Македонија
Во Битола протест поради 18-месечната затворска казна што ја доби возачот кој го прегази Оливер Петровски

Денеска во Битола се одржа протест поради 18-те месеци затвор што ги доби возачот кој пред речиси две години го прегази и усмрти битолчанецот Оливер Петровски.
„Протестот се одржа поради нелогично ниската и тенденциозна пресуда на судијката Татјана Петровска, која му даде срамна казна на убиецот на мојот брат, иако брат ми немаше никаква вина за сообраќајката“, вели Бојан Петровски, брат на загинатиот Оливер.
Тој нагласи дека семејството и понатаму ќе продолжи да ги користи сите конвенционални средства, со цел, како што кажа, да издејствува поправедна пресуда на Апелација.
За прегазувањето на 25-годишниот битолчанец кој управувал електричен тротинет, обвинетиот 21-годишен возач на „фолксваген туран“ добил казна затвор од 18 месеци.
Несреќата се случи во месец јули 2020 година, а пресудата беше донесена неодамна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наплатата на паркинг преку смс порака е повторно во функција

ЈП „Градски паркинг“ – Скопје ја известува јавноста дека успешно заврши процесот со надградба на системот за зонско паркирање, со цел подобра и поефикасна услуга. Проблемот со наплаќање преку смс пораки е решен. Економскиот оператор задолжен за надградба на овој систем, во соработка со мобилните оператори деновиве работеше на надминување на проблемите при наплата на паркинг преку смс, соопштија од оваа институција.
„До корисниците на нашите паркинг услуги упатуваме извинување, воедно оштетените корисници ги повикуваме да поднесат барање за обештетување. Барањето можат да го поднесат писмено преку е-пошта на [email protected], кадешто ќе ги остават своите податоци – име и презиме, број на регистерска таблица, дата и време на паркирање, телефонски број од кој е извршена наплатата, како и зона кадешто било паркирано возилото“, се истакнува во соопштението.
Проблемот со наплатата преку смс порака, кој воглавно се должеше на нефункционалност кај претплатниците на мобилниот оператор „А1 Македонија“, е надминат уште во понеделникот, меѓутоа оставивме тест период од три дена, за со сигурност да ги информираме корисниците на паркинг услугите дека системот е надграден и е во целосна функција, појаснуваат од ЈП „Градски паркинг“.
Македонија
МВР: Носи кацига, вози внимателно!

Одделението за превенција при СВР Скопје и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата денеска на подрачјето на ПС ОН Центар продолжија со реализацијата на активностите во рамките на превентивната кампања „Носи кацига, вози внимателно“, чија основна цел е внимателното и одговорно учество во сообраќајот со цел зголемување на безбедноста.
При реализацијата на кампањата, што е дел од оперативниот план „Безбедно лето 2022“, беа реализирани средби и едукативни разговори со возачите на мотори и на електрични тротинети, а беа делени и летоци со едукативни содржини, соопшти МВР.
Основните пораки до учесниците во сообраќајот се насочени кон нивно запознавање со законската регулатива од оваа област на сообраќајот, почитување на сообраќајните правила и прописи, а во насока на општо зголемување на сообраќајната култура и безбедност.
Македонија
Петровска оддаде почит во спомен на загинатите бранители кај Љуботенски Бачила

Денеска, во спомен на осумтемина бранители и припадници на Армијата, кои животот го загубија кај месноста Љуботенски Бачила, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, положија венец свежо цвеќе на спомен-обележјето на загинатите бранители кај Љуботенски Бачила.
Во чест на загинатите, а како дел од низата одбележувања на овој настан, Петровска како предводник на владината делегација, во чиј состав беше и советникот за одбрана на претседателот на Владата, Драган Василевски, положија венец свежо цвеќе и пред спомен-плочата на загинатите бранители во касарната „Илинден“ во Скопје.
На овој ден, пред 21 година, на патот кај месноста Љуботенски Бачила животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошевски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, припадници на резервниот состав на Армијата.