Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема крај на криминалите на семејството на Ахмети, внукот Дрин вмешан и како подизведувач на Коридорот 8
Кога јавноста ќе помисли дека дното е постигнато во врска со криминалните активности на ДУИ, тогаш тука е семејството на Али Ахмети со нови афери, каде што се крадат парите на народот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во документите што стигнаа до ВМРО-ДПМНЕ, како што појаснуваат од партијата, е наведено дека „Тор индустриес“, со Дрин Ахмети како сопственик, е формирана во 2020 година за да учествува во големите градежни проекти, кои се планирани од власта во Македонија.
„Тор индустриес“, заедно со уште една фирма од кланот Зајас, е вклучен во изградба на Коридорот 8, а договорот што го имаат двете фирми е 1,3 милион евра за ископ и други градежни работи. Покрај Коридорот 8, „Тор индустриес“, фирмата на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети, е вклучена и во изградба на патот од Кичево до Дебар, поточно делницата Извор – гарски мост. Исто како и на Коридорот 8, така и на оваа делница внукот на Али Ахмети е вклучен со уште една фирма од кланот Зајас, а средствата што треба да ги приграбат, според документите доставени до нас, се помеѓу 6 и 9 милиони евра“, се истакнува во информацијата од партијата на Мицкоски.
Според нив, во сите овие ситуации само блиските роднини на Али Ахмети негуваат претприемачки дух.
„Очигледно секогаш во заднината на овие црни бизниси е самиот Али Ахмети, кој дава амин, а во исто време ги користи своите внуци и синот за да се збогати уште повеќе на грбот на граѓаните. Одговорноста доаѓа за многу кратко, а когаш-тогаш Али Ахмети ќе мора да се соочи со своите постапки преку кои тој се богати, а народот осиромашува“, се истакнува во напишаното од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Сали – Џанел: Холандската поддршка значајна за реформите и евроинтеграцијата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
На средбата се разговарало за европската интеграција, спроведувањето на Реформската агенда и билатералната соработка. Министерот Сали нагласил дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет, како и целосната усогласеност со Владеење на правото.
Било дискутирано и за уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“. Воедно било истакнато дека третото барање за исплата на средства е доставено навремено, со значителен напредок во реформските чекори.
„Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на реформите и владеењето на правото“, соопштија од Министерството.

