Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пописот е некомплетен и со многу неправилности

Пописот е некомплетен, ДЗС направи упад и промена на бројките, веднаш по промената на власта ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе комплетен електронски попис, порача опозициската партија.
Оттука оценуваат дека пописот е нецелосен и со многу неправилности и не ја покажува реална слика за популацијата во државата.
„Некомплетноста на пописот се покажа во повеќе наврати. 132 илјади Македонци се непопишани, а тоа 7.2% од целосното резидентно население. Државниот завод за статистика ги поседува сите податоци за овие граѓани, но не ги вклучил во дел од резултатите на оваа операција.
ДЗС направи целосен хаос во графата за религиска припадност, со нераспознавањето на христијани и православни.
Неправилностите на овој попис излегоа на виделина само еден ден од соопштувањето на официјалните резултати. Директниот упад од ДЗС во промената на бројот и процентите во религиската определба во графата атеисти е уште еден од показателите за некомплетноста на резултатите на оваа операција.
За овој упад во официјалните резултати од ДЗС веќе неколку дена нема одговор, а со тоа се зголемуваат сомнежите во бројките на пописот.
Со овој попис стана јасно дека и Македонците и Албанците, но и Турците, Србите, Власите, Ромите и останатите заради лошите политики на власта на СДСМ и ДУИ се иселуваат од државата. Над 10 проценти од резидентното население изминативе години е иселено од Македонија.
На државата не и треба попис за задоволување на коалицијата СДСМ и ДУИ, на Македонија и треба попис спроведен според сите европски стандарди.
ВМРО-ДПМНЕ со преземањето на власта ќе спроведе електронски попис со кои ќе се добијат целосни и релевантни бројки и проценти за резидентното население во Македонија“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Архиепископот Стефан и српскиот патријарх ќе служат литургија и во Скопје на Денот на сесловенските просветители

Со радост му соопштуваме на верниот народ дека од 23 до 24 мај 2022 година во посета на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) ќе престојува делегација на Српската православна црква (СПЦ) предводена од Неговата Светост, соопшти Синодот на МПЦ-ОА.
„На 24 мај, со почеток од 9 часот, во Соборниот храм ‘Св. Климент Охридски’ во Скопје, Неговата Светост, српскиот патријарх г .г. Порфириј и Неговото Блаженство, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, заедно со архијереи од двете сестрински цркви, ќе служат божествена литургија“, се наведува во соопштението.
Од МПЦ-ОА ги повикуваат верниците да земат масовно молитвено учество.
Вчера, во црквата „Свети Сава“ во Белград, СПЦ и МПЦ-ОА по 55 години, првпат одржаа заедничка литургија.
Македонија
Драчево, Долно Лисиче и Батинци добија вода, од „Водовод“ им благодарат на граѓаните за трпението

Прекинот на водоснабдувањето во Драчево, Батинци, Моране, Долно Лисиче и во околните места е саниран, информираат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
„Овој тип на дефекти се случуваат навистина ретко, но нивната природа предизвикува прекинато водоснадбусвање во подолг временски интервал. Благодарност до граѓаните од овој дел на градот за трпението и разбирањето за време на отстранување на дефектот“, се навдува во соопштението на ЈП „Водовод и канализација“.
Според информациите од јавното претпријатие, проблемот бил во пукната цевка со профил Ф 600 на улицата Борис Трајковски, но при копањето за санација на пукнатата цевка биле откриени уште неколку дефекти на спојките.
„Отстранувањето на дефектот беше успешно реализирано во 16.45 часот, а водоснабдувањето за населените места Усје, Пинтија, Батинци, Студеничани и село Моране, кои се снабдуваат со вода преку резервоари (висока зона), се нормализира по 18 часот“, стои во соопштението.
Македонија
Османи на билатерални средби во Торино

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на маргините на состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа, кој се одржа во Торино, оствари билатерлани средби со министрите за надворешни работи на Грузија – Илија Дарчијашвили, на Азербејџан – Џејхун Бајрамов, на Ерменија – Арарат Мирзојан, на Република Молдавија – Нику Попеску, и првата заменик-министерка за надворешни работи на Украина – Емине Џафарова.
Како што информираат од Министерството, фокусот бил на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, безбедносната состојба во ОБСЕ-регионот, како и нарушената безбедносна архитектура во Европа. Биле разменети мислења и за ситуацијата во Украина и искористувањето на механизмите на Советот на Европа за одговорност за кршењето на човековите права. Била потенцирана и важноста на ЕУ-перспективата како за земјите од Западен Балкан така и за тие од источното партнерство.
Османи укажал дека како дел од триото претседавачи со ОБСЕ оваа година и иден претседавач во 2023 година, Северна Македонија силно се залага за зачувување на основните принципи и вредности на Организацијата – како што се почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на земјите учеснички на ОБСЕ.