Македонија
Во избришаната порака не пишувало „кажете само колку пари треба“, туку „полицијата не презема ништо, тврди дека Вања е избегана“, уверува Туфегџиќ
По денешното судење за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, адвокатот на таткото на Вања, Владимир Туфегџиќ, укажа дека полицискиот началник Дејан Димовски во сведоштвото не дал доказ дека татакото на Вања избришал порака на „Вибер“, во која зборувал за пари што бил спремен да ги даде. Началникот Димовски, објаснувајќи зошто се посомневале во таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, рече дека една од причините била избришана порака во група на „Вибер“, која некои родители ја виделе и на полицијата ѝ кажале дека гласела „кажете само колку пари треба“.
„Началникот бил должен да спроведе целокупна постапка и да достави доказ дека тоа е така. Тој денес потврди дека, освен избришана порака, таква содржина во вибер-група меѓу другите родители нема. Кажува свои претпоставки што ги добил како сознание од други родители, па сега јас поставувам прашање, па зошто не е опфатен некој од тие родители денеска да биде дел од постапката. Тврдам, се знае и кој е родителот и кое е лицето. Александар има комуникација на прашање од тоа лице како загрижен родител, одговара на прашање и одлучува по ова, да ја избрише комуникацијата бидејќи смета, вели и самиот, да не сфати полицијата дека ја попречува истрагата. Тоа е лична комуникација во вибер-групата, од која се издвојува еден родител и упатува прашање, на кое тој одговара и потоа одлучува да ја избрише пораката, како што и самиот ми кажа – ‘за ако прочита полицијата, да не ми забележат дека ја опструирам постапката’. Инаку, неговиот одговор е баш така, децидно: што преземаат? – ‘ништо, тврдат дека Вања е избегана’“, рече адвокатот Туфегџиќ во изјава за медиумите по судењето.
Адвокатот тврди дека таткото на Вања, Александар, и неговиот кум Гоце Трајковски, три дена пред полицијата да дознае за смртта на Панче Жежовски побарале снимка од бензинска станица во Велес оти таткото на Вања се раководел од лични чувства, а пријателите од „Сејв сити“ им посочиле дека на снимката има автомобил што се бара, па затоа ја побарале и ја предале на полицијата. Туфегџик вели дека таа снимка е клучна за откривање на целиот случај.
„Јас лично тврдам, да не биле вклучени овие двајца луѓе, ние и денеска ќе имавме состојба при што Панче и Вања ќе се водеа за исчезнати и немаше да бидат пронајдени и во тоа сум сигурен“, рече адвокатот Туфегџиќ.
Ставот на одбраната е дека полицијата постапувала, без да следи правила и стандарди за постапување во вакви случаи, постапувале според свои видувања, а денешното сведочење на началникот го потврдило тоа.
Туфегџик сведоштвото на началникот го оцени како контроверзен исказ за кој ќе приговараат како одбрана, а по сослушувањето на таткото на Вања, за целосно расчистување на работите, ќе побараат негово соочување со началникот и неговиот колега, со кои бил во постојан контакт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Битиќи: СДСМ е против алармантните измени на Законот за јавни набавки, бараме јавна расправа
Предлог Законот за јавни набавки поднесен од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека е аларамантен. Овој алармантен тренд за носење на закони по скаретна постапка отвора простор за манипулација и злоупотреба на институционалната моќ и ограничување на транспарентноста, кажа на прес-конференција Фатмир Битиќи од СДСМ.
Праксата, вели тој, не само што го намалува квалитетот на законите туку ја загрозува и довербата во парламентарниот систем. Бидејќи граѓаните ја губат можноста да бидат информирани и да бидат вклучени во процесите.
„Наместо отворена дебата, критичко размислување и соочување на аргументите сведоци сме на молскавично туркање на законски измени кои често служат за политички интереси и краткорчни решенија. Дополнително оваа практика го нарушува и системот на правна сигурност, што е еден од клучните столбови на правната држава, еден од основните постулати на демократските општества, а тоа е инклузивноста.
Кога законите се носат без консултација со засегнатите страни, без отворени дебати и без јавна расправа тој процес ја губи демократска легитимност. Токму ова се случува со предлог измените за јавни набавки за којшто слушаме низа на критики од граѓанаскиот сектор и демократски платофрми, здруженија кои ги следат појавите на корупцијата“, оценува тој.
Со предлогот поднесен од 7 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, како што додава, има еден нов обид за смена на Комисијата за жалби по јавни набавки, се одземаат ингеренциите на Бирото и се укинува одредбата за транспарентност. Според него, нема потреба веќе ниту за докажување на стручноста, познавањето на странските јазици, за лицата кои ќе бидат членови на државната Комисија за жалби по јавни набавки.
„Впрочем се укинуваат две суштински работи, едната е укинување на управната контрола, единствениот механизам за контрола на јавните набавки од поголем обем, за стоки и услуги и за работи во државата. Се воведува административна проверка наместо упрвна контрола.
Второ, се укинува можноста за јавно објавување на мислењата на Бирото за јавни набавки и исто така и јавните набавки во самото биро. Да не зборувам за зголемување на бројот на членовите, начинот на нивно разрешување и докажвањето на познавањата“.
Од неговата партија како што укажа, сметаат дека е ова директен упад во системот на јавни набавки. Потсети дека во 2019 година е донесен без ниту еден глас против, поддржан од сите пратеници, целосно усогласен со ЕУ легислативата.
„Образложението коешто овие 7 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ го кажуваат дека ова е во насоки на постигнување на некои индикатори од реформската агенда, не е точно. Треба да се унапреди системот а не за враќање назад. Токму водени од ова пратеничката група на СДСМ поднесе два амандмани кои бараме останување на сегашните одредби. Според член 152 од Деловникот на Собранието поднесовме до претседателот на Собранието и барање за јавна дискусија по основ на Законот за јавни набавки и чекаме претседателот соодветно на првата пленарна седница нашето барање да го стави на усвојување“.
Изрази надеж дека мнозинството ќе овозможи јавна расправа и ова да биде начин дека гласот на експертите, на стручната јавност, на невладините организации но и на опозицијата дека треба да бидат добредојдени.
Македонија
Герасимовски: Ќе се реконструираат дворот и игралиштето во ООУ „Кочо Рацин“
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на одбележувањето на 80 години од постоењето на ООУ „Кочо Рацин“ најави низа реконструктивни зафати за училиштата, планирани за 2025 година, според нацрт-програмата усвоена на 42 Седница на Советот на Општина Центар.
„Во текот на наредната година, во ООУ ,,Кочо Рацин” се предвидува партерно и хортикултурно уредување на дворот, реконструкција на игралиштето и изградба на потпорен ѕид. Овие проекти се дел од нашата посветеност кон унапредување на образовната инфраструктура”, истакна градоначалникот.
Во своето обраќање, Герасимовски ја потенцираше важноста на образованието, парафразирајќи го патронот на училиштето, Кочо Рацин:
„Големиот Кочо Рацин велеше: ,,Да му го земеш јазикот на народот, тоа значи да му ја земеш душата”! На овој посебен ден, ќе додадам – ако му го одземете образованието на еден народ, ќе му ја одземете иднината. Гледајќи ве тука, посветени наставници и вредни ученици, знам дека нашата иднина е загарантирана”.
Герсимовски потенцираше дека Општина Центар контиунуирано инвестира во образованието и инфраструктурата во сите осум основни училишта, бидејќи тоа е влог во новите генерации.
„Оваа година, во ООУ „Кочо Рацин” целосно го реновиравме најстариот дел од училиштето, а спортската сала, која со децении беше запоставена, ја реконструиравме темелно. Сега училиштето располага со четири реновирани и целосно опремени кабинети за стручна настава, како и со спортска сала реконструирана согласно највисоките стандарди”, истакна Герасимовски, завршувајки го обраќањето со порака дека овој голем јубилеј треба да биде поттик за уште поголеми успеси и постигнувања.
Македонија
Велковски: Македонската држава три децении пример за хуманост и солидарност кон бегалците и мигрантите
30 години од воспоставувањето на партнерството помеѓу Република Македонија и Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) денеска беше одбележан во министерството за надворешни работи и трговија.
Потсетувајќи се на историјата и предизвиците со кои се соочуваше државата, присутните ги истакнаа заедничките постигнувања во областа на заштитата на бегалците и промоцијата на човековите права.
Македонската држава беше пример за солидарност во светски рамки соочувајќи се со неколку бегалски и мигрантски кризи.
Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, во своето обраќање изрази благодарност за долгогодишната соработка со УНХЦР. „Овие три децении ја покажаа нашата решителност да стоиме зад најранливите категории, да ги заштитиме нивните права и да им дадеме шанса за нов почеток,“ истакна тој, осврнувајќи се на историските моменти кога македонската држава беше рамо до рамо со бегалците.
Велковски потсети и на клучни настани, како што е отворањето на границите за над 30.000 бегалци од Босна и Херцеговина во 1994 година, и поддршката на речиси 360.000 косовски бегалци за време на кризата во 1999 година.
Преку соработката со УНХЦР, Македонија не само што обезбедуваше привремено засолниште, туку создаде и систем за локална интеграција. Во 2009 година, над 2.000 бегалци добија правен статус и пристап до сите права, станувајќи дел од општеството.
„Најголемиот предизвик дојде со мигрантската криза во 2015 година, кога земјата обезбеди хуманитарна поддршка за повеќе од милион транзитни бегалци. Ова партнерство, како што беше истакнато, се темели на доверба, солидарност и заеднички вредности.
Претставникот на УНХЦР, Габриел Гуалано де Годој, ја истакна улогата на Македонија како модел за успешна интеграција и управување со бегалските кризи. „Ова не е само приказна за минатото, туку и залог за иднината. Македонија покажува како малите земји можат да направат големи промени,“ рече тој.
Со јубилејот, македонската држава ја потврди својата улога како клучен партнер во глобалните напори за заштита на човековите права, демонстрирајќи дека солидарноста и хуманоста се универзални вредности кои ја дефинираат иднината на една нација.