Македонија
Во скопската населба Маџари диво работел магацин за храна: АХВ и МВР спречија пуштање во промет повеќе од 40 тони небезбедни сувомесни производи

По добиено известување од Министерството за внатрешни работи дека во скопската населба Маџари, диво работи магацин за храна, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со полицијата спроведе вонреден инспекциски надзор во див објект каде била складирана храна од животинско и од неживотинско потекло. Во објектот кој служел како магацин за храна, а кој не е регистриран во АХВ како оператор, инспекциските служби на Агенцијата нашле 40.751 килограми небезбедни производи (сувомесни и кондиторски производи), за кои е издадено решение и кои се нештетно уништени, извести АХВ.
Дополнително, во дворот на дивиот магацин, од страна на МВР запленето е превозно средство- комбе, во кое се пронајдени 360 килограми небезбедни сувомесни и кондиторски производи, кои исто така се нештетно уништени.
За расчистување на овој криминал, во рамки на постапката, а со цел прибавување на сите потребни информации, АХВ спроведе контрола и кај увозникот на небезбедните сувомесни производи затекнати во дивиот магацин. Обезбедена е целокупната документација за реализираните увози, како и за следливоста на пратките, за период од последните шест месеци.
Со анализа на документацијата, утврдено е дека дел од производите биле со зголемено количество на фосфати, што било потврдено со лабораториски наоди од земени мостри од пратките кои се увезувале во земјава, а кои биле анализирани во рамки на мониторинг програмата за храна од увоз на АХВ. Пратките со небезбедни сувомесни производи биле складирани кај дистрибутерот (во дивиот магацин), кој имал законска обврска нештетно да ги уништи, но, тоа не го сторил, односно за нив од страна на овластена депонија му било издадена фиктивна потврда за уништување на небезбедните производи.
При спроведениот инспекцискиот надзор во објектите на дистрибутерот, затекнати биле сувомесни производи во вкупна количина од 40.053 килограми, кои биле ставени под официјален надзор, а подоцна во рамки на постапката и нештетно уништени. За сторен прекршок неусогласеност со барањата за безбедност на храната и за преземените постапки за спречување на ризик по здравјето на потрошувачите, на правното лице кое стопанисувало со дивиот магацин за храна, изречена му е казна од 18 илјади евра во денарска противвредност. Со 1500 евра во денарска противвредност, казнето е и одговорното лице на операторот со храна, соопшти АХВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Викендов облачно време со дожд

Утре и во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи, информира УХРМ.
Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.
Во понеделник ќе има повремен локален дожд, а од вторник стабилизирање на времето.
Македонија
(Видео) Трајчулески до Мицкоски: Дали се разводнува истрагата за Кочани за да се заштитат актуелни функционери?

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до премиерот Христијан Мицкоски, кое се однесуваше на страшната трагедија во Кочани, која однесе 62 млади животи и над 100 повредени. Според него, за несреќата се води селективна истрагата и се штитат актуелни функционери.
„После повеќе од еден месец можеме јасно да заклучиме дека кај највисоките владини функционери не постои морална вертикала, дека не постои чувство на морална одговорност и затоа денес немаме ниту една оставка од морални причини. Ова е поразително за една влада после несреќа од вакви размери и со толкав број на изгубени човечки животи. Но за моралот не се дискутира, човек или го има или го нема. Вториот заклучок е водење на селективна истрага која во суштина треба да ги заштити сегашните носители на високи позиции во министерството за внатрешни работи, државниот пазарен инспекторат и други институции од нивната одговорност“, рече Трајчулески.
Според него, целокупното водење на истрагата само ја потврдуваат тезата за контаминираност на истрагата и обид со разводнување на истата да се прикрие директната одговорност на оние кои требало да превенираат и да спречат.
„Ширењето на истрагата со децении наназад е само обид да се задоволи јавноста за сметка на откривањето на директните виновници за пожарот во дискотеката. Неуспешен ќе биде обидот да се префрли целосната вина единствено на лица кои се индиректно врзани за последицата и кои биле носители на одредени функции пред повеќе од 10 години, а во исто време да не се повикаат на одговорност оние кои направиле сериозни пропусти во моментот на случување на несреќата“, рече Трајчулески.
Македонија
Локалните избори треба да се распишат во јули или август

Кон крајот на јули или почетокот на август треба да бидат распишани локалните избори, брифираше претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во врска со интерпелацијата за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, поднесена од пратеничката група на Левица, Гаши информираше дека се очекува да биде ставена на следната пленарна седница, на 29 април, како прва точка на дневниот ред.