Македонија
(Видео) Протест за одговорност за пожарот во модуларната болница во Тетово
Пред основниот суд во Тетово се одржува протест за правда и лоцирање на одговорноста за пожарот во модуларната болница во Тетово во која пред две години изгореа 14 лица.
Ова доаѓа по документарецот објавен од Истражувачката репортерска лабораторија насловен „Убиство во Тетово“. Тие споделија откритија, документи и направија реконструкција според искази од сведоци. Посочија дека објектите не се граделе според Законот за градење и немало соодветни материјали за заштита од пожари. Се осврнаа на германското вештачење кое беше изведено и во судница, каде токму несоодветната градба и лошата електрична инсталација се лоцирани како причина за пожарот.
За овој случај имаше и обвинение, како и пресуда. Обвинителот ги гонеше двајцата ексдиректори на тетовската болница и докторот задолжен за модуларниот објект. Но не за причините за пожарот, туку бидејќи немало противпожарна заштита, а во објект се дозволувал влез на роднини, што во време на пандемијата беше забрането.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води уште една истрага, а која се однесува за тоа како е спроведен тендерот за изградба на сите модуларни објекти, дали се вградени сите материјали пропишани во техничката спецификација и каква била изведбата. Предметот е во фаза на истрага повеќе месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити: Коцкањето во последните години стана рак на општеството
Вицепремиерот на Владата Изет Меџити на прес-конференција за првите 100 од новата Влада се фокусираше на борбата против коцкатањето како една од главните точки што ја ветија како предизборно ветување.
Според него, коцкањето во последните години стана рак на општеството каде илјадници наши сограѓани претрпеле финансиски, семејни, морални и економски штети.
„Илјадници наши луѓе заминаа и побегнаа во странство. Претходната власт го донесе коцкањето на секоја улица, секое маало, пред секое училиште и пред секое игралиште. На крајот, тие сакаа да го донесат на телефоните и компјутерите на нашите деца. Го прекинавме ова. Им ги укинавме незаконските лиценци на три интернет коцкарски компании. Ги отстранивме од веб-страниците кои легално или незаконски организираа коцкање. Исполнивме ветување кое никој не мислеше дека ќе го исполниме“, рече Меџити.
Македонија
Таравари потврди дека била одбиена хоспитализација на починатото бебе
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска потврди дека била одбиена хоспитализација на бебето кое вчера почина на Детската клиника. Тој е запознаен со случајот, но детални информации очекува од Комисијата за стручен надзор која утре ќе ги истражува двете клиники каде што било лекувано бебето. Како што напомена Таравари, кој и да е виновен, ќе мора да сноси одговорност.
„Вратено било, за жал. Дали поради лекарска грешка или незнаење треба да се констатира. Дефинитивно треба да има одговорност. Меѓутоа не очекувајте од мене уште денес да судам како било. Дозволете компетентните органи да испитаат се во детали. На крајот некој мора да сноси одговорност кога има вакви трагични случаи. Дојдени биле двајца анестезиолози вечерта кога починало детето, имало обид да се интубира, но со ниска сатурација и аритмија било проблем“, изјави министерот пред почетокот на 2. конференција на Женското собрание на Алијансата за Албанците.
Таравари тврди дека сите што биле на смена кога починало бебето се стручни лица. Истакна и дека наследиле здравствен систем во кој се случуваат вакви работи, како и дека не можат преку ноќ да го средат тоа.
На Клиниката за детски болести вчера почина 14-месечно бебе. Министерството за здравство соопшти дека ќе иницира комисија за стручен надзор на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле и на Клиниката за детски болести за да се утврдат причините за смртта.
Македонија
Тошковски: Лага е дека сум расчистил само еден случај како министер и сум разочаран од некрофилските обиди на СДСМ
„Разочаран сум од некрофилските обиди на СДСМ за манипулација на народот со обвинување за наводната неспособност на МВР во овие 100 дена и сметам дека се само очаен обид да го свртат вниманието од седумгодишниот хаос и уништувањето на безбедносниот систем што тие го оставија зад себе. Тврдењето дека за време на моето раководење со МВР е расчистен само еден случај е целосно лажно и манипулативно, со цел да се дезинформираат граѓаните. Според официјалните бројки на МВР, во 2023 година имало 23 убиства од кои 2 нерасветлени, додека во 2024 година до месец октомври има 16 убиства, од кои исто така само два се нерасветлени“, наведува министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на својот фејсбук профил.
Според Тошковски, овие податоци покажуваат дека ситуацијата не само што не е влошена, туку е и подобрена од аспект на намалување на бројот на убиства
-Но, сите знаеме каков хаос се случуваше во изминатите 7 години каде скандалите се редеа еден по друг. Нивните владеачки структури дозволија криминалците да владеат на улиците, да пукаат во трговски центри, да тероризираат граѓани и да ја претворат полицијата во извршител на нивните интереси. Пукањата во “Ист Гејт”, каде криминалци пукаа сред бел ден, мафијашките убиства во “Шиша Бар” и Бутел, двојното убиства во Топанско Поле, бегствата на затвореници – сето тоа не се случи во овие 100 дена. Овие настани чии извршители ден денес се непознати, се резултат на долгогодишното уништување на системот, кој тие го претворија во механизам што им овозможуваше на криминалните структури да дејствуваат слободно. За време на нивната власт, која сега се осмелува да зборува за неспособност, пасоши се делеа на меѓународни криминалци – 215 нарко босови и лица со меѓународни потерници добија македонски документи и се движеа слободно низ Европа, истакнува министерот.
Граѓаните, додава, многу добро знаат кој дозволи бандити да се пресметуваат по улиците на Скопје и кој стоеше зад најголемите скандали со кражба на оружје од полициските депоа и организирани напади врз полициски службеници во станиците.
-Наместо да се справат со организираниот криминал, тие соработуваа со него, оставајќи ги институциите немоќни да ги заштитат граѓаните. Да не заборавиме и дека токму во нивно време се случија корупциските афери како “Рекет”, каде највисоките државни функционери беа замешани во изнуда и злоупотреба на моќ. Пукањата и убиствата што денес ги гледаме се наследство од нивното владеење, кое дозволи полицијата да биде контролирана од криминалци, додека народот беше оставен незаштитен. Ние најавивме бескомпромисна борба со овие криминални структури, почнавме да го обновуваме системот и да ја враќаме контролата врз безбедноста и правдата, но не може веднаш да се реши она што беше систематски уништувано седум години. Воведовме засилени мерки и акциски контроли, но за целосна победа над криминалот е потребна стратешка и долгорочна акција. Ова е процес што нема да се случи преку ноќ, но ние сме решени да ги вратиме безбедноста, правдата и редот во земјата, за разлика од нив, кои дозволија криминалците да го контролираат секој аспект од нашето општество, пишува Тошковски.