Македонија
Во едностраната изјава стои дека македонскиот јазик има дијалекти само на денешната територија на Македонија
Министерот Бујар Османи на веб-страницата на Министерството за надворешни работи ја објави едностраната изјава на Македонија за македонскиот јазик, која е приложена кон записникот од првата меѓувладина конференција.
„Македонскиот јазик е неспорен и од денес станува рамноправен во семејството на официјални јазици на ЕУ и ничија друга еднострана издвоена изјава не може тоа да го поништи“, напиша Османи.
„Како што е прoпишано во Уставот на Република Северна Македонија, македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи.
Литературниот македонски јазик е кодифициран во 1945 година. Во согласност со сознанијата утврдени со акти, широкоприфатените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика и лингвистичката наука, македонскиот јазик има свој јазичен, просторен и временски континуитет. Овој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија.
Македонскиот јазик се определува како словенски јазик, кој се наоѓа во јужнословенската група јазици, кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ. Македонскиот јазик беше признаен од Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година.
Македонскиот јазик се изучува на многу катедри за славистика и лекторати на факултети и универзитети низ Европа и светот. Неговата долга говорна и писмена традиција е неоспорен факт во лингвистичката наука. Литературата напишана на македонски јазик е добитник на меѓународни награди и признанија.
При склучувањето какви било договори, спогодби и документи на Република Северна Македонија со Европската Унија, кои содржат јазична одредба со поименично наведување на сите официјални јазици на ЕУ, како што е договорот за соработка со Фронтекс, тие треба да се потпишат со поименично наведување на македонскиот јазик без какви било објаснувања, додавки или фусноти.
Во текот на преговорите за пристапување сѐ до нивното завршување со склучување договор за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и по приемот во полноправно членство во ЕУ, Северна Македонија нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од наведеното во преговарачката рамка. Со приемот на Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ, македонскиот јазик треба да стане еден од службените јазици на ЕУ“, стои во изјавата што ја доставил Бујар Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

