Македонија
Испитниот центар бара повисоки плати: „Наставниците почетници се поплатени иако ние им ја оценуваме способноста“

Сојузот на синдикатите го поддржа протестот на вработените во Државниот испитен центар, кои повеќе од шест месеци бараат зголемување на платите за 25 отсто и измена на колективниот договор.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, рече дека добрата волја што вработените во Државниот испитен центар ја покажале во минатото, особено кога го прекинаа штрајкот за да се полагаат матурските испити, не даде резултат, а Министерствата за образование и финансии ги излажале и ги манипулирале вработените.
„Револтот на нашите колеги е оправдан. Ветувањата на институциите во минатото не беа исполнети, а сега ги убедуваат да го почекаат новиот закон за административни службеници и тоа би значело дека во март повторно нема да им се зголемат платите. Манипулацијата е несериозна од претставниците на власта. Малиот број луѓе вработени тука може да стане проблем во образованието“, рече Трендафилов.
Последниот одговор што Државниот испитен центар го добил од Министерството за финансии укажува на системско решение, што би зналечо дека ќе треба да чекаат до март 2024 година, а од Државниот испитен центар појаснуваат дека со оглед на тоа што институциите зборуваат за нов закон за административни службеници за кој немало јавна дискусија, никој не знае што пишува во законот и сѐ се сведува на манипулација.
Од почетокот на штрајкот вработените во Државниот испитен центар добија 10 проценти покачување, но платата сѐ уште е далеку од нивните очекувања.
„Нашите плати со тоа 10 отсто покачување беа под 30.000, а сега советничка плата е 30.000. Наставникот почетник, тоа не е исто ниво со советник во Државниот испитен центар, туку е едно ниво пониско, виш соработник би било нивото, има 35.000 денари. Тој наставник правото на лиценца за полагање го стекнува пред вработени и советници на Државниот испитен центар. Тој што оценува дали е наставникот способен има пониска плата од него“, појаснија од Државниот испитен центар додавајќи: „Во овие седум месеци добивме К15, што досега го немавме. Ќе останевме и без тоа ако не се боревме“.
Велат дека се работи за само 29 вработени, а работата што ја работат е сериозна и одговорна, но тоа никој не го цени.
Од надлежните институции, Министерството за образование и Министерството за финансии очекуваат дека ќе имаат слух и ќе седнат на преговори. Генерално, на средбите сите се согласуваат дека платите во Државниот испитен центар се ниски, но договор сѐ уште нема.
Во моментот, поради штрајкот, сопрени се стручните испити за наставници приправници и стручни соработници, а пријавените 700 кандидати ќе треба да ја почекаат следната сесија в година. Истовремено, ако не се изнајде договор за платите, и годинава во прашање ќе биде ставено полагањето на државната матура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нерешено кај уставните судии за измените со кои на независните кандидати ќе им биде потешко да влезат во изборна трка

Уставниот суд не донесе одлука за предметот за оспорените членови на Изборниот законик (ИЗ) со кои се штитат од конкуренција големите партии, на штета на независните граѓански организации и групи избирачи. Согласно спротивставените размислувања на судиите, кои беа изнесени и во текот на седницата, но и при гласањето дојде до изедначување на гласовите, имајќи во предвид дека денеска на седница беа присутни 8 од вкупно 9 судии, информираа од Уставен.
Ова значи дека дискусијата е исцрпена за овој предмет, но, постапката и понатаму останува отворена, по што Судот во полн состав од 9 судии ќе гласа за предметот наредната седница.
Подносители на иницијативата се Лилјана Поповска, Ѓорѓи Танушев, Костадин Ристоманов, Стојанчо Велков, Невена Георгиевска, Татјана Стојановска, Дејан Димитровски, Драгана Велковска, Горјан Јовановски, Јана Белчева-Андреевска, Јане Димески преку полномошник адвокатска канцеларија Петрушева.
Подносителите сметаат дека со оспорените членови се прави измена на членовите 61 и 62 од Изборниот законик , кои се однесуваат на условите за поднесување листи на независни кандидати за пратеници, како и за членови на совети и градоначалници. Се тврди дека е драстично подигнат прагот за поднесување на независни граѓански листи на изобри на 1 % од гласачкото тело, што според нив предизвикува нееднаква положба на граѓаните при здружување во иницијативни групи за поднесување на независни листи за учество на изборите. Се наведува дека овие измени создале нееднаквост на граѓаните и дискриминација во корист на партиите, имајќи предвид дека секоја партија која исто така претставува група граѓани, може да поднесе листи со кандидати, а е регистрирана со 1000 гласачи. Дополнително, според подносителите спорно е што измените се донесени во нетранспарентна и скратена постапка, без претходни консултации и јавна расправа.
Македонија
Симулациска вежба на македонската и грчката полиција за прекугранична контролирана испорака

Директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи Александар Јанев денеска во Дојран присуствуваше на средбата по повод вчера одржаната симулациска вежба за прекугранична контролирана испорака, што во организација на мисијата на ОБСЕ во нашата земја беше реализирана од страна на македонските и на грчките полициски служби.
Симулациската вежба, во која што од македонска страна учествуваа полициски службеници од повеќе организациони единици при Министерството за внатрешни работи, примарно беше насочена кон надградба на оперативните механизми и протоколи за операции во рамки на граничната соработка, како и детектирање на областите за подобрување на интероперабилноста, споделувањето разузнавачки информации и друго.
Јанев го поздрави одржувањето на вежбата, констатирајќи дека меѓуграничната соработка на полициските служби на двете држави е важна како за натамошно подобрување на билатералната соработка, така и во поглед на градењето на заеднички европски систем во сферата на интегрираното гранично управување.
Македонија
(Видео) Цветановски: Продолжува голготата на онколошките паценти, не работи единствениот државен ПЕТ-скенер

Со месеци трае хаосот во македонското здравство поради неспособноста на Таравари и ДПМНЕ. Најпогодени се онколошките пациенти, чии животи се загрозени поради катастрофалниот менаџмент, вели Симона Цветановски, членка на извршниот одбор на СДСМ.
„Катастрофални услови, неизвесност, чекање, недостиг на кадар, голготата што ги засега пациентите од целата држава продолжува. Веќе со недели недостига биолошката терапија на Клиниката за онкологија, а сега еден месец не функционира ниту единствениот државен ПЕТ-скенер“.
Поради ова, како што наведува, пациенти од целата земја, чии терапии директно зависат од оваа дијагностичка процедура, се оставени без неопходното скенирање.
Според неа, наместо соодветен третман во јавното здравство, тие се принудени да бараат алтернативни решенија во приватните болници, каде што цените се екстремно високи, или во здравствени установи во регионот, што дополнително го зголемува нивниот финансиски и психолошки товар.
„Министерот Таравари и Владата на ДПМНЕ покажуваат целосна неспособност во управувањето со здравствениот систем, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните и пациентите. За ова мора да има одговорност“, нагласува таа.
СДСМ бара одговорност од директорката Невена Маневска и од министерот за здравство, Арбен Таравари.
Министерството за здравство мора, додава Цветановски, веднаш да ја стави во функција дијагностичката апаратура и да обезбеди континуирано снабдување со неопходните терапии.
Граѓаните, како што оценува, не смее да бидат жртви на неспособноста и негрижата на оваа власт!