Македонија
ВМРО-ДПМНЕ предлага изборите да се одржат во април или мај следната година
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека опозицијата инсистира предвремените избори да се одржат на почетокот на април или крајот на мај следната година.
„Како опозиција ние бараме час поскоро предвремени избори. Изборите се можност Зоран Заев да провери дали навистина блеска. Опозицијата е подготвена веднаш“, рече Мицкоски.
Во однос на тоа дали е можен консензус за законот за Јавното Обвинителство, лидерот на опозициската партија е оптимист.
„Доколку постои честита намера можен е консензус за законот за ЈО“, рече Мицкоски, кој потоа додаде дека состаноците на работната група за оваа тема, изобилуваат со чувство за одмазда кон опозицијата. Мицкоски се надева и на компромисно решение за законот за попис, но и во однос на измените кои треба да следуваат во изборниот законик.
„Преговорите течат, ќе продолжат да течат по сите три основи. Се надевам на компромисно решение по сите точки“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од пазарот се повлекуваат бисквити поради можност од присуство на надворешно тело, соопшти АХВ
Од македонскиот пазар се повлекуват производите на „Атлантик Штарк“: Кексичи како перелив 220 гр. серија 1507482842 и Најлепше жеље кукис 145 гр. ноисет, серија 1507483391, двата со рок на траење до 11.05.2025 година, поради можност за присуство на надворешно тело, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера, од компанијата „Атлантик траде Скопје Доо“ Илинден доби известување дека поради можност за присуство на надворешно тело, од пазарот ги повлекува следниве производи:
– 280766 Кексичи како перелив 220 гр. серија 1507482842 со рок на траење 11.05.2025
– 281061 Најлепше жеље кукис 145 гр. ноисет, серија 1507483391 со рок на траење 11.05.2025.
Производител на производите кои се повлекуваат според известувањето е „Атлантик Штарк доо Белград“, Република Србија“, се нагласува во информацијата од АХВ.
Агенцијата како одговорна институција за безбеднста на храната согласно законските надлежности, како што додаваат од таму, ја следи состојбата со повлекувањето на производите.
„До потрошувачите како и компанијата увозник, упатуваме апел доколку ги купиле посочените производи со сериските броеви и рокови на употреба истите да не ги консумираат или да ги вратат на продажното место од каде ги купиле“, истакнуваат од Агенцијата за храна.
Македонија
Меџити на средба со словенечкиот амбасадор Прескер: Словенија за нас е пример во делот на заштитата на природата, инвестирањето во зелена економија и зелениот развој
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска, оствари средба со амбасадорот на Република Словенија Грегор Прескер.
На средбата се разговараше за досегашната соработка меѓу двете држави, кои имаат потпишано спогодба за развојна соработка помеѓу владите на Република Северна Македонија и Република Словенија и имаат формирано заедничка мешовита комисија за билатерална соработка.
Вицепремиерот Меџити истакна дека Словенија за нас е пример во делот на заштитата на природата, инвестирањето во зелена економија и зелениот развој.
Амбасадорот Прескер ја потврди подготвеноста на Словенија да ја поддржи нашата држава на патот кон ЕУ-интеграцијата и на имплементација на активностите со кои ќе се забрза зелениот развој на државата.
Меѓу другото, Меџити и Прескер разговараа и за тековните политички прашања.
Македонија
Муцунски до Столтенберг: Вашата значајна улога во турбулентните години го зајакна и модернизира НАТО
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамките на работната посета на Брисел се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој набргу ќе замине од оваа позиција. По тој повод, министерот му врачи на Столтенберг благодарница и плакета за извонредни достигнувања и придонес за евро-атлантската безбедност.
Изразвувајќи благодарност за неговото лидерство и водењето на организацијата, истовремено нагласувајќи ја важната поддршка за нашето членство во алијансата, министерот Муцунски го истакна значењето на личните напори на Столтенберг за зачувување на заедничките вредности и одржување на мирот и стабилноста во Западен Балкан, регион од стратешко значење за НАТО, известува МНР.
Воедно, тој ја потенцира и посветеноста кон политиката на отворени врати на алијансата како клучен фактор за зачувување на регионалната стабилност.
„Вашата значајна улога во турбулентните години го зајакна и модернизира НАТО правејќи ја алијансата покредибилна и поподготвена за зачувување на мирот и стабилноста во евро-атлантската област“, нагласи Муцунски на средбата.