Македонија
Во потрага по среќа и благосостојба!

„Тажните луѓе привлекуваат тажни луѓе, Осамените луѓе привлекуваат осамени, Емотивните луѓе привлекуваат емотивни, а СРЕЌНИТЕ луѓе, тие ги привлекуваат СИТЕ луѓе!“
Со Резолуцијата на ОН 65/309 од јули 2011, едногласно прифатена од Генералното Собрание , официјално е дефинирано дека стремежот и потрагата за постигнување СРЕЌА и благосостојба е фундаментална или базично легитимна ЦЕЛ во животот на човекот. Последователната Резолуција 66/281 од 2012, го установува и формално 20 март како „Меѓународен ден на среќата“. Акламативно е заклучено дека среќата на луѓето мора да биде инкорпорирана како главна цел во развојните државни политики на сите земји членки на Обединетите Нации, во духот на глобално усогласените цели познати како „Millenium Development Goals – MDGs“.
Почнувајќи од 2014 година и базирајќи се првенствено на комплексните евалуации од „Gallup World Poll“, редовно се публикува ранг-листа на државите по индексот на среќа, како „Светски извештај за среќа и квалитет на животот“. Согласно овие званични извештаи , последователно во последниве неколку години Финска е рангирана како најсреќна земја, а Финците како најсреќни луѓе во светот. За жал нашата држава во континуитет е рангирана во втората група на најмалку среќни земји во светот, а македонските граѓани се помалку среќни од сите други во соседните балкански земји. За ваквите навистина поразителни резултати , во најголема мера треба да им “заблагодариме” на нашите дежурни кочничари на развојот кои агресивно ги манифестираат своите лични фрустрации и комплекси изворно поврзани со нивниот „лузерски“ код на животна неисполнетост и нереализираност како вистински вредни личности. Овие хронично незадоволни и длабоко несреќни индивидуи упорно управуваат со своите активности гледајќи во ретровизорот и возејќи во „рикверц“, не прифаќаат промени и упорно одбиваат да ги отфрлат вкоравените предрасуди и песимистичкото чувство на губитници или судбински страдалници од памтивек кои ете никој не ги сака а странските инвеститори само ги искористуваат за нивните лукративни цели… (???)
А сега да се вратам кај најсреќната земја на светот – Финска. Да, Финска е една од најзелените земји на Земјината топка… Во оваа далечна земја на северот на Европа, шумите претставуваат околу 72 проценти од територијата а езерата уште додатни 10 проценти. Воздухот, шумите, езерата и водата за пиење се еколошки извонредно чисти!!! Финска има развиено земјоделство, но исто така е и една од нај – рударските земји. Рударството таму има повеќевековна традиција и е суштински значаен сегмент на финското општество и националната економија. Во актуелниве времиња функционално оперираат со повеќе од 40 рудници на метали и неметали. Таа е водечки европски производител на никел и злато, но и значајно производство на бакар, цинк, кобалт, сребро, како и голем потенцијал за литиум.
Еее, тука сигурно ќе се запрашате – како тоа Финска успеала истовремено еколошки да ја заштити својата природа , а отворила и оперира со најголемите европски рударски комплекси? Па според нашите дежурни кочничари тоа е „mission impossible“…
На почетокот на овој век, како резултат на гласно изразената загриженост за зачувување на животната средина и стравот од можните трајни последици по локалните заедници, Финска поминувала низ период на силна кампања против рударството. Владата во 2012 година отворила јавен дијалог со вклучување на науката и граѓанскиот сектор , за дефинирање на националниот став и развоен правец кој Финска сака да го заземе во однос на секторот рударство. Преку конструктивен дијалог, рударството е јасно препознаено како најсигурен извор на огромни развојни можности, условено со примена на најдобрите современи технологии и стандарди. Консеквентно, Финците забрзано го усвоиле новиот акционен план со цел да ја постават нивната земја на водечката позиција – лидер за одржлива рударска индустрија на 21 век!
Финскиот рударски сектор, заедно со извонредно силната индустрија на производители на рударска опрема, има одлична репутација во целиот свет. Тоа се должи пред сѐ на стриктната примена на највисоките технички, економски и еколошки стандарди, како и оние во однос на здравствената заштита. Голем број од рудниците се наоѓаат во „зелени“ региони, блиску до природни паркови, водени површини но и урбани центри. Несомнено, нивните технологии за користење на природните рудни ресурси на одржлив начин и заштита на екологијата и здравјето на луѓето, се помеѓу најнапредните во светот… Финците ги развиле до највисок степен „зелените технологии“. Од тоа , корист има целата планета затоа што Финска е одличен пример кој е јасен доказ дека современото одржливо рударство, економскиот развој и заштитата на животната средина, можат многу сложно и усогласено да се развиваат низ следните генерации!
Д-р Живко Груевски
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таткото на починато петгодишно девојче за последните моменти: Сакаа и втора инфузија да ѝ дадат, но кај ќе удреа со иглата крв избиваше

Стојче Христовски, таткото на починатото петгодишно девојче од битолско Кравари кое вчера почина во Клиничката болница во Битола откако прими инфузија, за „Макфакс“ во детали ги опиша последните моменти со ќерката. Иако премален од тага тој вели дека зборува за да нема други случаи како нивниот. Тој и сопругата се убедени дека за нивната Јана пресудна била инфузијата со гликоза што ѝ ја ставиле откако ја донеле во болницата и покрај тоа што крвната слика покажала дека шеќерот ѝ е деветка.
„Во болницата завршија работа за два саати, толку беше. Сега од почеток ќе ви кажам. Ние сакавме да ја носиме на матичен лекар, нејзината докторка, арно ама таа беше попладне, после два саатот. На телефон ни се јави и рече да ја однесеме Јана в болница, на детско да не се мачи да чека до попладне. Два дена пред тоа, фактички пред три, не знам точно, се тушираше со братот, се капеа и малку и пристуде. Другиот ден ни поткрена температура ама ништо, 37 со 7-8. И дадовме сирупче, спадна температурата. Вечерта си спиеше, немаше никаков проблем, ни температура, ни ништо. Следниот ден, после ручек и се појави оток кај очињата, горе, и се жалеше од ноџињата. Велеше – ме болат ноџињата, мускулите“, вели таткото Христовски.
Проблеми со оток на очните капаци таткото вели дека Јана имала и околу Нова година. Фатила грип, ѝ отекле очните капаци. Лекарката им објаснила дека од грипот во очите ѝ се собира слуз и затоа капаците ѝ се отечени. Им дала капки и за еден ден отокот се повлекол.
Сличен оток, но помал, имала и вчера, кога ја однеле на лекар. Христовски вели дека Јана на нога го дочекала да дојде од работа за да ја однесе во болница и сама си влегла во автомобилот.
„Ѝ беше мака ама не беше истоштена за да не може да оди. Стигнавме во болница. За да не се мачи, ја кренав в раце до детскиот оддел. Почекавме тука во ходникот. Муабети си правевме. Влеговме внатре. Не натераа крвна слика да направиме. Појдовме за крвна слика, не можеа крв да ѝ земат оти тој ден сабајлето повратила шлајм и наводно од што повратила била дехидрирана. Дадовме и мокрача. Измерија шеќер деветка. Таа кај што ѝ земаа крв ни кажа дека шеќерот ѝ е деветка и го врати девојчето во амбуланта и кажа на докторката дека шеќерот ѝ е деветка. И телефонски што контактираа со некого, го известија дека шеќерот ѝ е деветка“, вели таткото Христовски.
Со Јана во собата кај што ѝ давале инфузија влегла само мајката оти било дозволено само еден родител да влезе. Христовски останал во ходникот.
„И ставија инфузија, а резултатите ни рекоа после 12 часот дека ќе бидат готови. Тие на детско пак ѝ извадија уште две епрувети крв и ме пуштија и тие да ги однесам во лабораторија. За таа крв резултатите рекоа дека ќе бидат готови после еден, еден и пол. Дури таа што беше на шалтер рече – пауза е сега, гледаш колку е саатот, ама арно се погоди колегата нејзин и рече – ама за петгодишно девојче се работи, зема човекот ја внесе крвта ама ако се сомневаат во нешто требаше побрзо да бидат резултатите. Резултатите не ги видоа, почнаа со инфузии и рекоа дека шеќерот бил покачен од што повратила“, вели таткото.
Неговата сопруга на шишето од инфузијата прочитала дека се работи за гликоза, 500 милилитри и дека со живот гарантира дека и дале шеќер на ќерката иако измериле девет единици.
„Откако истече инфузијата ситуацијата почна да се влошува. Го мерат пак шеќерот, тој 19 и се обидуваат втора инфузија да стават. Арно ама не можат вена да му најдат на чупето. Кај што ќе мавнеле со иглата избивала крв. Од тогаш се комплицираат работите. Ја пренесоа во друга сала, тука од карши кај што има кислород и такви работи. Ми се јави по телефон сопругата и ми вели – влегувај, лоша е ситуацијата, се искомплицира, исплашена. Влегов, седеше внатре на едно столче, јас стоев сѐ се гледаше преку стаклата. Викнаа од ансетезиолозите, ѝ ставија нешто и се поткрена малку. Ја прашаа како се вика, рече Јана, сѐ се слушаше и ја гледавме. Имаше наредено штипчиња за срцето да го следат, за пулсот, кислород… Се поврати чупето, си заминаа анестезилозите што беа. По пет до десет минути чупето пак почна да се губи. Тука веќе настана хаос. Ѕвонеа пак по телефони да дојдат анестезиолозите, една чистачка што беше тука ја пуштаа некаде, кажуваа оди земи ова, таа оди се враќа вели нема клуч, не знам каде е клучот. Веќе тука беше крајно. Јас гледав преку стаклото. Пробаа со електрошокови, со масажи на градите за да ја вратат, но ништо. Многумина беа тука собрани, не можев убаво да гледам. Можеби имаше пет-шестмина доктори, медицински персонал. Тука веќе ми беше јасно, ја ставија на еден кревет за да не ја носат на интензивна горе, тоа е на вториот кат, ама веќе се гледаше дека чупето нема знаци на живот. Ја масираа по градите ама тоа беше само колку да не ни кажат тука“, со грутка во грлото кажува таткото.
Откако ја качиле Јана на интензивна нега, околу 12 часот иако веќе не покажувала знаци на живот, лекарите и сестрите престанале да контактираат со нив и цели речиси три часа не можеле да дознаат што се случува со нивната ќерка. Шетале во ходникот и прашувале како е Јана секого што ќе го сретнеле.
„Излегуваат од тие салите сестри некои, ги прашувам – извенете, чупето што е внатре живо ли е, умрено, какво е, три саати веќе се направи ние тука не знаеме. Немав веќе ни надеж бидејќи видов, како се одвива ситуацијата и знаев дека одолговлекуваат само колку да не спремат малце, да не дојде набрзина. Излези друга, прашај вели работевме, не можев да видам. Прашај ја другата таа – не бевме ние во таа сала, никој ништо да ни каже. Два и пол до три саати не знаеме што се случува. Никој ни да излезе да каже, ние се вртевме тука во тој ходникот, си ги чукавме главите во ѕидот. Никој ништо“, вели Христовски.
Јана немала никакво претходно заболување, ниту пак била алергична на нешто. Била физички активна, играла фудбал, правела шпаги, сакала атлетика. Родителите се разочарани од изјавите на лекарите кои кажуваат дека три дена родителите ја лекувале Јана сами, дома и нагласуваат дека тоа не е точно како што не е точно ниту тоа дека имала дијареја.
Христовски е разочаран и од начинот на кој лекарите се обиделе да ги утешат кога им соопштиле дека Јана починала.
„Никому да не даде Господ. Вакви работи да нема. Кога нѐ тешеа таму, кога рекоа направивме сѐ што можевме, нѐ тешат и ни велат: ‘пред пет – шест дена истиот случај го имаше двегодишно дете’. И тоа утеха било дека двегодишно детенце починало од истиот проблем!? Пишаа во извештајот слабо срце, но од тоа нема ништо. Чупето беше здраво, немаше проблеми“, низ солзи вели таткото Христовски.
Директорот на болницата Александар Обедниковски за „Макфакс“ изјави дека девојчето било во болницата од 10 часот утрото до 14 часот кога починала, а за тој период била само рехидрирана оти родителите ја донеле дехидрирана, со покачена телесна температура и со оток на очите. Директорот Обедниковски рече дека телото на девојчето е дадено на обдукција, а за случајот е известен јавен обвинител.
Македонија
Пендаровски-Баербок: Германија е еден од најблиски сојузници и најсилни поддржувачи на Македонија

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Аналена Баербок, сојузна министерка за надворешни работи на Сојузна Република Германија, која престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
На средбата се разговараше за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, партнерството во НАТО, ОН и ОБСЕ, македонските аспирации за членство во Европската Унија, како и за состојбите во поширокиот регион и за уставните промени.
Претседателот Пендаровски оцени дека Германија е еден од најблиски сојузници и најсилни поддржувачи на Северна Македонија на интегративниот пат кон ЕУ, а германските власти веќе три децении, во континуитет, ја демонстрираат посветеноста кон нашата држава и регионот.
Во тој контекст претседателот Пендаровски изрази очекување за натамошна силна поддршка за процесот на пристапување кон Европската Унија.
Македонија
МОН најавува рекорден буџет за финансиски стимулации на учениците и студентите

Министерството за образование и наука (МОН) обезбедува континуитет во унапредувањето на ученичкиот и студентскиот стандард, преку постојано зголемување на износите на постојните финансиски надоместоци и стимулации, но и воведување на нови кои во минатото не постоеја.
-Младите заслужуваат поддршка од државата која значи олеснување на семејниот и личниот финансиски товар и фокусирање кон вистинските цели на образованието – стекнување на што повеќе и поквалитетни знаења и вештини потребни за успешен настап и напредување на пазарот на трудот, информира МОН.
МОН и Владата, како што се наведува во соопштението, покренаа иницијатива за усогласување на износите на одредени категории на ученички и студентски стипендии, со што старите корисници со активни договори за стипендии ќе добиваат идентичен, зголемен месечен надоместок како и новите корисници.
-Исплатата ќе се реализира и ретроактивно, односно ќе следи надомест на разликата од изминатата учебна/академска година, како и за месеците од оваа учебна/академска година за корисниците со активни договори. За таа цел ќе се подготват спогодби, каде ќе биде регулиран начинот на ретроактивна исплата на стипендиите. За учениците и студентите чии договори се завршени, односно веќе го завршиле средното образование или дипломирале и правото на ученичка/студентска стипендија е искористено, дополнително ќе се утврдува правен основ за ретроактивно исплаќање на разликата, посочуваат од МОН.
Во меѓувреме, како што велат од МОН, се реорганизира и начинот на исплата, со цел учениците и студентите редовно да ги добиваат месечните надоместоци по основ на стипендија.
-Новини ќе има и во исплатата на субвенционираниот студентски оброк. Измените на постојното законско решение кои истото ќе го унапредат, се во собраниска процедура и по нивно усвојување, всушност ќе се обезбеди ново системско решение кое предвидува зголемување на износот на оброкот од 120 на 140 денари на ден, редовна исплата и регулирање на основот за кој средствата можат да се искористат, се истакнува во соопштението.
Од Министерство за образование и наука во соопштението посочуваат дека учениците и студентите се активни учесници во креирањето на политиките кои ги засегаат. – Така и ќе остане, бидејќи отвореноста, транспарентноста на институциите и интегрираниот пристап во дефинирањето на мерките и политиките, гарантираат носење на ефективни решенија, велат од МОН.