Македонија
ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги брои донаторите на СДСМ
Поранешниот новинар Мухамед Зекири донирал 180.000 денари за кампањата на СДСМ, набргу по вработувањето во партијата, а откако стана политичар Зекири на својот анкетен лист пријави подновување и со нов џип и купување на нов стан, пресметаа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Сето тоа Зекири успеа да го постигне со платата од 500 евра која Заев му ја даде за да не останел без денар на улица, како што јавно се пофали аболицираниот криминалец.
Петре Шилегов донирал три пати помалку од Зекири за СДСМ, но затоа пак успеал да заштеди повеќе и за две години борејќи се со режимот се стекнува со три нови станови. Во меѓувреме се уште молчи и не соопштува дали тој е новата Радмила Шекеринска која сама на себе си издава станови за 5.000 евра, како што упатуваат сите индиции околу договорите кои во име на неговото адвокатско друштво си ги склучува сам со себе, за консултации, кирија и трошоци“, се вели во партиското соопштение.
Потсетија и дека невработениот студент Ивана Туфекџиќ донирала 118.000 денари за СДСМ, а парите во висина од 40 студентски стипендии оваа невработена студентка не ги донирала на студентските движења и организации, туку на аболицираниот криминалец Зоран Заев.
„Народот на 11-ти декември порача дека не сака да биде воден од криминалци. Затоа речиси половина милион Македонци му кажаа не на СДСМ и неговите криминални и деструктивни сценарија. Зоран Заев ќе одговара за злосторничкото здружение кое го формираше и кое има за цел да ја раскрчми Македонија“, се додава во соопштението./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски од Анталија: Регионалната поврзаност е предуслов за развој и стабилност
Во рамки на учеството на Antalya Diplomacy Forum 2026, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се обрати на панел посветен на новите можности во регионалната и интерконтиненталната поврзаност, на тема „New Opportunities in Connectivity“ (Нови можности за поврзување).
Во своето обраќање, министерот истакна дека поврзаноста денес претставува клучен елемент за економската отпорност, регионалната стабилност и одржливиот развој, особено во услови на зголемена геополитичка неизвесност и трансформација на глобалните синџири на снабдување. Тој нагласи дека Република Северна Македонија, како држава со стратешка позиција на крстопатот меѓу Европа и поширокиот евроазиски простор, има активна улога во унапредувањето на регионалната инфраструктурна и транспортна поврзаност.
Посебен акцент беше ставен на значењето на Коридорот VIII, како еден од клучните источно-западни правци што ја поврзуваат Јадранската и Црноморската област. Министерот нагласи дека неговата целосна доизградба и функционално поврзување со соседните земји претставува стратешки приоритет, при што беше истакната и важноста на железничкото поврзување со Република Бугарија како дел од европските транспортни мрежи.
Во контекст на новите глобални иницијативи за диверзификација на транспортните и трговските рути, министерот се осврна и на Коридорот 10, нагласувајќи ја улогата на Северна Македонија во европските иницијативи за поврзаност, вклучително и напорите на Европската Унија за развој на одржлива инфраструктура што ги поврзува Западен Балкан, Источна Европа и поширокиот евроазиски простор.
Дополнително, беше истакната подготвеноста на земјата активно да учествува во мултилатерални формати на соработка за надминување на техничките, регулаторните и финансиските бариери. Во таа насока, беше потенцирана важноста од засилена координација меѓу владите, меѓународните финансиски институции и приватниот сектор.
Учеството на министерот Муцунски на овој панел ја потврди определбата на Република Северна Македонија за активна регионална соработка, промоција на инфраструктурни проекти со додадена вредност и придонес кон стабилна, безбедна и економски поврзана Европа.
Македонија
Мамографот во Штип во дефект: Пациентките ќе се снимаат во Кочани, резултатите ќе ги чита штипскиот тим
Министерството за здравство ја информира јавноста дека, поради дефект на мамографскиот апарат во Клиничка болница Штип е воспоставена координирана организација со цел непречено обезбедување на мамографски прегледи за жените од источниот регион.
Во таа насока, директорите на Клиничка болница Штип и Општа болница Кочани договорија взаемно решение со кое се овозможува континуитет на услугата.
Мамографиите ќе се изведуваат во Општата болница во Кочани, додека пак снимките ќе се читаат и интерпретираат од стручниот тим во Клиничка болница Штип.
– Согласно медицинските индикации, пациентките кај кои е потребен дополнителен ехо преглед на дојка ќе се упатуваат и прегледуваат во Штип. Правиме напори за обезбедување нов мамограф за Штип, по соодветните проценки во изминатиот период за неможност за поправка на истиот, вели д-р Владко Захариев, директор на КБ Штип.
За пациентките од другите градови од источниот регион е предвиден посебен ден за прегледи, со цел подобра организација и поголема достапност.
Директорот на Клиничка болница Штип информира дека со оваа организација овозможуваме преглед на околу 100 пациентки месечно да добијат мамографски преглед.
Директорката на Општа болница Кочани вели дека ќе се воведе втора смена со цел да се излезе во пресрет на жените од источниот регион.
– Отворивме зголемен број термини, со цел да одговориме на потребите и да обезбедиме што поголем опфат на жените од целиот источен регион со оваа важна здравствена услуга, вели д-р Катерина Мирчовска.
Министерството за здравство останува посветено на обезбедување навремена и достапна здравствена заштита за сите граѓани.
– Институционално се мобилизиравме и во координација со двете здравствени установи овозможивме оваа услуга како времено решение да биде достапна за пациентките од овој регион. Ова е начин како системот треба да функционира кога ќе се соочи со предизвик, вели министерот за здравство, Азир Алиу.
Македонија
СДСМ: Странска разузнавачка компанија ангажирана за следење на опозицијата
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) обвини дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ангажирал странска приватна разузнавачка компанија за следење на опозицијата и, како што велат, фабрикување афери.
Во соопштението се наведува дека станува збор за Black Cube, израелска приватна разузнавачка компанија, која СДСМ ја опишува како „приватен Мосад“, позната по „следење, собирање информации, провокации и фабрикување афери против политички цели“.
„Мицкоски и неговата група ја ангажирале оваа компанија за да ги следи функционерите на СДСМ, особено претседателот Венко Филипче“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ тврдат дека тим на „Black Cube“ неодамна престојувал во Скопје и одржал состаноци во хотел, на кои, како што посочуваат, присуствувал и бизнисмен близок до ВМРО-ДПМНЕ, кој требало да го финансира ангажманот.
Партијата оценува дека целта е „да се следи опозицијата, да се собираат информации и да се фабрикуваат афери за да се дискредитира СДСМ“.
Во соопштението се прави и споредба со Унгарија, при што се наведува дека вакви методи претходно биле користени од Виктор Орбан, а се споменуваат и наводни активности поврзани со избори во други земји.
„Ова не е случајност. Ова е класичен автократски модел: кога легалните инструменти не функционираат, се ангажираат приватни разузнавачки агенции за да се прават лажни афери и да се заплашува опозицијата“, наведуваат од СДСМ.
Во реакцијата се додава дека, и покрај овие наводи, партијата ќе продолжи да инсистира „на вистината, на независното правосудство и на европскиот пат на Македонија“.
