Македонија
Во МЕПСО незаконски си поделиле двојно К15 и повисоки испратнини за пензија

Вработени во АД МЕПСО си поделиле регрес за годишен одмор за 2016 година, кој го надминува законскиот лимит, покажа анализата на државниот ревизор, кој изразува неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи. Од проверката на извештајот што ја направи „Макфакс“ произлегува дека Надзорниот одбор донел одлука за исплата на популарното К15, но износот бил исплатен спротивно на Законот за платата. „Исплатен е регрес за годишен одмор од 22.256 денари врз основа на одлука на Надзорниот одбор“, пишува во образложението.
Надоместокот за регрес за годишен одмор е утврден во висина од најмногу 60 отсто од просечната месечна нето-плата за работник во државата за последните 3 месеци. Според ревизорите, таа сума би требало да изнесува 13.088 денари. „Вака утврденото право за регрес на годишен одмор предизвикува да бидат исплатени 5 милиони и 143 илјади денари над законското утврдено право“, напишале ревизорите во извештајот.
Тие притоа утврдиле дека биле исплатени средства за испратнина за заминување во пензија во износ од 5 просечни месечни нето-плати, но утврдениот износ што бил исплатен не бил во согласност со Законот за исплата на платите во државата. За оваа основа незаконски биле исплатени 723 илјади денари. Од МЕПСО на ревизорите им одговориле дека според нив нема потреба овие забелешки да стојат во извештајот. Тие се повикале на одредби, според кои, исплатите кон вработените ги правдаат како законски.
Државната ревизија утврдила и дека за милион и 858 илјади денари, членови на Управниот одбор не приложиле докази за трошоци за репрезентација. Ревизорите детектирале и спорни моменти и во правењето на фасадата на МЕПСО. Констатирани се низа недостатоци и пропусти, нема анекс-договори за извршени дополнителни услуги, објектот не е осигуран, а според информациите од надзорот, за завршување на градежните работи потребни се уште 27 милиони и 557 илјади денари. За 95 недвижни ствари АД МЕПСО не обезбедил имотни листови. Реализацијата на склучени договори со меѓународните кредитори не се извршувала во согласност со законските рокови, при што за ненавремено повлечените средства била наплатена провизија од 693 илјади евра.
В. Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Апасиев го откажа учеството на лидерската средба: Треба да биде ден на жалост, а не лидерска за датум за избори

Утре треба да биде ден на жалост заради двојното убиство, а не на лидерска за датум за избори, вели претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Тој го откажа своето учество на планираната средба.
„Апелирам до премиерот истата (средбата) да се помести за посоодветен тајминг, после расчистувањето – преку парламентарна надзорна расправа – на сите неразјаснети прашања поврзани со пропустите на МВР и ОЈО изминативе денови (за време на самитот на ОБСЕ)“, напиша Апасиев на социјалните мрежи.
Македонија
Taткото на Вања во полициска станица, досега не е побаран притвор

Таткото на 14-годишната, Вања Ѓорчевска, по која се трагаше цела недела, а чиешто тело беше најдено денеска, се’ уште е во полициска станица во рамки на истрагата, информираат од Обвинителството.
Од ОЈО велат дека досега не е побаран притвор за него.
Претходно Обвинителството и МВР објавија дека девојчето било убиено неполни три часа по исчезнувањето во понеделникот, а осомничени се пет лица, од кои за три се бара притвор, едно е во странство и уште едно во станица. Тие се осомничени и за убиство на 74-годишен велешанец, Панче Жежовски, по кој се трагаше од 24 ноември, а чиешто тело било пронајдено во Велес, додека неговиот опожарен автомобил беше најден пред неколку дена во Скопско.
Мотив за убиствата, според Обвинителството е користољубие, а неофицијалните информации сугерираат дека тоа подразбира изнуда на пари, и во двата случаи. Деталите ќе бидат образложени утре, на прес конференција.
Македонија
Во „Песталоци“ ќе биде отворена книга на жалост, психолози ќе комуницираат со соучениците на Вања

Утре од 9 часот, на службениот влез на училиштето Јохан Хајнрих – Песталоци ќе биде отворена книга на жалост.
Општина Центар ги повика блиските и сите граѓани кои сакаат да оддадат почит да дојдат да се потпишат.
Во моментот, менаџментот на училиштето во соработка со повеќе психолози се подготвува за утрешниот ден со цел обезбедување поддршка за учениците и комуникација со нив на начин со кој сите полесно ќе го пребродат овој трагичен настан.
Градоначалникот Герасимовски и сите вработени во Општина Центар изразуваат најдлабоко сочувство до семејството и блиските на Вања.
„Извршителите на овој грозоморен чин мора да одговараат во најкус рок, ги повикуваме институциите да го расветлат целосно случајот. Апелираме и до граѓаните да останат обединетив во овие тешки моменти и да не подгреваат шпекулации. Нека и е светол патот на Вања, ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори“, објави општина Центар.