Македонија
Во ковид-центрите во Скопје примени нови 49 пациенти

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 49 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 297 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Во последното деноноќие на интерните клиники имало 17 приеми.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 10 нови приеми на пациенти и 10 на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 12 пациенти.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 26 оздравени пациенти.
Во моментот на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија – 30 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 40 пациенти со симтоми на коронавирусот.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 80 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 93 пациенти, а на Иститутот за белодробни заболувања кај децата во Козле има 24 пациенти. На ГАК има 6 хоспитализирани ковид-позитивни пациентки.
Вкупно 297 пациенти потврдени и сомнителени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите е на кислородна поддршка.
Бројот на приеми во изминатите денови е стабилен и утрово, до 8 часот, имало 53 слободни места, а се очекува во текот на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и може да згрижат пациенти што имат потреба од кислородна поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кајмакоски: Да оставиме надлежните органи да си ја вршат својата работа

Пејачот Даниел Кајмакоски, кој трет ден е во болница, побара разбирање од медиумите и да не се објавуваат непроверени информации во врска со неговиот случај.
„На сите мои пријатели и фанови, сакам да им се заблагодарам за грижата и поддршката. Трет ден сум во болница. Би ги замолил медиумите за разбирање, како и да не објавуваат непроверени информации. Да оставиме надлежните органи да си ја вршат својата работа согласно законот за расчистување на случајот“, напиша Кајмакоски на социјалните мрежи.
Тој во петокот бил примен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Пријавил дека бил на средба со поранешната сопруга која му дала кафе од кое му се слошило.
Неговата поранешна сопруга Кристина Димитријевска рече дека не сака да ги коментира обвинувањата од поранешниот сопруг.
Според пријавата во полиција, Кајмакоски кажал дека додека бил во парк во Тетово, заедно со неговата поранешна сопруга таа му дала кафе во кое што, според пријавеното, била ставена дрога.
Според информациите од МВР, Димитријевска била повикана во Полициска станица Тетово при што ги негирала тврдењата на Кајмакоски и изјавила дека имале средба за да го види своето дете, но воопшто не пиеле кафе.
Додека траела средбата, според нејзино кажување, на Кајмакоски му се слошило, а таа за настанот го известила и Центарот за социјални работи.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пратениците болни од ковид да се вратат во изолација, ќе поднесеме кривични пријави

Пратениците болни од Ковид-19 да се вратат во изолација веднаш, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава, порача опозициската партија и предупреди дека гласањето е нелегитимно.
„ Одговорност мора да има за сите од лицата кои ги пропуштиле да влезат во собранието и да го загрозат здравјето на сите, до Талат Џафери, кој дозволил нивно гласање, иако истите имаат решение за изолација и не смеат да го напуштаат домот, и да го посетуваат работното место“ се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, Талат Џафери и СДСМ денеска покажале дека законите за нив не значат ништо, и дека ги кршат на секој чекор.
„ Доколку ова помине, државата веднаш да им ги врати парите на сите казнети за неносење на заштитни маски, на сите кои го прекршиле полицискиот час и на сите кои потрошиле заштеди и подигале кредити за да се лекуваат низ Ковид болниците. СДСМ е најголем ширач на зараза и канцерот на државата“ обвинија од партијата.
Македонија
Изгласан петтиот пакет мерки, гласаа и двајца пратеници позитивни на Ковид-19

Собранието го изгласа петтиот пакет економски мерки за помош на стопанствениците и економијата погодени од пандемијата. Изгласани се Законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, за месеците февруари и март 2021 година, Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здраствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, заради исплата на платите за месеците февруари и март 2021 година и Законот за изменување на Законот за данокот на личен доход, по скратена постапка.
За законите гласаа сите присутни пратеници во Собранието вклучително и двајца позитивни на Ковид – 19 кои беа изолирани во посебни простории,а се појавија во Собранието со скафандери и целосна заштитна опрема. Присутни беа 115 пратеници.
Опозицијата го обвини претседателот на Собранието,Талат Џафери, дека не ги почитува мерките за заштита од коронавирусот, ги крши Уставот и законите поради тоа што дозволил во Собранието да дојдат двајца позитивни пратеници кои имаат решенија за изолација. Претседателот Џафери пак, рече дека работи според протоколи дадени од Комисијата за заразни болести и уверуваше дека двајцата пратеници, без да контактираат со било кој, биле сместени во изолирани простории.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Црна хроника3 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Економија3 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?
- Македонија3 недели
Ѓорчев: Мојот татко е во кома откако се вакцинираше во Ниш