Македонија
Во судницата се читаа пораки на Рашковски, кој имал прекар „Перо 078“, и Станчев од фирмата „Инвока“

Ексгенералниот секретар Драги Рашковски обвинет за набавката на софтвери, кабини и камери на наместена јавна набавка од фирмата „Инвока груп“ имал псевдоним „Перо 078“. Во судницата започна читањето на пораките кои ги разменувале обвинетите, а со кои обвинителката Ивана Трајчева докажува дека софтверот на Рашковски за сообраќајни прекршоци бил набавен од Генералниот секретаријат на Владата во наместена постапка.
Првата комуникација на „Вибер“ е помеѓу Даниел Станчев и обвинетиот Драги Рашковски запишан (мемориран) со латинични букви „Перо 078“ и обвинетата Ирена Ивановска запишана со латинични букви „Ирена 070“. Станува збор за разговор во група кажа Трајчева и ги презентираше пораките.
Првата порака е од 5 јули 2019 година и е со содржина: „Нова аудиобомба за Рашковски_потивко-не смееме да разговараме со Рашковски“. Од „Перо 078“ пораката е: „Чувај ја таа кај тебе. Како доказен материјал“. Следната порака е од „Ирена 070“ која праќа насмевка (емотикон). Потоа, пишува Даниел Станчев : „Кој е крив, Рашко е крив. Во пензија е Б.Ц., треба нов“. Следната е од „Перо 078“: „Перо е крив“. Даниел Санчев враќа: „Да аплицираме со Инвока и ФИНГИ, така? Нема измени?“. Следната е од „Перо 078“, датумот е исти: „Па може“. Следната е од Даниел Станчев: „И да нè зборат, ќе нè зборат за пари, не дека сме се посрале“. Следната порака е „Перо 078“: „Тешко ќе ја направат спојката. Трајче ќе го јаде. Трајче и Перо“. Даниел Станчев враќа: „Перо 50к за проектот за утре. Или повеќе, па да спуштаме?“. „Перо 078“ пишува: „COOB?“ Следната е од Даниел Станчев: „Да“. Потоа „Перо 078“: „Макс“. Станчев: „Нема буџет, ние треба да ставиме од нас“. „Перо 078“: „Има предвиден“. Станчев на ова враќа линк од страницата на Бирото за јавни набавки и пишува: „Падна сајтот на БЈН. Ова го немаше Гоко кога беше директор“. „Перо 078“: „Игор знае колку е буџетот“. Станчев испраќа слика од страната на Бирото за јавни набавки каде освен „Инвока“ има и понуди од други две фирми и пишува: 1.2 и 5.2. конкуренција“. „Перо 078“: „Знам. Ќе ја поништиме“. Станчев: „Има грешка со барањето за цена. Пишано е цена на месец а не вкупна цена“.
Комуникација помеѓу обвинетиот Даниел Станчев и обвинетиот Игор Христов заведен како „Игор сервер“ исто така беше читана во судницата. И овие пораки ги презентираше обвинителката Ивана Трајчева.
Првата порака е од Даниел Станчев: „Здраво Игор. Кој е буџетот за сооп? За утре?“ на што „Игор сервер“ враќа: 3.6. Станчев вика: „Со ДДВ?“, „Игор сервер“ вика: „Не“. Станчев вика: „3.6 го пишува“. „Игор сервер“: „Да ама стај го 4“. Станчев враќа: „Паднат е БЈН“. „Игор сервер“: „Не. Не пишува“. Даниел Станчев: „4+ДДВ?“. „Игор сервер“: „Да“. Даниел Станчев: „ДДВ 18 отсто?“. „Игор сервер“: „Не, 5%“. Станчев: „Нема превентивно“. „Игор сервер“: „Не. Има една година гратис после тоа“. Станчев испратил слика од страната на БЈН каде се гледаат понудувачи и тоа правни лица Инвока, Кинг и Лирекс. „Игор сервер“ пишува: „Кој е прв?“. Станчев вратил: „Лирекс 1.25, Инвока 4.2 м“. „Игор сервер“ прашува: „Кинг?“, а Станчев враќа слика од БЈН каде се прикажува предмет на јавна набавка за кој Трајчева вели дека софтверот за безбедност во сообраќајот и изрекување на казни. Потоа, Станчев пишува: „Сигурно ќе има бодување или да исфрлат за неисполнување услови“.
Потоа, беше презентирана и комуникација од „Вибер“ помеѓу Даниел Станчев и обвинетиот Ивица Димитровски. Пораките се разменувани во 2019 година.
Димитровски пишува: „Даниел како си? Да не треба нешто од ФИНКИ за проектот со камерите или после ќе потпишеме договор?“. Станчев: „Здраво Ивица. Ќе треба да потпишеме договор со ФИНКИ за референци за системите со 400к корисници. Тоа е најважниот детаљ. Кога може да се слушнеме“. Димитровски: „Сега сум на некој ручек, да се слушнеме попладнево. Накај 17ч?“. Станчев: „Ќе ти пишам, ние сме на одмор до 19“. Димитровски: „Аха… Јас во петок одам на одмор“. Станчев: „Немам интернет постојано. Сабајле би можеле“. Димитровски: „Може и сабајле“. Даниел Станчев: „8-9“. Димитровски: „Може 9“. Станчев: „Договорено“. Димитровски: „Договорено“. Станчев: „Се слушаме позз“. Димитровски: „Се слушаме“. Станчев следниот ден пишува: „Добро утро“. Димитровски враќа: „Добро утро“. Станчев враќа: „Call?“. Димитровски: „Може“. Станчев: „Да ти се јавам?“ Димитровски: „Може, да. Се консултирав со правникот“. Станчев: „?“. Димитровски: „Тој вика дека мора специфичен договор за конкретна работа ако сакаме да ги користиме референците на ФИНКИ. Има ц-опст, нема да брка работа“. Станчев: „Аха. Океј. Нека го направи како треба. Инвока Гропуп ДООЕЛ Скопје“. Димитровски: „Ај ќе зборам со него, дали може нешто да склопи. Ама сега читам тоа се критериуми за квалитет, уствари, поени“. Станчев: „Да“. Димитровски: „Ех може ли без нив да се добие валјда“. Станчев: „Тука добиваме пошто цената е 80 отсто. Има конкуренција“. Димитровски: „Аха повеќе ако се јават“. Станчев: „Е ќе се јават. Еве детали од фирмата. Друштво за инженеринг информатика и дигитален дизајн Инвока Гроуп ДООЕЛ Скопје со седиште на Димо Хаџи Димов 15А/7, 1000 Скопје, со ЕМБС 7209347 и ЕДБ…. застапуван од управител Трајче Станчев ….. Излегувам, ако има нешто пиши СМС или јави се кај Ирена. Позз“. Димитровски: „Ок“. Димитровски повторно му пишува и му праќа договори со ФИНКИ: „Еве го договорот што го спреми нашиот правник. Може да го погледнеш. Еве ги договорите“. Следната порака е од Димитровски: „Поставивме прашања дали одржување вклучува хостирање, треба да се види ова точно. Погледни па може да се чуеме. Јас утре од сабајле сум на работа, погледни го ако е во ред, да го потпише деканот. Треба сметка да се пополни, од некој од членовите. Ќе го оставам во архива за да го земеш. Ќе ги средиме утре и другите документи. И за ФИНКИ треба изјава и од УЈП документите. Па ќе ти ги пратам и нив“. Следната порака е од Даниел Станчев: „Здраво Ивица. По одржување веројатно не би требало хостинг, приватна фирма како би одржувала апп ако е на владин сервер?“. Димитровски: „Да се чуеме, можеш?“, а Станчев: „Да“. Потоа, Станчев пак пишува: „Ок е, јави ми“. По 7 денови од овие пораки, Станчев му пишува на Димитровски: „Со која цена ќе аплицираме?“. Димитровски враќа: „Цената за ФИНКИ е 50.000 плус ДДВ“. Станчев: „Немаат цена на тендерот“. Димитровски: „Не. Според новиот закон не мора да се даде проценка“. Станчев: „Ако немаме конкуренција, колку и да се стави, ќе се добие. Ќе го прашам другиот колега за сигурно“. Димитровски: „Успеа ли да ги средиш сите документи, договорот беше во архива на ФИНКИ“. Станчев: Да, сега поднесувам“. Потоа, Станчев известил дека ја поднел понудата, како и дека има конкуренција.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ побара да не се читаат пораките на неговиот клиент.
„Ние го оспоривме начинот на создавање. Кога ќе дојде до делот на Игор Ивановски, предлагам да се смета за изведен“, рече тој.
Во тек е пауза, по што рочиштето ќе продолжи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Со враќање на полициските редари се зголемува безбедноста во секое маало во Центар

Во соработка со Министерството за внатрешни работи, во секое маало во Општина Центар се враќаат полициските редари-позорникари. Оваа информација пред граѓаните во населбата Пролет ја сподели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој во присуство на двајца полициски службеници и инспектор за превенција на криминалитет при СВР Скопје, рече дека со овие маалски патроли, кои се враќаат најпрво во Општина Центар, ќе се зголеми безбедноста и спокојот на граѓаните.
„Враќањето на позорникарите во маалата беше барање но и реална потреба за граѓаните и мило ми е што со МВР успеавме да го реализираме. Отсега секое маало во Општина Центар ќе биде покриено со 1 до 2-ца позорникари кои ќе патролираат и ќе ги заштитуваат граѓаните. Доколку ги сретнете низ вашето маало запознајте се и побарајте совети како да го заштитите вашиот дом од кражби, кои се сѐ почести во летниот период. Во минатото маалските полицајци беа симбол на безбедноста во едно маало, а родителите беа сигурни да ги пуштаат децата на улица безгрижно да играат. Се надевам дека оваа сигурност повторно ќе ни се врати, затоа што полицајците позорникари ќе бидат нашите пријатели – заштитници “, рече Герасимовски пред граѓаните.
Полициските службеници пред граѓаните споделија основни совети за подигнување на безбедноста на домовите, при што ги поттикнаа доколку приметат нешто сомнително, да го пријават на телефонскиот број 192.
Инаку, маалскиот-полицаец треба да превенира и да обезбеди безгрижна детска игра надвор и безбедно враќање на тинејџерите дома. Тој го заштитува животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, спречува извршување на казниви дела и загрозување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, укажува потребна помош и заштита на граѓаните и врши набљудување на подрачјето и безбедносната состојба во населбата.
Македонија
Сончево и ветровито со температури до 26 степени

Времето денеска ќе биде сончево со слаб до умерен ветер од северен правец. Поради разведрувањето утринските температури ќе бидат ниски за овој период од годината. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени. УВ=7
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Ќе се задржи стабилно и утре со пониски утрински температури, а дневните од сабота ќе бидат значително повисоки. Локална појава на нестабилност проследена со пороен дожд и грмежи ќе има во недела.
Македонија
МПЦ и СПЦ на заедничка литургија во Белград

Поглаварот на Српската православна црква Порфириј доцна синоќа го пречека македонскиот – господин господин Стефан и тројца највозрасни митрополити. Тие денеска во Белград ќе одржат заедничка литургија. Одлуката вчера ја донесе Светиот синод на МПЦ.
Владиката Тимотеј очекува до крајот на месецот да се заокружи постапката со нашето барање автокефалност, како предлог на Српската црква и со согласност на сите православни цркви.
Пред два дена, Српската православна црква соопшти дека го обновува канонското единство со Македонската црква-Охридска архиепископија и признава статус на најширока автономија.
Од МПЦ тврдат дека во барањето автокефалност никогаш не сe откажале од Македонска во името на нашата црква.