Македонија
Во недела сите масовно да излеземе на гласање, зошто додека седите дома, други одлучуваат за вашата иднина, порача Мицкоски
Во привот изборен круг коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, благодарение на поддршката на граѓаните, постигна историски резултат. За прв пат во независна демократска Македонија коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на советничките листи победи во 58 општини плус главниот град, тоа се вкупно 59 општини. Имаме веќе избрани 33 градоначалници, во вториот круг имаме дополнителни 26 кандидати за градоначалници, а противкандидати на нашите кандидати во две општини веќе се откажаа, со што трката во вториот круг веќе е извесна и таму. А од останатите 24 очекувам во сите 24 општини да победат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и да бидат градоначалници во своите општини, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Македонска Каменица во рамки на изборната кампања под слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ за вториот круг од локалните избори во недела на 2 ноември.
Додаде дека очекува, со победата на Орце Ѓорѓиевски во Град Скопје, да се заокружи бројката од 60 градоначалници, што, како што оцени, е исто така историски резултат што никогаш не е направен во Македонија.
Мицкоски ги повика граѓаните на Македонска Каменица, но и на цела Македонија, да излезат да гласаат и на вториот круг во недела и тоа уште помасовно, затоа што со останувањето дома се дозволува некој друг да одлучува за иднината.
„Би сакал да се заблагодарам на сите граѓани коишто излегоа и гласаа во првиот круг и да ја искористам оваа прилика да ги повикам да излезат и да гласаат во вториот круг. Гледаме дека има наши граѓани коишто, можеби, со години не дошле во Македонија, но доаѓаат од земјите во западна Европа за да гласаат во општини како што се Брвеница и Кичево и така натаму. А, гледаме дека одредени наши сограѓани остануваат дома мислејќи дека на тој начин ќе покажат некаков револт, пркос или ќе испратат некаква порака, која во суштина нема да биде препознаена, бидејќи кога останувате дома дозволувате некој друг да одлучува за вашата иднина. Затоа мојата порака и мојата замолница до оние коишто сè уште се двоумат дали да излезат во овој втор изборен круг, е да излезат масовно и, нормално, да го заокружат бројот 9 за Димче, за идниот градоначалник на Македонска Каменица“, повика Мицкоски.
Мицкоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ се бори подеднакво за секоја општина и за секоја педа од македонската територија, што се покажа и во измината година и половина власт.
„Ние се бориме за секоја општина, се бориме за секој човек, се бориме за секој метар квадратен македонска територија, тоа го покажавме како Влада изминатите 16 месеци, така ќе биде и во овој втор круг. Затоа, кога велам дека очекувам сите 26 кандидати кои се во вториот круг сите да победат и да им се приклучат на оние 33, тоа и го мислам и ние како ВМРО-ДПМНЕ, како коалиција правиме се што можеме тоа да се случи и јас сум убеден дека во недела заеднички ќе испишеме уште една историја, којашто до сега не се случила во Македонија“, потенцираше Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Сарај утре без вода за пиење
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека утре ( среда ) поради дефект на затварач со пречник од Ф-350 мм на ул. 20 во нас. Сарај, од 07:30 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Лака, Крушопек, Грчец, Шишево, Глумово, Горна и Долна Матка, Арнакија, Љубин и с. Сарај. (Општина Сарај)
Македонија
(Видео) Владата го усвои предлогот за разрешување на јавниот обвинител Коцевски, соопшти Митева
На денешната редовна 134 владина седница беше усвоен предлогот за разрешување на Љупчо Коцевски од функцијата јавен обвинител со што ја продолжуваме постапката која согласно законските ограничувања беше привремено стопирана во изборниот период, соопшти владината портпаролка Марија Митева.
„Причините за оваа иницијатива се јавно познати повеќепати до сега ги имаме образложено како Влада, доследно, транспарентно и во интерес на заштита на институционалниот интегритет и одговорност. Нашата цел останува недвосмислена. Јакнење на правната држава и обезбедување на непречено функционирање на органите во служба на граѓаните.
Врз основа на членот 88 став 1 од Законот за јавното обвинителство, а по претходно добиено мислење од страна на Советот за јавни обвинители му предлага на Собранието од функцијата јавен обвинител на Република Македонија да го разреши Љупчо Коцевски, поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на Јавното обвинителство.
Неовластено изнесување на информации, податоци за судски предмети со што ја повредил обврската за заштита на тајноста на постапката согласно закон.
Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед.
Не постапувајќи согласно обврските што се предвидено со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласно со Уставот“.
Како последица на сторените повреди по изминатиот период, евидентна е, додава Митева, нарушената функционалност на Јавното обвинителство и сериозно е нарушен интегритетот на истата, согласно членот 27 став 1 од Законот за јавно обвинителство, токму јавниот обвинител е одговорен за општите состојби, за организирањето и извршување на функциите на Јавното обвинителство.
Постапувајќи на овој начин јавниот обвинител Љупчо Коцевски, како што истакна Митева, флагрантно ја повредил должноста да го чува угледот на функцијата што ја врши предвидена во член 82 став 1 од Законот за јавно обвинителство.
„Имајќи го предвид наведеното Владата му предлага на Собранието да го разреши од функција јавниот обвинител на Република Македонија, Љупчо Коцевски“.
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температури до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 11 до 16 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и релативно топло време за овој период од годината. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.

