Македонија
Во Македонија живеат 16 вида змии, од кои три се отровни – што да направите ако ве касне змија?

Со затоплувањето на времето и растот на вегетацијата се зголемува движењето на змиите, што во одредени случаи може да доведе до нивно инцидентно појавување во урбаните средини. Евентуалните ретки средби со овие животни, можат кај граѓаните да предизвикаат прашања поврзани со нивната безбедност и онаа на нивните миленици.
Македонското еколошко друштво ги советува граѓаните да бидат смирени, внимателни и да избегнуваат непосреден контакт со овие животни и покрај тоа што поголемиот број од змиите во Македонија не се опасни.
Од МЕД информираат дека на територијата на Републиката живеат 16 вида на змии, од кои единствено три се отровни. Најраспространет, а со тоа и најопасен е поскокот, кој е препознатлив по карактеристичното „рокче“ на предниот дел од главата и ромбовидните шари кои се протегаат по грбот. Останатите два вида на отровници – шарката и степската лутица – живеат на надморска височина од над 1500 метри и тоа на определени планини во државата.
Во случај на каснување од змија, граѓаните треба да останат смирени и веднаш да побараат медицинска помош. Доколку граѓаните немаат претходни здравствени проблеми и со навремено укажана медицинска помош, каснувањето би поминало без посериозни компликации по нивното здравје.
„Во Македонија не постојат змии кои што агресивно можат да нападнат човек во одбрана на територија или гнездо. Напротив, секоја блиска средба или каснување настанува поради недоволно внимание или неносење на соодветна опрема (високи обувки) во природа. Змијата секогаш се стреми да избегне средба со човек и најчесто бега или се вкочанува во место – сѐ што треба да направиме е да ја заобиколиме или да ја оставиме да продолжи по својот пат“ – објаснува Драган Арсовски, доктор на биолошки науки специјализиран за змии и други влекачи во Македонското еколошко друштво.
„Апелираме до граѓаните да не ги напаѓаат и повредуваат змиите, кои што имаат исклучително големо значење во одржувањето на кревкиот баланс на екосистемот и контролата врз популациите на глодари и други видови на змии. Потсетуваме дека во Македонија не постои сервис за отстранување на овие животни, а граѓаните треба уредно и редовно да ги одржуваат своите дворни површини како превентивна мерка против засолнувањето на змии“, велат од Македонското еколошко друштво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Три активни пожари во државата, еден под контрола

Центарот за управување со кризи известува дека во текот на изминатото деноноќие имало вкупно 21 пожар, од кои три се активни, еден пожар е под контрола, а 17 се изгаснати.
Активни пожари има во општина Велес, кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци, кадешто гори мешана шума, во општина Македонски Брод, помеѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа кадешто гори деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација и во општина Василево, село Нивичино кадешто е запалена нискостеблеста шума и ниска вегетација.
Под контрола е пожарот во општина Дојран, односно селото Николич.
ЦУК информира дека се изгаснати 17 пожари.
Македонија
Без вода дел од Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект Ф-300мм на улицата Владимир Комаров 13 во населба Аеродром, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од Пензионерски Дом, Кипер Маркет и една зграда на истата улица, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 23:55 часот до санирање на дефектот.
Дефектот ќе се работи на 17.07.2025 од 09:00 часот.
Македонија
Делови од Гази Баба, Карпош, Кисела Вода и Аеродром без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 06.30 до 12.30 часот, корисниците од булеварот Киро Глигоров, општина Гази Баба;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од улицата Козле од бр.143 до бр. 157, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од улица Бистра, од улица Живко Фирфов до улица Гутенбергова, општина Кисела Вода;
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисницитеод улица Гутенбергова, од улица Бистра до улица Волтерова, општина Кисела Вода;
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од улица Иван Цанкар (парни броеви), улица Франце Прешерн (непарни броеви) и улица Вангел Дину, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од улица Бриселска, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улица Ѓорѓи Капчев, општина Аеродром.