услуги, програми и мерките за вработување, додаде тој./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Утре времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа ќе има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има повремен дожд и услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Следува период на променливо облачно и релативно топло време. Во петок и во деновите од викендот времето ќе биде претежно стабилно и ќе дува умерен до засилен северен ветер. Од понеделник повторно се очекуваат локални врнежи од дожд и изолирана појава на грмежи.
Македонија
Муцунски – Прево: Белгиска поддршка на Македонија во нејзината европска интеграција
На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес во официјална посета на Република Северна Македонија престојува заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка на Кралството Белгија, Максим Прево.
Централни теми на разговорите беа напредокот, развојот и перспективите на севкупните билатерални политички и економски односи со Белгија, со посебен акцент на процесот на проширување на Европската Унија и, во тој контекст, реафирмирањето на натамошната белгиска поддршка на македонската европска интеграција.
Министерот Муцунски изрази задоволство од билатералните односи меѓу двете земји и упати благодарност за принципиелната и конструктивна белгиска поддршка во процесот на евроинтеграција. Тој нагласи дека Владата е цврсто посветена на спроведување на клучните реформи, вклучително Реформската агенда, како и на целосно усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
„Особено ја цениме јасната позиција дека евроинтегративниот процес мора да се темели на исполнување на копенхашките критериуми од страна на земјите кандидати, но и на подготвеноста на самата Европска Унија да ги спроведе неопходните внатрешни реформи за прием на нови членки“, истакна министерот Муцунски.
Заеднички беше оценето дека македонско-белгиските односи се на високо ниво, при што беше реафирмирана подготвеноста за нивно натамошно продлабочување, особено во делот на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и привлекувањето нови белгиски инвестиции.
Министерот Прево истакна дека Белгија останува посветена на унапредување на билатералните односи, врз основа на традиционалното пријателство и меѓусебната доверба. Тој изрази задоволство од посветеноста на земјава кон реформските процеси и европската интеграција, особено во делот на усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, и потврди дека Белгија ќе продолжи да биде силен поддржувач на процесот на проширување, врз основа на постигнатите резултати.
На средбата стана збор и за актуелните геополитички предизвици. „Разговаравме и за потребата од мудри, но и храбри геостратешки одлуки во време кога европската безбедносна архитектура се соочува со сериозни искушенија“, заклучи министерот Муцунски.
Македонија
Савески во Врховниот суд: разговарано за поефикасно постапување по предметите во надлежност на највисокиот суд
Во рамките на заложбите за поефикасна координација меѓу Јавното обвинителство на РСМ и Врховниот суд на РСМ, државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска оствари работна средба со претседателот на Врховниот суд Африм Фидани.
Тие разговараа за повеќе прашања кои треба да овозможат поефикасно постапување по предметите во надлежност на највисокиот суд, а по кои постапува и републичкото обвинителство.
Во исто време, Савески го запозна Фидани со плановите за воведување нов систем за електронско управување со предметите во обвинителствата, кој во иднина треба да овозможи и побрза дигитална размена на податоци со судовите.
По преземањето на функцијата, Савески минатата недела го посети и Уставниот суд.
