Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски бега од одговори за скандалозните договори за набавка на храна во МВР

Оливер Спасовски молчи и се крие од одговори за скандалозните договори тешки 13 милиони евра, кои ги склучил со компанијата „Индустри сервис“ за набавка на храна за Министерството. Впрочем, потврда дека Спасовски бега од овој скандал е и фактот што тој лично избегнал да ги потпише, туку ја оставил помошник-министерката тоа да го направи во име на МВР, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека со двата договора што МВР ги склучило со Индустри сервис“, компанија што била помагана со грантови од Владата на СДС и на чие отворање присуствувал самиот Спасовски, приватниот субјект ќе треба да добие 13 милиони евра за 36 месеци, односно 4,5 милиони евра годишно во просек. Овој износ е за третина повисок од досегашните трошоци на МВР за истиот период, односно лани Министерството потрошило 3,3 милиони евра за набавки на храна. Каде одат овие 1,2 милион евра разлика на годишно ниво?
Ако на ова додадете дека на компанијата ќе ѝ се признаваат и 15 % транспортни трошоци, тогаш станува јасно за каков бонбона-бизнис станува збор.
Да биде апсурдот поголем, МВР има свои модерни кујни по ХАСАП-стандарди, а потпишува договори со приватни субјекти, што е пример за недомаќинско работење. Спасовски и МВР бегаат од одговори, но нема да побегнат од одговорност. Се работи за пари на граѓаните и со нив Спасовски не може да прави матни зделки, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костадиновска-Стојчевска и Агелер: Во Битола има уникатно богатство на чија заштита посветено работиме

Битола е богат град, и културно и историски. Секое делче од неа раскажува посебна приказна. Имаме уникатно богатство за чија заштита треба посветена работа“, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која првата работна средба со амбасадорката на САД во нашата држава, Анџела Агелер, ја искористи за заедно да посетат неколку значајни локалитети и институции во Битола.
Костадиновска-Стојчевска и Агелер ги посетија археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис и Историскиот архив – Битола, а имаа и средба со пратенички и советнички од овој регион.
При посетата на локалитетот Хераклеја се запознаа со текот на активностите во рамките на проектот за конзервација и презентација на мозаици и архитектура на локалитетот, кој треба да биде финализиран до јуни годинава, а за кој беше обезбеден грант од американската амбасада во земјата.
Костадиновска-Стојчевска упати голема благодарност до амбасадорката Агелер за стратегиското пријателство меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија, за грижата и солидарноста на американскиот народ, кој преку амбасадорскот фонд во континуитет учествува во заштитата на македонските културни богатства за идните генерации што доаѓаат.
При посетата беше истакнато дека конзерваторските интервенции, кои првпат се преземаат во толку голем обем токму благодарение на овој грант, не само што ќе овозможат зачувување на овие исклучително вредни културни добра по кои е препознатлива Хераклеја туку ќе дадат и ново светло и значење на самиот локалитет.
Македонија
(Видео) Адвокатот на Лидија Димова: Не ги злоупотребила фондовите

Ексдиректорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, не ги злоупотребила фондовите. Ова го тврди нејзиниот адвокат Зоран Молчанов. Тој посочи: „Па до сега нема ниеден што пријавил оштета на тоа“, иако Обвинителството тврди дека штетата што ја направила е 20 милиони денари.
„Тезата е таква, од една страна. Меѓутоа, нема предочено спротивно од кои одредби на Законот за јавните набавки е постапено. Наспроти тоа, ние објаснивме дека целокупната процедура е запазена баш во согласност со Закон за јавните набавки цитирајќи по кои членови тоа е направено“, рече адвокатот.
Тој додава дека ОЛАФ ја затворило истрагата за Лидија Димова и посочува: „Се има интересирано, меѓутоа нема утврдено никаква неправилност во работењето“.
Лидија Димова не чувствува вина за делата злоупотреба на службената положба и овластувањето и измама на штета на европската заедница. Александар Гочев, второобвинет, призна вина за делото измама на штета на европската заедница. Со тоа судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска ја раздвои постапката за Гочев.
Обвинителката Сузана Мирческа-Кузмановска поднесе обвинителен акт против Лидија Димова, разрешената директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Александар Гочев, тогашен нејзин близок соработник, и Ана Павлиду, пензионира благајничка во институцијата. Според обвинителката, сите три лица оштетиле средства на европската заедница. Лидија Димова се гони дека со намера за друг да прибави имотна корист ја злоупотребила положбата и овластувањето, па постапила спротивно на Законот за јавните набавки и на Законот за основање Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. Таа ангажирала соработници во Агенцијата, без да објави оглас, а меѓу нив е и ангажирањето на Зоран Златковски. Истовремено, Димова се гони и за исплаќањето издатоци за службени патувања. Обвинителката бара одговорност од Димова и за склучени договори без јавни набавки.
Македонија
Кисела Вода гради паркинг за стотина возила во населбата 11 Октомври – згради

Општина Кисела Вода почна со изградба на нови паркинзи на три локации во урбаната заедница 11 Октомври – згради.
Лоцирани на улиците Ѓорѓи Сугаре и Михаил Чаков, во непосредна близина на трим-патеката, ќе отворат можност за паркирање стотина возила и значително ќе го подобрат сообраќајот во мирување во овој дел од општината.
„Свесни сме дека организацијата на сообраќајот во мирување е од исклучително значење за квалитетот на одвивањето на целокупниот сообраќај, па затоа интензивно работиме на обезбедување локации за изградба на соодветен паркинг-простор во општина Кисела Вода. Минатата година ја затворивме со 7 нови локации за паркирање на речиси 500 возила и оваа година, во согласност со ветувањата, ќе изградиме најмалку уште толку паркинзи. Денес, почнуваме со изградба на паркинзи на три нови локации во урбаната заедница 11 Октомври – згради, кои треба да бидат готови за две седмици. Со ова, се отвораат нови 100 паркинг-места, што значи намалување на сообраќајниот метеж во овој густо населен дел на општината. Изнаоѓањето вакви и слични сообраќајни решенија ќе продолжи со несмален интензитет и во периодот што претстои“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.