Македонија
Во „Синџир“ обвинети петнаесет лица вработени во УЈП
И покрај поднесениот обвинителен акт за предметот познат во јавноста како „Синџир“, предметниот јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција продолжи со постапување. Постапката е како резултат на индиции што произлегоа од доказите што Обвинителството ги достави до судот со поднесување на обвинителниот акт во предметот „Синџир“.
Врз основа на дополнително обезбедениот доказен материјал, Обвинителството, денеска, до Основниот кривичен суд Скопје, поднесе обвинителен предлог против петнаесет лица вработени во Генералниот даночен инспекторат на УЈП и во регионалните дирекции на УЈП во Скопје, Битола и во Прилеп. На сите обвинети им се става на товар дека сториле продолжено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластувањето, информираа од Обвинителството.
Станува збор за службени лица во Управата за јавни приходи, кои во посочениот период биле главни генерални инспектори или вршители на должност, нивни заменици, управници на регионалните дирекции, началници на даночни инспекторати и раководители на одделенијата за регистрација и утврдување даноци во регионалните дирекции, членови на телата за одобрување на ДДВ-побарувања со барање за враќање при регионалните дирекции, самостоен даночен советник за анализа на ризик и планирање контроли и инспектор за даночни обврзници.
Според дејствата содржани во диспозитивот на предлогот, обвинетите во периодот од 1.1.2019 до 31.12.2021 година како службени лица во Управата за јавни приходи, искористувајќи ист траен однос и исти услови, не ги извршиле својата службена положба и овластувањето, со намера да прибават за друг значителна имотна корист или на друг да му нанесат значителна имотна штета. Притоа постапиле спротивно на одредбите од Законот за даночната постапка, Законот за Управата за јавни приходи, правилникот за систематизација на работните места во Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, процедурата за надворешна контрола, упатството за одобрување и враќање даночно побарување за ДДВ и правилникот за внатрешна организација на Управата за јавни приходи. Така, во зависност од нивните службени овластувања, не ја организирале и координирале работата на Генералниот даночен инспекторат со функциите на регионалните даночни инспекторати во Скопје, Прилеп и во Битола, за некои од даночните обврзници не извршиле соодветно рангирање според степенот на ризичност и самостојно не издале налози за контроли, не изготвиле предлог-листи на даночни обврзници за вршење надворешна контрола, иако дел од обврзниците според степенот на ризик припаѓале во ризични даночни обврзници, каде што задолжително било потребно да се извршуваат надворешни контроли. Така, за некои од кривичноодговорните правни лица опфатени во предметот „Синџир“, кои како даночни обврзници поднесувале задолжителни даночни пријави и годишни завршни сметки во регионалните дирекции во Прилеп, Битола и во Скопје, по основ на непресметан и неплатен данок прибавиле значителна имотна корист во износ од 167.918.419 денари предизвикувајќи штета на УЈП во вкупен износ од 206.456.437 денари.
Заедно со обвинителниот предлог, имајќи ги предвид околностите поврзани за личноста на обвинетите, околностите под кои е сторено делото, особено имајќи предвид дека обвинетите се службени лица што во вршење на својата служба го имаат сторено кривичното дело и дека може да им бидат недостапни на органите на прогонот и на тој начин да го оневозможат непреченото водење на постапката, предметниот обвинител поднесе и посебен предлог со кој предлага судот за обвинетите да определи мерки на претпазливост. Воедно, укажувајќи дека во специјализирано судско одделение за судење кривични дела од областа на организирниот криминал и корупцијата при Основниот кривичен суд Скопје веќе се постапува по предмет оформен по обвинителен акт на ОЈО за ГОКК од 22.1.2024 година против физички и правни лица обвинети за кривични дела – злосторничко здружување од чл. 394 ст1 и 2, даночно затајување од чл. 279 ст. 2 в.в. ст. 1 чл. 45 и перење пари и други приноси од казниво дело по чл. 273 ст. 1 од КЗ, предметниот обвинител достави и посебен предлог да се спроведе единствена постапка и поднесениот обвинителен предлог да биде споен во веќе оформениот предмет. Како образложение на предлогот, Обвинителството укажа дека постои меѓусебна врска помеѓу извршените кривични дела сторени од страна на обвинетите наведени во обвинителниот предлог и кривичните дела сторени од страна на обвинетите наведени во поднесениот обвинителен акт, како и дел од доказите што веќе се доставени со претходно поднесениот обвинителен акт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Скопје е како Див Запад, вчера беше рането 19-годишно момче
Секоја вечер во нашите градови има нови инциденти, пукања, насилство и криминал, а вчеравечер во Чаир во пукотница е повредено 19-годишно момче со 4 прострелни рани, реагираат од СДСМ.
„Ова сведочи за целосната неспособност на министерот за внатрешни работи, Тошковски, и раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Улиците ни се претворија во Див Запад. Имаше пукање во Чаир, во Арачиново, се случи убиство кај Мавровка, а пред тоа пукања имаше и во Синѓелиќ, Батинци, Тетово, и на Пластичарска улица. За сите овие инциденти сторителите не се пронајдени, а од 10 убиства и обиди за убиства, Тошковски успеа да расчисти едвај еден случај. Граѓаните стравуваат за својата безбедност, а Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ се целосно неспособни да ги заштитат. За само 100 дена ова е еклатантен пример за неспособна власт каде криминалците прават што сакаат. Дали Мицкоски ќе покаже храброст и ќе го повика Тошковски на одговорност, или повторно ќе застане во негова одбрана?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДС го подготви најскандалозниот тендер за пругата кон Бугарија
„Владата на СДС го подготви најскандалозниот тендер за пругата кон Бугарија која завршува во тунел без излез, а чини 560 милиони евра, неспособноста завршува со нив, работиме 100 проценти одговорно за твојата иднина“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека за да одиме напред мора да знаеме факти за минатото.
„За да одиме напред мора да знаеме што ни остави претходната влада на СДС и ДУИ. Да видиме каде сме треба да знаеме од каде почнавме и што наследивме? За да оцениме дали сме задоволни треба да знаеме што се случувало? Каква држава остави владата предводена од СДС? Држава која тоне во корупција и криминал, скандалозни тендери, руинирани институции, Македонија на дно во регионот по сите параметри и што уште не, листата е долга. Во низата скандалозни тендери се и оние на Македонски железници и Државни патишта. Станува збор за тендери за пругата кон Бугарија и патот Прилеп – Градско. Станува збор за најскап тендер за пругата кон Бугарија која завршува во тунел без излез, а вредноста е зголемена за 220 милиони и изнесува 560 милиони евра наместо првично предвидените 340 милиони евра. Овој начин на работа, вакво трошење на народните пари останува во минатото. Неспособноста завршува со нив, работиме 100 проценти одговорно за твојата иднина“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји трчаат на денешниот маратон во Скопје
На претстојното 20-то јубилејно издание на Виз Ер Скопски Маратон, што ќе се одржи денеска, ќе учествуваат рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји. Како што соопштија организаторите на маратонот, одредени улици ќе бидат целосно или делумно затворени за сообраќај во периодот на одржување на маратонот, а променетиот режим ќе биде на сила до завршувањето на маратонот, до 14 часот.
Целта на сите трки е на Плоштад „Македонија“. Локација за старт на сите трки e Собрание. Време за старт на сите трки e 08:00 часот, но организаторите апелираат тркачите да дојдат барем 20 минути порано. При влез во старт зоната, се апелира секој тркач да влезе во соодветниот бокс за својата трка или таргет време што го има одбрано при процесот на регистрација, сѐ со цел да не се создаваат турканици. Тркачите на маратонската, полумаратонската и штафетната трка ќе тргнат во правец кон Католичка црква, а тркачите на трката Комерцијална Банка 5км ќе трнат во правец кон Црвен Крст.
Патеката за маратонската трка, полумаратонот и штафетната трка, ќе стартува на улицата „11 Октомври“ пред Собранието и тргнува во правец кон запад по улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Тркачите ќе трчаат право во двете насоки до крај на овој булевар и продолжуваат право по ул. „Васил Чакаларов“, каде по семафорите во населба Хром, ќе свртат полукружно и ќе се вратат во правец кон центар по истите улици и булевари. Кога ќе се враќаат тркачите кај Собрание, ја продолжуваат трасата по улица „11 Октомври“ кон Црвен Крст и ќе свртат кај Тутунски комбинат лево на бул. „Крушевска Република“ и десно на „Трета Македонска Бригада“. По неа ќе се трча до крстосницата кај Американ Колеџ и ќе се врти лево по улица „Васко Карангелески“. Потоа ќе трчаат право сѐ до крстосницата со бул. „Јане Сандански“. На крстосницата ќе се врти десно и ќе се трча сѐ до крстосницата со бул. „Србија“, каде, пред неа се врти полукружно во истата коловозна страна (другата страна од булеварот е слободна за сообраќај во правец кон Центар) и ќе трчаат до пред крстосницата кај Тобако 2. Тркачите полукружно ќе се враќаат до крстосницата кај Сансет, ул. „Васко Карангелески“, десно до крај и повторно десно ќе излезат на „Трета Македонска Бригада“. Трчаат по истата патека до Собрание, полумаратонците финишираат на Плоштад „Македонија“, а маратонците трчаат уште еден круг.
За патеката за трката на 5 км, стартот е пред Собранието, по кое натпреварувачите ќе трчаат во правец на населба Аеродром, односно кај Тутунски комбинат ќе свртат лево, по „Трета македонска бригада“ и кај Супермаркетот „Тинекс“ ќе свртат полукружно и по истата траса назад до целта – плоштад „Македонија“.
Организаторите на „Виз Ер Скопскиот маратон“ ги замолуваат сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци и да ги користат алтернативните решенија за сообраќај. Исто така, СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива трката.
Главен покровител на Скопскиот маратон е Министерството за спорт, а покровители се Град Скопје и Делегацијата на ЕУ во Скопје.