Македонија
Во Скопје поради Ковид-19 хоспитализирани 52 лица во еден ден

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 52 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, информираат од Министерството за здравство.
Oд таму додаваат дека вкупно 437 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
„Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 24 приеми и тоа пет пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца во ковид-центарот на Клиниката за Неврологија, двајца болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, исто толку и на Клиниката за гастроентерохепатологија и на Клиниката за очни болести, тројца болни на Клиниката за Нефрологија и седум во ковид-центарот на Клиниката за уво, нос и грло. Во ковид-центарот во болницата 8 Септември имало 13 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника имало нови 11 приеми во тек на вчерашниот ден“, се наведува во соопштението.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 68 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 14 пациенти, на Клиниката за неврологија 31 болен, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 42 пациенти со симтоми на корона вирусот.
На Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 22 лица, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 24 пациенти, на Клиниката за очни болести 12 пациенти, а на Клиниката за уво нос и грло 12 болни.
Во 8 Септември има вкупно 105 пациенти, на Клиниката за инфективни болести лежат 152 болни додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 23 пациенти, од кои 10 деца и 13 возрасни.
„Вкупно 437 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка“, посочуваат од ресорното Министерство.
И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 70-тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во 8 Септември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Судскиот совет ја разреши Татјана Михајлова поради несовесно работење

Судскиот совет ја разреши судијката Татјана Михајлова од судиската функција поради нестручно и несовесно работење. Постапката против неа се водела година и половина, а носењето на одлуката се оддолжило поради тоа што таа не доаѓала на закажаните расправи. Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, кажа дека несовесното работење е поврзано со примената на АКМИС-системот.
„Нашата одлука да се разреши од функцијата судијка во судот, поради повредата на одредбите од судскиот деловник, во однос на примената на АКМИС системот. Подетално за предметот не можам да кажам, бидејќи мора да ја почитуваме пресумцијата на невиност. Кога одлуката ќе стане правосилна, ќе објавиме и во Службен весник. Судијата е разрешен поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Постапката против судијата се водеше околу година и половина, една причините за тоа е што конкретниот судија не доаѓаше на закажаните расправи. Нестручното работење е утврдено за период од пред две до три години“, рече претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев.
Судијката Татјана Михајлова ја извршуваше функцијата вршител на должност претседател на Кривичниот суд од 5 декември 2016 година, откако на поранешниот претседател Владимир Панчевски мандатот му истече на 4 декември, но повторно се кандидираше за истата позиција. Таа во 2018 година поднесе оставка од функцијата.
Михајлова беше судијка во предметот „Насилство во Центар“ на Специјалното јавно обвинителство. Откако беше прераспределена во друг оддел на судот, предметот се судеше одново. Таа беше и истражен судија во случајот „Ликвидација“, каде меѓу другите, осуден на четири и пол години затвор беше и новинарот Томислав Кежаровски.
Македонија
Нови сообраќајни знаци во близина на градинките и училиштата во Центар

Во Центар продолжуваат активностите за заменување на старата и оштетена вертикална сообраќајна сигнализација на улиците што се под надлежност на оваа скопска општина.
Денеска, општинските служби ја обновуваат вертикалната сообраќајна сигнализација на улицата Тасино Чешмиче, во зона на детската градинка „Кочо Рацин“ – објект „Панорама“.
Деновиве поставени се нови сообраќајни знаци и на други улици во зони на основни училишта и градинки, и тоа на „Мирче Ацев“, во непосредна близина на ОУ „11 Октомври“, на улицата Стив Наумов, во близина на детската градинка „Р. Ј. Корчагин“ – објект „Пепелашка“ и на улиците 29 Ноември и Радњанска, во близина на ОУ „Коле Неделковски“.
Од Општината нагласуваат дека со овие активности се олеснува ориентацијата и се нормализира движењето на учесниците во автомобилскиот сообраќај, а се зголемува степенот на безбедност на родителите и децата што престојуваат во детските градинки и посетуваат настава во основните училишта.
Македонија
(Видео) Мисајловски: Дали тајната смена на член на Комисијата е притисок врз другите да ги прифатат историските невистини?

Премиерот Зоран Заев должи одговори зошто е сменет член на историската Комисија, посочи денеска на прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
Тој јавно запраша дали со тоа се прави директен притисок и врз другите членови за прифаќање на, како што рече, историските невистини и дали премиеорт сака од Комисијата, наместо историски орган, да направи политички орган.
„Владата и Заев да одговорат дали тајната смена на членот на историската Комисија не е притисок врз одлучувањето и увертира во ново попуштање на сметка на интересите на Македонија. Зошто се крие смената на членот на Комисијата. Историјата е јасна. Науката е јасна. Чепкање во македонскиот идентитет, јазик и историја не смее да има“, порача партискиот потпретседател.
Мисајловски воедно потсети на изјавата на бугарскиот министер Каракачанов дека во игра бил анекс на постојниот договор од 12 точки и рече дека до денес нема информации за демант на македонската Влада додавајќи дека врз осова на тоа може да се заклучи оти Заев преговара за анекс на договорот во кој се вклучени елементи од нашиот идентитет, историја и јазик.
На крајот, потпретседателот на опозициската партија порача дека историските комисии треба да преговараат необременети од политички притисоци, а идентитетските обележја не смеат да бидат на маса на преговори.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија1 месец
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира
- Македонија4 недели
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот