Македонија
Во Тетово се одржа втората јавна трибина посветена на дигитализацијата
Министерството за информатичко општество и администрација, продолжи со организација на повеќе настани во областа на дигитализацијата.
Во Тетово се одржа втората јавна трибина на тема „Дигитализација на јавните услуги“, на која се обратија министерот Дамјан Манчевски и градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, потоа професорот Азир Алиу како претставник на академската заедница и Бобан Милосавлески од бизнис-заедницата.
На трибината се зборуваше за дигитализацијата на земјата, како и за нејзината улога во професионализaцијата на јавната администрација.
Според Манчевски, целта на овие јавни трибини е покрај граѓаните, исто така и институциите да бидат запознаени со сите можности во однос на електронските услуги.
„Денеска имаме 128 електронски услуги што ги нудиме, од кои 70 беа постојни, но ги интегриравме на едно место на uslugi.gov.mk, а 58 се нови и оваа бројка ќе расте“, рече министерот Манчевски
Министерот се осврна на проектите на МИОА во однос на дигитализацијата и процесот што водеше до електронските услуги. Посебен фокус беше ставен на Националниот портал за електронски услуги како електронска платформа достапна на https://uslugi.gov.mk, преку која на граѓаните им се овозможува да добијат информации за јавните услуги и да користат е-услуги од надлежни органи, значително олеснувајќи го административниот процес.
Градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, од своја страна рече, дека проектите за дигитализација треба да се користат што е можно повеќе оценувајќи дека тие се многу значајни за локалната самоуправа.
На трибината говореше и професорот Азир Алиу од Факултетот за современи науки и технологии, кој, меѓу другото, се осврна на дигитализацијата како неопходност во наставниот процес, но и современото живеење.
Бобан Милосавлески од компанијата „Алтиус солушнс“ се осврна на придобивките од е-услугите, особено во однос на бизнис-заедницата, како и нивните искуства во таа насока.
На денешната втора јавна трибина се обрати и ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети, кој ги поздрави присутните. Тој исто така се осврна на дигитализацијата како неопхопдност и на придобивките од овој процес.
Инаку, денеска беше отворен и регистрацискиот пулт во рамките на Општина Тетово, каде што граѓаните кои нема да можат сами да се регистрираат на порталот за е-услуги, тоа ќе го направат со помош на овластено службено лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Скопје санкционирани 179 возачи
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (19.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 179 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 51 санкција, 11 мерки за возење без возачка дозвола, осум санкии за поминување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за управување под дејство на алкохол…
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи
Поради предизборни митинзи за претседателските избори викендов во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Како што информира Министерството за внатрешни работи од денеска од 19 часот до утре до 21 часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на митинг што ќе се одржи утре во 13 часот пред седиштето на Европската унија. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосницата со бул.„Кочо Рацин“ до крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“.
Утре во 20 часот на плоштадот „Македонија“, пак, ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори поради што Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.
Македонија
Во вторник предизборен молк, до тогаш продолжува презентацијата на изборните програми
Во рамки на кампањата за парламентарните избори, која почна во четвртокот, и денеска кандидатите за пратеници во шесте изборни единици ќе ги претстават своите платформи пред граѓаните во повеќе делови од државата. Во исто време продолжува и кампањата за претседателските избори, чиј прв круг ќе се одржи в среда, на 24 април, додека вториот круг треба да се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.
Кандидатот за претседател поддржан од коалицијата на СДСМ Стево Пендаровски во рамки на изборниот караван денеска ќе ги посети жителите на Ново Село, Босилово, Василево, а митинзи ќе одржи во Радовиш и во Струмица.
Кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Македонска Каменица, Пехчево, Берово и Делчево.
Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски и коалицијата „Храбро за Македонија“ ќе одржат митинг во скопската населба Карпош, а кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија Максим Димитриевски ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Ресен, Претор, Новаци и во Битола.
Во рамки на третиот ден од кампањата за парламентарни избори, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски ќе биде меѓу граѓаните на Брвеница и на Тетово.